196/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998).

2. Друштво за градежништво, трговија и услуги “Козјак”, АД Куманово и АД “Димче Еребица – ДИЕР” од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Причините за оспорување и во двете иницијативи се однесу-ваат на избришаните ставови 2, 3 и 4 од членот 7-а од Законот за продажба на станови во опште-ствена сопственост (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992), што било уредено со членот 1 од оспорениот закон.

Имено, одредбите од ставовите 2, 3 и 4 од членот 7-а од наведениот закон, биле во важност од 17 октомври 1992 година кога законот бил објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992, па се до објавувањето на оспорениот закон во “Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998 со кој се избришани, што значи за овој период од 6 години, врз нивна основа биле склучувани договори за регулирање на односите во врска со продажба на ста-но-вите во општествена сопственост меѓу деловната банка и сопстве-ниците кои ги продавале становите и договори на сопствениците со купувачите на становите.

Во иницијативите се наведува дека со бришењето на одредбите од законот со кои биле воспоставени правни односи, прода-вачот на станот го губи правото да добие обврзници како резултат на продажбата на општествени станови за кои цената за продажба се уплаќала во деловните банки. Конкретно, со оспорениот закон, не се бришат само правата, туку се бришат и самите сопственици на станови (поранешни општествено правни лица, даватели на станови) и притоа диктирајќи ги условите и сите битни елементи на продажба на становите во општествена сопственост, државата се јавува како субјект кој монополски се однесува.

Од овие причини оспорениот закон бил во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот, кој се однесува на забрана на повратното дејство на законите и другите прописи, потоа во спротивност со принципот на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот утврден во членот 55 став 2 од Уставот, како и во спротивност со уставно гаран-тираното право на сопственост кое може да се одземе или ограничи само кога се работи за јавен интерес утврден со закон, според членот 30 став 3 и 4 од Уставот.

Поради тоа, со иницијативите се бара поништување на оспорениот закон и враќање во сила на избришаниот член 7-а од Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Служ-бен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992).

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Законот за изменување на Законот за продажба на стано-вите во општествена сопстве-ност (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998), е предвидено дека се бришат ставовите 2, 3 и 4 во членот 7-а од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Социјалистичка Република Македо-нија” бр.62/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/ 1992).

Според членот 2, овој закон влегува во сила со денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”. Законот е објавен на 10 февруари 1998 година.

Разгледувајќи ги иницијативите, Судот утврди дека со Решение У.бр.254/2001 од 20 февруари 2002 година ја отфрлил иницијативата на други подносители за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998), поради тоа што Судот не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата за враќање во правниот поредок на избришаните одредби со оспорениот закон а со тоа и постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со предметните иницијативи исто така пред Судот подносителите бараат враќање во правниот поредок на одредбите од Законот за продажба на станови во општествена сопственост кои не се содржани во Законот, Судот оцени дека согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативите треба да се отфрлат.

4. Поради изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.166/2003
У.бр.196/2003
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова