196/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 2 точка 5, во делот„односно актот за распределба на плати”од Законот за култура (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998, 49/2003, 82/2005 и 24/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Правилникот за распределба на плати, бр.01-2967/3 од 30 јули 2007 година, донесен од директорот на Националната установа Македонска опера и балет во Скопје.

3. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – Основна организација при Македонската опера и балет – Техника и работна заедница од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот и на Правилникот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба значела дискреционо овластување на директорот на националната установа на културата арбитрерно, еднострано и без никаква методологија да ги определува платите на вработените, а тоа не било во согласност со член 32 став 3 (право на соодветна заработувачка), ниту со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија (правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори). Покрај тоа, одредбата предизвикувала дискриминација на граѓаните, а тоа не било во согласност со уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, ниту со владеењето на правото определено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Иницијативата укажува дека повредите се дотолку посилни што престанал да важи и не е продолжен Колективниот договор за култура (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/2005).

Во однос на оспорениот правилник се укажува дека со него се одземале бодови од сценско-техничкиот персонал и административните служби и се прелевале кај уметничкиот кадар, а добиеното зголемување од 20% на масата на платите во најголем дел повторно се доделувало на уметничкиот кадар и се правела селективна “декомпресија”, со што се нарушувале наведените уставни начела (еднаквоста И владеењето на правото).

Поради тоа, се бара запирање од извршување на оспорениот правилник, до донесување на конечна одлука на Судот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 28 став 2 точка 5 од Законот за култура (одредбата влегла во сила на 2 август 2003 година) се определува дека директорот на националната установа “донесува акт за систематизација и организација на работните места, односно акт за распределба на плати”;

Судот, исто така, утврди дека оспорениот правилник содржи осум члена. Со него “се уредуваат бодовите за исплата на плати” (член 1) и тоа за “работните места содржани во Правилникот за систематизација” (член 2). Членот 3 ги определува бодовите по работни места и сектори. Членовите 4 – 6 се однесуваат на додатоци на плата (за балетски играчи, за минат труд и за намалена работна способност). Членовите 7 и 8 се однесуваат на влегување во сила и на применување на Правилникот.

5. Според член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5 од истиот член на Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесените уставни одредби јасно произлегува дека со закон и со колективни договори се уредуваат правата на вработените и нивната положба, при што на вработените мора да им се обезбеди правото на соодветна заработувачка.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од законската одредба се определува директорот на национална установа да донесува акт за распределба на плати, без притоа Законот да утврди критериуми за определување на платите заради остварување на правото на вработените на соодветна заработувачка, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Што се однесува до оспорениот правилник, Судот утврди дека со него се уредува материја од внатрешен карактер на конкретна установа, поради што тој акт не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, па Уставниот суд не е надлежен да постапува по таа иницијатива. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Во однос на барањето за изрекување на привремена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите определени во член 27 од Деловникот на Судот со оглед на тоа што оспорениот правилник не е акт од делокруг на Уставниот суд.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.196/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски