У.бр.194/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 92/2007 и 102/2008) и на уставноста и законитоста на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Александар Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законистоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во првата иницијатива од 14.10.2010 година, со примената на оспорениот член 5 ставовите 3 и 4 од Законот за даноците на имот и на оспорената Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, во поединечните правни акти-решенија од страна на Градоначалникот на Град Скопје, сериозно се отстапувало од начелото на уставноста и законитоста. Со ваквата незаконска и погрешна примена на материјалното право, односно на Методологијата, било создадено можност за арбитрерно постапување и паушално утврдување на пазарната вредност на градежното земјиште, со што се создавало правна несигурност на граѓаните како субјекти во правниот промет и во остварувањето на нивните права. На тој начин, граѓаните биле оштетени поради нееднаков статус и правен и економски третман на еден ист предмет, во случајов градежно земјиште во сопственост на Република Македонија. Имено, тоа претставувало и повреда на една од темелните уставни вредности во член 8, правната заштита на сопственоста, како и на член 30 од Уставот на Република Македонија со кој било гарантирано правото на сопственост.

Во конкретниов случај, факт било дека се работи за колизија, односно суштествена и материјална противречност на два подзаконски акти со кои поблиску било определено извршувањето на законите и нивната примена. Првиот бил Уредбата која со Законот била предвидена како правен акт на Владата на Република Македонија за извршување на законите. Вториот бил Методологијата која исто така била донесена од Владата на Република Македонија, спротивно на Законот за Владата на Република Македонија, како и на Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.

Со втората иницијатива од 02.11.2010 година е наведено дека суштината на оваа иницијатива била од битен уставно правен и законски аспект. Имено, дали Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот била предвидена согласно Уставот и дали била донесена согласно Законот за Владата на Република Македонија.

Поради тоа, со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 ставовите 3 и 4 од Законот, како и уставноста и законитоста на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 од Законот е предвидено:

„Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.

За утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје формираат комисија.

Пазарната вредност од ставот 1 на овој член се утврдува според Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот 3 на овој член ја пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за финансии.

Контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од комисијата од ставот 2 на овој член врши Министерството за финансии.“

Со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности (член 1).

Според член 2 од Методлогијата, пазарната вредност на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска се утврдува за видовите недвижен имот кои се конкретно наведени во овој член (згради, земјишта и други градежни објекти).

Со останатите одредби од Методлогијата поодделно се уредува пресметувањето на пазарната вредност по видовите на имот.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.248/2007 од 26 декември 2007 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004 и 92/2007) и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005).

Во образложението во наведеното Решение, Судот го утврдил следново:

„Според членот 7 од Законот, даночна обврска за данокот на имот настанува со денот на стекнувањето на имотот, издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот на отпочнување на користењето на имотот на обврзникот на данокот.

Со членот 96 од Законот е определено дека со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003).

Според членот 98 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје по спроведување на првите наредни локални избори согласно со Законот за локалните избори.

Владата на Република Македонија, врз основа на членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот, ја донела Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, со која се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

Според членот 23 од Методологијата, таа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јули 2005 година.

Методот на пресметување на даночната основица што е утврден со наведениот Закон и операционализиран со Методологијата, претставува пазарната вредност на недвижниот имот во моментот кога таа се пресметува само во време на настанувањето на даночната обврска.

Судот оцени дека доколку би било поинаку, во смисла даночната основа која е врзана со пазарната вредност, да се менува со идни промени на пазарната вредност на имотот, тоа би значело основицата постојано и непрегледно да се менува и движи не само по истекот на даночната година туку и во пократки временски периоди (различни движења и во деновите и месеците бидејќи пазарната вредност варира од политички, социо-економски, демографски и други состојби кои имаат одраз на пазарот на недвижности).“

Аргументите за различно толкување и примена на оспорената одредба од случај до случај истакнати во иницијативата, за Судот се неприфатливи, од причина што истата не е во спротивност со Уставот, а веќе Уставниот суд се произнел по оваа одредба.

Со новоподнесената иницијатива, повторно од истиот подносител Александар Димитров од Скопје, се оспоруваат истите акти кои веќе биле предмет за одлучување во Уставниот суд.

Според Судот, причините и аргументите изнесени во новоподнесената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решенијата У.бр.248/2007, 128/2008 и 258/2008 поради што Судот оцени дека нема основи повторно да одлучува за истата работа иницирана со сега поднесената иницијатива, поради што во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба.

Поаѓајќи од изнесенава уставно судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените Закон и Методологија со Уставот, од аспект на членот 30 од Уставот, а со тоа и со членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, односно не може од овој аспект уставно да се проблематизираат бидејќи не биле во согласност со Уставот и Законот, а со тоа не се повредува и принципот на правната заштита на сопственоста. Притоа треба да се има предвид дека не е во надлежност на Судот оценката на примената и имплементацијата на оспорените акти од надлежните органи, на што во дел се посочува во наводите во иницијативата.

Судот го имаше предвид укажувањето во иницијативата за насловеноста, карактерот и заснованоста на методологијата како посебен акт, меѓутоа имајќи предвид дека веќе ја ценел уставноста на оспорените акти и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.194/2010
24 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски