204/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 4 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-3796, донесена од Министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на 27 септември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа Министерот уредувал прашања за кои не бил надлежен да одлучува и што Одлуката предвидувала влегување во сила пред да се објави, поради што била во несогласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се овластува секретарот на Здружената самоуправна интересна заедница за становањето на Град Скопје да издава решенија за привремено сместување на семејствата – бегалци од кризните подрчаја, кои не може да бидат основ за стекнување трајно станарско право, како и тоа за сместувањето да бидат ангажирани станови од фондот за уредување на градското градежно земјиште. Понатаму, Судот утврди дека во Одлуката е определено да влезе во сила со денот на донесувањето.
Исто така, Судот утврди дека со Решение бр.11-4972, донесено од Министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на 17 март 1992 година, оспорената одлука е поништена.
4. Со оглед на тоа што со поништувањето Одлуката е отстранета од правниот поредок, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за оценување на нејзината уставност и законитост, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.