20/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на

– Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација на општината Делчево, бр.08-669/1 од 21 октомври 2009 година, донесен од градоначалникот на општината Делчево,

– Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација на општината Делчево бр.08-867/1 од 10 декември 2009 година, донесен од градоначалникот на општината Делчево и

– Одлуката за организација, делокруг и начин на извршување на задачите на општинската администрација на општина Делчево бр.07-457/1 од 14 јули 2009 година, донесена од Советот на општината Делчево.

2. Влатко Ангеловски, Димитар Арсов, Цвета Постоловска, Горан Петровски, Даниела Такева, Владимир Мерзликин, Бистра Господинова- Јаневска, Милан Лефковски, Ванчо Иванов, Ванчо Новоселски и Љуба Георгиева, сите од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата на група од 7 државни службеници во Општината Делчево, оспорениот Правилник бил донесен на 21 октомври 2009 година, врз основа на член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009), односно Закон за кој било предвидено да има примена од 21 март 2010 година. Притоа не било спорно што оспорениот правилник бил усогласен врз основа на наведената законска одредба, туку што неговата примена започнала пред 21 март 2010 година со распоредување на работни места и донесување на решенија за престанок на вработувањето, односно пред да може да почне примената на наведениот закон. Потоа се цитираат членовите 23 и 32 од наведениот закон, како и член 82 од основниот текст на Законот и се поставува прашање дали „работодавачот, во зависност од тоа дали му одговара или не, ги применувал законските одредби од важечкиот закон и од законот кој се уште не почнал да се применува“ и како резултат на тоа 11 државни службеници од Општината Делчево добиле решенија за престанок на вработувањето.

Дополнувањето на иницијативата е поднесено од група на 11 државни службеници, од кои 7 се државните службеници кои ја поднесоа иницијативата до Судот, а кон нив се приклучуваат уште 4 нови подносители на дополнувањето. Во него барањето за поведување на постапка за оценување на законитоста освен кон основниот текст на Правилникот и неговата измена и дополнување се проширува и по однос на Одлуката за организација, делокруг и начин на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Делчево, бр.07-457/1 од 14 јули 2009 година. Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека оспорените правилници биле донесени спротивно на Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009) бидејќи посебните услови за работните места за извршување на работните задачи од областа на урбанизмот биле содржани токму во овој закон, но таквите посебни услови во правилниците не биле вградени. Притоа, иако била поднесена Претставка до Агенцијата за државни службеници, од страна на Општината не биле применети Насоките на Агенцијата за изработка на Систематизацијата, ниту пак биле испочитувани одредбите од наведениот закон, туку по брза постапка била донесена измената и дополнувањето на Правилникот (за овој акт Агенцијата дала согласност на 14 декември 2009).

По однос на оспорената одлука се наведува дека не била донесена во согласност со членот 22 од Законот за локалната самоуправа, Уредбата на Владата на Република Македонија за начелата на внатрешната организација на органите на државната управа и други акти, бидејќи начинот на кој биле направени секторите и одделенијата (укинување на сектори, укинување и спојување на одделенија) во Општината Делчево не водел кон децентрализација на локалната самоуправа и усогласување на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за систематизација на работните места во општинската администарција во Општината Делчево е донесен од градоначалникот на општина Делчево на 21 октомври 2009 година. Правилникот содржи 9 одредби. Во членот 6 од Правилникот се утврдени и опишани распоредот, називот, звањата и описот на работните места во општинската адмнистрација.

Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во општинската администрација во Општината Делчево е донесен од градоначалникот на Општина Делчево на 10 декември 2009 година. Овој правилник содржи 4 одредби. Со членот 2 од овој правилник е направена измена и дополнување по однос на членот 6, делот В, работно место бр.22 од основниот Правилник.

Одлуката за организација, делокруг и начин на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Делчево е донесена од Советот на Општината Делчево на 14 јули 2009 година. Истата содржи 15 одредби со кои, меѓу другото се уредуваат внатрешната организација, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, како и видовите на организационите единици, условите за нивно образување и раководење со нив.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд покрај другото, е надлежен да одлучува и за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорените акти немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не се подобни за уставносудска оценка. Имајќи ја предвид содржината на оспорените акти, истите немаат карактер на пропис, туку на интерени акти со кои се систематизираат, односно се определуваат работните места во општината Делчево, поради што, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата да се отфрли.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.20/2010
7 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски