202/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 4 и член 71 од Деловниккот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по јавна расправа, на седницата одржана на 20 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 171-б став 4 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/91 и 46/93).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, со Решение У.бр.202/93 од 3 ноември 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 171-б став 4 од означениот закон, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 38 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека според член 171-б од Законот за здравствена заштита, заради отстранување на штетните последици што можат да настанат од неукажување на здравствена заштита на граѓаните за време на штрајк, органот на управување во здравствената организација е должен да обезбеди итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови во процесот на работата, а врз основа на преземените мерки работниците се задолжуваат да постапуваат по соодветните наредби (став 1 и 2). Доколку работниците не постапат по наредбите, директорот е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветните работници (став 3). Во оспорениот став 4 од овој член на Законот е предвидено дека работниците од став 2 на овој член кои не ги исполнуваат работните обврски вршат потешка повреда на работната дисциплина, што претставува основ за престанок на работниот однос. Според став 5 на овој член од Законот, работите и задачите од став 1 на овој член, со општ акт ги утврдува здравствената организација.

4. На јавната расправа претставникот на подносителот на иницијативата, покрај другото, посебно истакна дека во Законот треба конкретно и јасно да се утврдат условите за штрајк, со цел да се обезбеди минимална здравствена заштита, а не да му се дава право на органот на управување да определува кои работници нема да учествуваат во штрајкот односно кои треба да овозможат пружање на минимална здравствена заштита, со што во практиката се создавала можност да се ограни~и правото на штрајк. Притоа, истакна и дека, според нивно мислење и според практиката, во услови на штрајк на здравствените работници тие го обезбедуваат тој потребен минимум на здравствена заштита.

Претставникот на Собранието на Република Македонија истакна дека со закон можат да се уредат условите за остварување на правото на штрајк, бидејќи остварувањето на ова право не би требало да го загрозува остварувањето на другите слободи и права гарантирани со Уставот, како што е неприкосновеноста на животот и правото на здравствена заштита, а со оспорените одредби од законот не се негирало правото на штрајк.

Претставникот на Секретаријатот за законодавство на Владата на Република Македонија во своето излагањае укажа дека оспорените одредби од Закконот се конципирани во согласност и со други одредби од Уставот со кои се гарантираат лични и природни права на граѓаните, како што се неприкосновеноста на `ивотот и право на здравствена заштита. Со оспорените одредби од Законот се определени мерките и постапката за остварување на правото на `ивот и здравствена заштита во услови на штрајк, а со цел да не се загрозат овие права. Според тоа, секој мора да ги почитува пропишаните правила за штрајк, а нивниото непочитување треба да повлече и соодветна санкција, поради што член 171-б став 4 не е во несогласност со Уставот.

5. Со член 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк, а според став 2 со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 10 став 1 од Уставот на Република Македонија, животот на човекот е неприкосновен, а според член 39 став 1 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според мислењето на Судот, со Уставот не е исклучена можноста со закон, во рамките на овластувањето на Собранието да донесува закони, утврдено во член 68 од Уставот, да се уреди начин от на остварувањето на правото на штрајк, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права. Притоа, со уредувањето на овие односи не може да се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк.

Судот утврди дека со означените одредби од Законот прецизно се утврдени случаите во кои користењето на правото на штрајк не смее да го доведе во прашање животот и здравјето на граѓаните (итна медицинска помош и минимална здравствена заштита).

Со оглед на тоа што според оспорениот член 171-б став 4 од Законот, мерката престанок на работен однос не се изрекува за работниците кои учествуваат во штрајкот, туку за работниците определени да ги извршуваат со закон утврдените обврски, како што се итна медицинска помош и минимална здравствена заштита на граѓаните, Судот оцени дека со оваа законска одредба не се повредува правото на штрајк, гарантирано со член 38 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец