201/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на ДУП за дел од блок 8.1 опфат 2 општина Охрид 2010-2015 година, број 07-1764/14 од 26 мај 2011 година, донесена од Советот на општина Охрид, објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.5/2011.

2. Методи Наумоски од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторното и урбанистичко планирање, од причина што со донесувањето на истата не бил почитуван темелниот принцип на урбанистичкото планирање – учеството на граѓаните во процесот на планирањето на просторот со што бил повреден член 24 од Законот. Имено, во фазата на донесување на оспорената одлука, според иницијативата, граѓаните не биле известени за одржување на јавната анкета и јавната презентација, со што им било ускратено правото за давање на нивни сугестии и забелешки по однос на нацрт-планот.

Поради наведеното, се бара Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената Одлука со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 6,85 ха. Просторот на планскиот опфат по Деталниот урбанистички план за дел од блок 8.1 опфат 2 општина Охрид 2010-2015 година е опфат на границите: Бул. „Туристичка“, „АСНОМ“, Ул. „Никола Карев“ и Новопроектирана улица 2. Деталниот урбанистички план за дел од блок 8.1 опфат 2 општина Охрид 2010-2015 година, изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ доо Гостивар со технички број 04/09 содржи: планиран развој – текстуален дел и графички прилог и документациона основа со текстуален дел и графички прилози. Деталниот урбанистички план за дел од блок 8.1 опфат 2 општина Охрид 2010-2015 година, се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на општина Охрид. Деталниот урбанистички план за дел од блок 8.1 опфат 2 општина Охрид 2010-2015 година се чува, слелди и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животна средина и комунален развој. Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.

3. Во текот на претходната постапка, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Нацрт-Деталниот урбанистички план за 438. УБ 8.1 опфат 2 општина Охрид е изработен од Друштвото за просторно и урбанистичко планирање „Полог проект – Про ДОО“ Гостивар со тех.бр.04/09 од февруари 2009 година.

На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг „Тајфа План“ ДОО Скопје од јули 2009 година, во која има забелешки и сугестии кои треба да се вградат во планот.

Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата од август 2009 година ги прифатил забелешките.

Со Одлука бр.07-2830/20 од 11 ноември 2009 година, Советот на општина Охрид го утврдил нацрт-планот.

За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена на Нацрт-планот, градоначалникот на општина Охрид донел Одлука број 09-316/10 од 18 ноември 2009 година и за таа цел е подготвено соопштение од 18 ноември 2009 година дека ќе се организира јавна анкета за нацрт-планот во периодот од 20 ноември 2009 година, а јавната презентација била закажана за 24 ноември 2009 година во 10.00 часот во големата сала на општина Охрид.

Соопштението било објавено во дневниот весник „Нова Македонија“ на 20 ноември 2009 година, како и тоа дека на фрекфенцијата на Радио Охрид била емитувана Објавата на Нацрт ДУП и истовремено јавноста била информирана за Јавната анкета и јавната презентација по Нацрт-планот.

Од извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.09-316/15 од 23 март 2010 година се констатира дека биле дадени забелешки и сугестии кои видно од Известувањето за постапување по извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација прифатени се пет анкетни листови, пет се делумно прифатени и шест се неприфатени анкетни листови. Во предлогот планот било постапено според образложението во извештајот, односно прифатените и делумно прифатените забелешки се вградени во планот.

Барањето за давање согласност на Предлог-планот е упатено до Министерството за транспорт и вврски на 25 јануари 2011 година под бр.09-80/2.

Министерството за транспорт и врски со акт бр.16-200/3 од 15 март 2011 година, дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план.

Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство – Скопје, до општина Охрид достави мислење по ДУП за дел УБ 8.1 опфат 2, Охрид, во кое се констатира дека во рамките на опфатот на урбанистичкиот план не постои регистрирано, ниту пак евидентирано културно наследство.

На 26 мај 2011 година Советот на општина Охрид, ја донел оспорената Одлука за донесување на ДУП за дел од Блок 8.1 опфат 2, општина Охрид 2010-2015 година која одлука е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.5/2011).

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 7 урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањe на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, се утврди дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека Одлуката била спротивна на член 24 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека при донесување на планот не била во целост запазена постапката за информирање на граѓаните, од доставената документација и утврдената фактичка состојба,се констатира дека Соопштението за одржување на јавна презентација и јавна анкета за оспорениот детален урбанистички план било објавено во дневниот весник „Нова Македонија“ од 20 ноември 2009 година, кој весник излегува на територијата на целата Република, како и од објавата во Радио Охрид, така што граѓаните имале можност да се информираат за тоа каде и кога можат да извршат увид и да добијат информации за планот, како и да достават предлози и забелешки на истиот. Оттука неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека лицата кои живеат на територијата на општина Охрид не биле запознаени дека се врши измена на деталниот урбанистички план, со што според Судот не се сторени повреди на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Понатаму, според Судот, ирелевантни се наводите во иницијативата за намалување на квалитетот и вредноста на становите,намалувањето на паркинг просторот, како и другите причини наведени во иницијативата, односно намената на објектите предвидени во оспорениот план, од причина што овие забелешки се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, кое што прашање е од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не неговата содржина.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената Одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност Уставот и со членот 24 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски