202/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1- НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 22 од Правилникот за издатоците на товар на материјалните трошоци на работниците во Медицинскиот центар “Борка Талески” во Прилеп, донесен од Работничкиот совет на 7 септември 1987 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означена во точката 1 од ова решение, затоа што работниците кои живееле надвор од седиштето на организацијата немале право на надоместок за превоз, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 22 од Правилникот е предвидено на работниците на кои не им е обезбеден превоз до работа и од работа со непосредни договори со организациите кои вршат превоз на патници, трошоците за превоз до работа и од работа да им се исплаќаат во висина на цената на билетот во градскиот сообраќај за оддалеченост над три автобуски станици, со доставување возен билет.
4. Со Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, се уредуваат само основните права од работниот однос на работниците. Со Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90) прашањето за надоместок за превоз е препуштено да се уреди во општ акт односно колективен договор.
Според член 77 став 4 алинеја 3 од Општиот колективбен договор на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.29/92) работникот има право на трошоците за превоз во локалниот јавен сообраќај до и од работа над 2 км. само во случај кога нема организирано превоз, а превозот, како услов при работа, е утврден со колективен договор односно со општ акт на работодавачот.
Од изнесеното произлегува дека прашањето за надоместувањето на трошоците за доаѓање и враќање од работа е препуштено да се уредува со колективен договор и општ акт.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот е определена висината на трошоците што на работникот му се признаваат за превоз до и од работа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.