202/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.26/98 донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 8 јули 1998 година.
2. Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за преиспитување на Решението У.бр.26/98 од 8 јули 1998 година, затоа што со него не било одлу чено за согласноста на одделни одредби од Законот за одбрана со Уставот, како што се барало во иницијативата, туку за согласноста на тој закон со Законот за органите на управата.
3. На седницата Судот го разгледа своето решение У.бр.26/98 од 8 јули 1998 година и утврди дека според точката 1 не повел постапка за оценување уставноста на одделни одредби од Законот за одбрана кои се оспоруваа затоа што министерот односно Министерството за одбрана биле овластени да донесуваат подзаконски прописи, што според наводите во иницијативата не било во согласност со член 91 и 96 од Уставот.
Во точката 4 од решението, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за одбрана со Уставот. Притоа, во еден дел од точката 4 од тоа решение Судот се повикал на Законот за органите на управата не како на критериум на “законитоста” на оспорениот закон, туку заради посочување на целината на системот кој ги поставува границите на органите на управата во донесувањето на подзаконските акти и нивните видови. Притоа, во решението е несомнено сфаќањето на Судот дека донесувањето на подзаконски прописи од страна на органите на управата не е забрането со член 96 во врска со член 91 од Уставот, кога за тоа постојат прецизни законски овластувања и граници.
4. Врз основа на изнесеното Судот утврди дека не постојат причини за поинакво одлучување за прашањата за кои одлучил со Решението У.бр.26/98 од 8 јули 1998 година и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот г о донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.202/98
10 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков