198/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.07-171/3 за усвојување на Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година, донесена од Советот на општина Демир Хисар на 29 септември 2003 година и објавена во “Службен гласник на општина Демир Хисар” бр. 3 од 6 октомври 2003 година.
2. Благоја Макариовски од Демир Хисар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека Советот на општина Демир Хисар на 31 март 2003 година одржал седница на која се разгледувал Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година. Но по долга дебата Одлуката за усвојување на Буџетот од страна на Советот на општина Демир Хисар не била донесена, со што Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година не бил донесен до критичниот датум предвиден во Законот за локалната самоуправа. Со недонесувањето на Буџетот до 31 март во тековната година согласно член 75 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), како и согласно член 123 став 1 точка 4 од Статутот на општината Демир Хисар (“Служ бен гласник на општина Демир Хисар” бр.3/2002), бил исполнет еден од условите за распуштање на Советот на општина Демир Хисар. За настанатата ситуација во законски рок било известено Министерството за локална самоуправа, кое иако било должно во рок од 7 (седум) дена од денот на приемот на известувањето до Владата на Република Македонија да поднесе предлог за распуштање на Советот, тоа не го сторило. Советот на општина Демир Хисар свесен за вака настанатата ситуација се распуштил, 6 (шест) месеци не заседавал односно не одржувал седници. Но по своја иницијатива седум советници на Советот на општина Демир Хисар на 29 септември 2003 година закажале седница, ја одржале и донеле Одлука за усвојување на Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година.
Во иницијат ивата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.07-171/3 од 29 септември 2003 година за усвојување на Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година и истата да ја укине поради незаконитост на постапката за донесувањето.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Демир Хисар на седницата одржана на 31 март 2003 година не го донел Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година до критичниот датум т.е. до 31 март 2003 година. Градоначалникот на општината Демир Хисар на 7 април 2003 година го известил Министерството за локална самоуправа за настанатата ситуација во општина Демир Хисар.
Министерството за локална самоуправа по добивањето на известувањето од градоначалникот на општината Демир Хисар на 12 мај 2003 година до претседателот на Советот на општина Демир Хисар доставил барање за известување кои се причините поради кои Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година не бил донесен.
Претседавачот на Советот на општина Демир Хисар со известување бр.07-65/3 од 16 мај 2003 година го известил ресорното министерство за причините за недонесување на Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година.
Советот на општината Демир Хисар, имајќи го предвид времето за кое не добил одговор од Министерството за локална самоуправа дали има поднесено предлог до Владата на Република Македонија за распуштање на Советот на општина Демир Хисар, за да не се блокира работата на општината одржал седница на 29 септември 2003 година и го донел Буџетот на општина Демир Хисар за 2003 година.
4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување на Судот.
Тргнувајќи од фактот дека Буџетот на општината Демир Хисар за 2003 година има времен карактер, односно се однесува за 2003 година, Судот оцени дека со истекот на 2003 година овој акт престанал да важи.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата поради што одлучи да ја отфрли иницијативата.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова