204/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Уредбата за чиновите во Армијата на Република Македонија донесена од Претседателот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” – Посебен службен весник” 13/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот кој се однесува на целовитоста на оспорената Уредба.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 52 став 2 од Уставот. Имено, Уредбата била објавена во “Посебен службен весник”, а не во “Службен весник на Р.М.” на кој начин се исклујчувала јавноста.

Исто така подносителот смета дека со Уредбата не е уредено прашањето колку време припадниците на Армијата треба да ги носат пропишаните чинови и се уште немало пропис со кој се предвидени условите и начинот за унапредување во повисок чин.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба била донесена од Претседателот на Република Македонија врз основа на член 45 став 6 од Законот за одбрана и со неа се пропишуваат чиновите во Армијата на Република Македонија.

Имено, во член 2 од Уредбата се предвидени чиновите во постојаниот состав на Армијата.

Во член 3 се утврдени чиновите за време на образование на кадри за потребите на Армијата и обука за одбрана.

Во член 4 се утврдени чиновите во резервниот состав на Армијата.

Во член 6 е предвидено дека Уредбата влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” – Посебен службен весник”. Исто така, Судот утврди дека по предметот У.бр.241/96 со Одлука од 14 мај 1997 година ги укинал членовите 2, 3 и 10 од Законот за објавување на законите и другите прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80) и Уредбата за начинот на издавање и користење на “Посебниот службен весник на СРМ” (“Службен весник на СРМ” бр.18/81).

5. Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, според став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 од овој член на Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Самото, пак, објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Како еден од основните елементи на правната сигурност на граѓаните, иако самото нивно објавување не претставува правен акт, тоа предизвикува други бројни правни последици од донесениот акт. Имено, законот односно другиот пропис, со неговото донесување, промулгирање односно потпишување и објавување, станува перфектен односно применлив акт.

6. Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, како и фактот што оспорената Уредба е донесена и објавена во “Посебниот Службен весник” во времето кога важеле одредбите од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти како и Уредбата за начинот на издавање и користење на “Посебниот Службен весник”, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со член 52 од Уставот.

7. Во врска со наводите од иницијативата дека со Уредбата не е уредено прашањето колку време припадниците на АРМ треба да ги носат пропишаните чинови и дека нема пропис со кој се предвидени условите за унапредување во повисок чин, Судот смета дека при оценка на одреден пропис тој не е надлежен да се впушта во тоа дали со прописот се уредени одредени прашања или не и дали е донесен некој пропис или не, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.204/99
2 февруари 2000 година
С к о п ј е

сд/ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков