203/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 јануари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1998, 12/2000, 2/2003, 3/2004) и

– Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006).

2. Тони Петровски од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на колективните договори означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата првоозначениот колективен договор во точката 1 од ова решение не бил во согласност со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), затоа што бил усогласен со наведениот закон по истекот на рокот од шест месеци од неговото влегување во сила, а според членот 269 од овој закон, колективните договори што не се усогласени во тој рок престанувале да важат. Во таа смисла, во иницијативата се наведува дека Законот за работните односи влегол во сила на 5 август 2005 година, а предметниот колективен договор бил усогласен со овој закон на 6 февруари 2006 година, кога меѓу договорните страни е склучен Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006). Од ова произлегувало дека овој колективен договор бил усогласен еден ден по истекот на законскиот рок за тоа (5 февруари), кога овој договор всушност и престанал да важи. Поради тоа и неговите изменувања и дополнувања биле беспредметни, а истовремено и незаконски, затоа што биле извршени по истекот на тој рок.

Во иницијативата се бара Судот посебно да ја оцени согласноста на Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006) и со член 52 од Уставот, затоа што според членот 79, овој колективен договор влегувал во сила со денот на потпишувањето, а не по објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, поради што овој договор имал и ретроактивно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот колективен договор во основниот текст е склучен на 30 декември 1997 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1998. Овој колективен договор прв пат е изменет и дополнет со Колективниот договор за изменување и дополнување објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2000, а неговата важност е продолжена со Спогодба која е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2003. Второто изменување и дополнување на овој колективен договор е извршено со Спогодба за изменување и дополнување објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2004, додека со Колективниот договор за изменување и дополнување на овој договор („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006), всушност се вршат трети изменувања и дополнувања, кои се и основна причина за оспорување на уставноста и законитоста на овој колективен договор во целина и посебно на овие негови изменувања и дополнувања.

Основ за склучување на овој колективен договор во основниот текст, како и на неговите претходни две изменувања и дополнувања е членот 89 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 53/1997, 59/1997-исправка, 21/1998, 25/2000, 34/2000-исправка, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003), кој важел во времето кога тие се склучени.

Колективниот договор за изменување и дополнување на овој договор („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006) е склучен врз основа на членовите 203 и 210 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) со чие влегување во сила престана да важи претходниот Закон за работните односи. Овој Колективен договор е склучен на 6 февруари 2006 година, а е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006 од 8 февруари 2006 година.

Според член 1 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како договорни страни на овој договор, како и се уредува склучувањето, содржината и престанување на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Прашањата на кои се упатува во членот 1 од овој колективен договор се уредени во неколку глави и членови, кои заедно со преодните и завршните одредби, ја сочинуваат содржината на оспорените колективни договори.

Од увидот во содржината на членот 79 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006), на кој член подносителот на иницијативата посебно се повикува, Судот утврди дека овој колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а не по објавувањето, поради што во иницијативата посебно се оспорува неговата согласност и со член 52 од Уставот.

4. Според членот 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со членот 32 став 5 е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Уставот се предвидени и норми за обезбедување на остварувањето на основните слободи и права и тоа во делот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права. Во тие рамки, со членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во делот на гаранциите на основните слободи и права од Уставот е поместен и член 52, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното објавување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во Службен весник на Република Македонија, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Во членот 1 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) утврдено е дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според став 2 од овој член на Законот, работниот однос се уредува со овој или друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Работниот однос во Законот е дефиниран како договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот (член 5 став 1 точка 1 од Законот).

Во член 12 од Законот, кој се однесува на ограничувањето на автономијата на договорните страни, утврдено е дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот (став 1).

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од Законот. Според ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон, а според ставот 4, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Уредувајќи ги во наведените одредби на општ начин односите на овој и другите закони со колективните договори, Законот за работните односи содржи и посебна глава посветена исклучиво на колективните договори. Имено, во Главата XIX од Законот, насловена како „Колективни договори“ се уредени скоро сите прашања од значење за колективните договори и тоа: видовите на колективни договори; примената и важноста на колективните договори; предметот на колективното договарање; обврската за колективно договарање; лицата кои ги обврзува колективниот договор; обликот на колективниот договор; учесниците во склучувањето на колективен договор; репрезентативност на синдикатот и услови за определување на репрезентативноста на синдикатот; условите за определување на репрезентативност на работодавачите; спогодбата за здружување заради учество во склучување на колективен договор; надлежноста за решавање на споровите за репрезентативност на синдикатот односно на здружението на работодавачите; страните за склучување посебно на секој вид колективен договор; одборот за преговори; овластувањето за склучување на колективен договор; должноста за исполнување на обврските од колективните договори; времето на склучување, продолжување и престанок на важењето на колективен договор, објавувањето на колективните договори и друго.

Така, во однос на времето на склучување во членот 226 од Законот е утврдено дека колективен договор може да се склучи на определено време за период од две години, со можност за продолжување, со писмена согласност на страните на договорот.

Според членот 227 од Законот, колективниот договор склучен на определено време престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен, а важењето на колективниот договор може да престане и со спогодба на сите учесници или со откажување на начин утврден со колективниот договор.

Според членот 229 став 1 од Законот, колективниот договор мора да содржи одредби за отказниот рок и постапката за откажување, изменување и дополнување на колективниот договор.

Во членот 269 став 1, кој спаѓа во делот на преодните и завршните одредби од Законот, е предвидено дека постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Од наведените одредби на членот 269 од Законот произлегува дека склучените колективни договори пред влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат по сила на самиот Закон доколку нема да се усогласат во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила. Со ваквата определба на законодавецот според Судот се афирмира уставното начело, кое е преземено и утврдено и во самиот Закон за работните односи, според кое колективните договори треба да бидат во согласност со Устав и закон, за која цел всушност законодавецот ја утврдил и обврската за усогласување на постојните колективни договори со Законот во определениот рок, а во спротивно истите престануваат да важат.

Со оглед на тоа што рокот за усогласување на постојните колективни договори согласно член 269 од Законот почнува да тече од денот на влегувањето во сила на овој закон, при одлучувањето Судот го имаше предвид и членот 273 од Законот, според кој овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Тргнувајќи од тоа дека Законот за работните односи е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 28 јули 2005 година, според Судот овој закон е влезен во сила на 5 август 2005 година, од кога започнува да тече и рокот утврден во член 269 став 1 од Законот за усогласување на постојните колективни договори со овој закон, што не е спорно ниту за Министерството за внатрешни работи, ни за подносителот на иницијативата.

Имајќи предвид дека законскиот рок утврден во член 269 став 1 од Законот е определен во месеци тој, согласно начинот на кој се сметаат овие рокови во судските и во управните постапки, треба да заврши со истекот на истиот ден кој по својот број му одговара на денот кога Законот за работните односи, е влезен во сила, а тоа е 5 февруари 2006 година. Меѓутоа, со оглед на тоа што 5 февруари 2006 година бил во недела (неработен ден), законскиот рок од член 269 став 1 од Законот завршил првиот нареден работен ден, а тоа е 6 февруари 2006 година, а не 5 февруари 2006 година, како што смета подносителот на иницијативата.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека оспорениот Колективен договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е склучен на 6 февруари 2006 година, Судот утврди дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1998, 12/2000, 2/2003 и 3/2004) е усогласен со Законот за работните односи точно во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а не по истекот на тој рок.

Според тоа, за Судот не е прифатливо тврдењето во иницијативата дека овој колективен договор престанал да важи по сила на Законот, затоа што бил усогласен еден ден по истекот на утврдениот рок од шест месеци, кој рок според подносителот на иницијативата истекол на 5 февруари 2006 година, поради што и не го постави прашањето за согласноста на оспорените колективни договори со член 269 од Законот за работните односи, во однос на кои во иницијативата се оспорува нивната законитост.

Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата дека Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не бил во согласност и со членот 52 од Уставот, затоа што според член 79 овој колективен договор влегувал во сила со денот на склучувањето, а не по неговото објавување, Судот утврди дека и овие наводи се неосновани од причина што колективните договори не претставуваат прописи на кои се однесува уставната обврска за објавување на законите и другите прописи пред да влезат во сила, утврдена во член 52 став 1 од Уставот.

Имено, според Судот прописи во смисла на член 52 од Уставот се сметаат законите и другите прописи кои ги донесуваат органите на државната власт, вклучувајќи ги тука условно и органите на единиците на локалната самоуправа, во рамките на вршење на нивните со Устав и закон утврдени права и должности. Исто така, прописи во смисла на член 52 од Уставот се сметаат и општите акти, односно прописи што ги донесуваат организациите и институциите во вршење на јавните овластувања што им се доверени со закон. Оттука, ако се има предвид дека колективните договори се склучуват меѓу лицата кои според Законот за работните односи можат да бидат страни на колективниот договор и се должни со добра волја да преговараат во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на договарање (договорни страни), произлегува дека колективните договори според нивната правна природа не се прописи во смисла на член 52 од Уставот, туку се двострани општи правни акти, кои како нов облик на уредување на работните односи имаат посебно место и значење во оваа сфера, чие склучување, содржина, примена, важење, објавување и друго се уредува со закон.

Во поткрепа на тоа дека колективните договори не се прописи во смисла на член 52 од Уставот, Судот ја имаше предвид содржината на член 110 алинеја 2 од Уставот, во која се употребени термините „другите прописи“ и „колективните договори“. Според Судот, употребата на овие два посебни термини единствено може да се сфати и оправда со тоа што и самиот Устав прави разлика, односно дистинкција меѓу пропис и колективен договор, па затоа не е случајно и без значење што во алинејата 2 на член 110 од Уставот се утврдува дека Уставниот суд, освен што одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и со закон, одлучува за согласноста и на колективните договори со Уставот и со закон.

Оттука, со оглед на тоа што поради наведените и други причини, колективните договори не се прописи, туку посебен вид на општи правни акти, за чија согласност со Уставот и со законите, исто така, е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, прашањето за влегувањето во сила на оспорениот Колективен договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2006) според Судот не може да се доведува во корелација со членот 52 став 1 од Уставот, поради што и не го постави прашањето за неговата согласност со овој член од Уставот, во однос на кој, исто така, се оспорува со иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2006
31 јануари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи