199/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 211 од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија” број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010 и 148/2011).

2. Славејко Филипчев од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, членот 211 од Законот за извршување, бил неуставен и незаконит со образложение дека претседателите на основните судови во Република Македонија по поднесени барања од управни органи на Република Македонија, единици на локална самоуправа и јавни претпријатија, донеле решенија со кои ги уважувале нивните барања со повикување на оспорениот член од Законот, но пред подносителот во иницијативта се поставува прашање дали оспорениот член од Законот имал поткрепа во Уставот, односно дали неговата содржина е спротивна на начелата на уставност и законитост и со основните права и слободи на граѓаните и нивната еднаквост пред Уставот и законите во Република Македонија. Подносителот на иницијативата смета дека претседателите на основните судови во Република Македонија носеле незаконито и противуставно решение, потврдено од страна на повисоките судови, па со тоа оспорениот член 211 од Законот бил противуставен и незаконит, бидејќи бил во колизија и со членовите 198 и 199 од овој закон. Донесените решенија на претседателите на основните судови се однесувале на пресуди кои произлегувале од работен однос каде како доверители се јавувале вработени во јавно претпријатие и се однесувале на парично побарување заради неисплатени плати и придонеси, како и неисплатени отпремнини и надоместоци на работници прогласени за технолошки вишок, па оттука оспорениот член на работниците кои биле технолошки вишок и кои 50% земале од Агенцијата за вработување, а 50% требало да им бидат исплатени од јавни претпријатија, оспорениот член овозможувал да се донесуваат решенија со кои се повредувал членот 32 од Уставот. Понатаму со иницијативата се цитираат членовите 50, 51, 54, 108, 110 и 112 од Уставот. Очигледно било дека оспорениот член од Законот им овозможувал на претседателите да донесуваат дискриминарчки решенија, поради што подносителот на иницијативата на мислење е дека овој оспорен член од Законот треба да биде укинат.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 211 од Законот за извршување уредува дека врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на иницијативата, произлегува дека членот 211 од Законот за извршување се оспорува бидејќи од страна на надлежни судови биле донесувани решенија кои се повикувале на овој оспорен член од Законот, а со тоа според подносителот на иницијативата се повредувал членот 32 од Уставот на Република Македонија. Со иницијативата цитирани се повеќе одредби од Уставот, меѓутоа во иницијативата отсуствуваат релевантни уставно-правни аргументи по однос на тоа во што се состои противуставноста на содржината на така уреденото оспорено законско решение со Уставот, кое уредува неможност за спроведување на извршување врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија за наплата на парични побарувања, но само доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, како и дека кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Во конкретниот случај, наводите во иницијативата за противуставност на членот од Законот, всушност се однесуваат на несогласувањето на подносителот на иницијативата, членот од Законот кој се оспорува да биде применуван од страна на надлежни органи во конкретни случаи, бидејќи тоа не било поволно и во интерес на доверителите кои барале извршување на одлуки од работен однос, односно дека поради примената на оваа одредба тие не ќе можеле да ги остварат своите права, па со тоа оспорениот член од Законот им овозможувал на претседателите на основните судови да донесуваат дискриминирачки решенија. Меѓутоа, тоа не се наводи за оспорување на одредба од закон како спротивна на одредби од Уставот на Република Македонија, туку наводи кои навлегуваат во сферата на примената на законите, од аспект на нивната целисходна или нецелисходна примена од страна на надлежни органи, што излегува надвор од рамките на уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, кој помеѓу другото има надлежност да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, но, не и да одлучува, односно да ја оценува работата на надлежените органи по однос на тоа дали тие правилно или неправилно применувале одредба од закон во конкретни случаи.

Воедно со иницијативата се приговара и на спротивставеност на оспорениот член од Законот за извршување со други одредби од истиот закон, меѓутоа Уставниот суд ја цени исклучиво согласноста на законот или негова одредба со одредбите од Уставот на Република Македонија, но, не и меѓусебната согласност на одредби од закон.

5. Со оглед дека со иницијативата се оспорува членот од Законот од аспект на неговата примена, а не од аспект на неговата содржина, а Уставниот суд не е надлежен за оцена на примената на закон, како и во отсуство на уставно-правни аргументи за оспорување на уставноста на законската одредба, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.199/2012
16 јануари 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски