20/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 113 став 4 во делот: „може да“ од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одребите од Законот означен во точките 1 и 2 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот дел од одредбата на член 113 став 4 од Законот за работните односи, се создавала правна несигурност за граѓаните – работниците и се вршела дискриминација, затоа што на едни граѓани – работници ќе им се организира превоз до и од работното место и исхрана за време на работата, а на други работници тоа нема да им се обезбедува, што ќе зависело од добрата волја на работодавачот, со што се повредувале член 8 став 1 алилнеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со оспорената одредба од членот 266-б став 4 точка 4, подносителот смета дека таа генерално се однесувала за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела, без оглед на видот на кривичното дело, неговата пресуда или тежина и незвисно од видот на санкциите и нивната висина, со што се ограничувало по сила на законот правото на едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Како таква, нормата била недоволно прецизна и јасна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните. Поради наведените причини, подносителот смета дека оваа оспорена одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со оспорените одредби од член 266 став 8 и член 266-г став 12 од Законот, подносителот смета дека не се во согласност со Уставот, бидејќи наградите за работа можеле да се определуваат со закон, а не со подзаконски акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот и поради тоа што во овие законски одредби и во целината на Законот, немало никакви параметри и критериуми врз основа на кои министерот можел да ги определува овие награди. Со тоа оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според член 113 став 4 од Законот за работните односи, работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место како и исхрана за време на работа.

Во член 266-б став 4 точка 4 е предвидено дека претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело. Согласно ставот 8 на овој член, членовите на комисијата имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според член 266-г од Законот за работните односи, членовите на Комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата што ја определува Министерот надлежен за работите од областа на трудот.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со Амандманот XX од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 предвидел дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Во врска со првооспорената одредба, подносителот на иницијативата смета дека се создавала правна несигурност за граѓаните – работниците и се вршела дискриминација, затоа што на едни граѓани – работници ќе им се организира превоз до и од работното место и исхрана за време на работата, а на други работници тоа нема да им се обезбедува, што ќе зависело од добрата волја на работодавачот.

Според оценката на Судот, овие наводи на подносителот на иницијативата се неосновани и неаргументирани. Имено, со воведувањето на системот на бруто плата, надоместокот за исхрана, односно т.н. хранарина како и надоместокот за превоз практично престанаа да постојат, односно се пресметуваат како дел од бруто платата. Ова повлече и соодветни измени на законската регулатива, така што со Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи „Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2008) беа избришани овие два вида на надоместоци, така што работодавачот не е веќе должен на работниците да им обезбедува посебен надоместок во паричен износ за овие трошоци. Оттука, предвидената можност, а не и обврска на работодавачот да им обезбеди исхрана и превоз на работниците на негов трошок, не може да го покрене прашањето за дискриминација на работниците, од причина што нејзиното остварување во практиката ќе зависи од фактички околности како што се материјалните можности на работодавачот, карактерот на процесот на трудот и неговата деловна политика, односно деловна одлука за тоа дали работодавачот ќе обезбеди организиран превоз и исхрана на вработените.

Од наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 113 став 4 во делот: „може да“ од Законот за работните односи со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Оспорената одредба од член 266-б став 4 точка 4 од Законот е поместена во прекршочните одредби со кои се утврдени прекршоците и прекршочните органи. Надлежен орган за изрекување на прекршочните санкции од член 266 став 1 од Законот е надлежниот суд. Согласно член 266-а став 1 за прекршоците утврдени во членовите 264 и 265 од овој закон, прекрошочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот (во натамошниот текст: прекршочен орган).

Согласно ставот 2 на овој член, прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (Прекршочна комисија).

Прекршочната комисија одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон или друг закон.

Против одлуката за прекршок што ја донел Прекршочниот орган може да се поднесе тужба за поведување управен спор.

Според член 266-б од Законот, прекршочна комисија формира министерот надлежен за работите од областа на трудот. Согласно ставот 2 на овој член, прекршочната комисија е составена од претседател и два члена од редот на државните службеници вработени во органот на државната управа надлежен за рботите од областа на трудот. Претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит.

Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите (став 3).

Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 4, меѓу кои е содржана и оспорената точка 4, според која претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина, и независно од видот и висината на санкцијата.

Со тоа, според мислењето на Судот, се ограничува по сила на закон правото на членот на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можло да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведените причини, според Судот, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека постојат основи за сомнение во уставноста на одредбата од член 266-б став 4 точка 4 од Законот за работните односи.

7. Членот 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 се оспорени во делот кој предвидува овластување на министерот надлежен за работите од областа на трудот да ја определи наградата за членовите на Прекршочната комисија, односно на членовите на Комисијата за посредување, во смисла што подносителот на иницијативата го оспорува самото право на министерот надлежен за работите од областа на трудот да ја определи висината на наградата со подзаконски акт, без критериуми и параметри што би биле утврдени во Законот.

Од анализата на оспорените одредби, како и од целината на Законот, произлегува дека навистина во Законот не се содржани критериуми и мерила врз основа на кои надлежниот министер ќе ја определи висината на наградата на членовите на двете комисии. Меѓутоа, она што во конкретниот случај за Судот е спорно е прашањето дали воопшто во Законот треба да биде предвидена награда на државните службеници членови на овие комисии. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност. Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на државните службеници во Комисијата за прекршоци, осносно во Комисијата за посредување не може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Според оценката на Судот, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.

Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на целината на одредбите од член 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 20/2009
11 ноември 2009 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски