194/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Стојан Маџовски од Скопје, во делот за поведување постапка за оценување на согласноста на членот 28 од Законот означен во точката 1 од ова решение со членовите 19, 21, 22, 24 и 180 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000 и 50/2001).
3. Стојан Маџовски и Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 28 од законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на согласноста на овој член со членовите од законот означени во точката 2 од ова решение.
Според иницијативата поднесена од Стојан Маџовски оспорениот член бил во спротивност со член 9 став 1 и 2, член 35 став 1 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 19, 21, 22, 24 и 180 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Аргументите за несогласноста на оспорениот член од Законот со наведените уставни и законски одредби овој подносител ги заснова на сопственото толкување на членовите 19, 21 и 180 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Имено, толкувајќи ги овие членови од Законот, подносителот изведува заклучок дека според нив утврдувањето на старосната пензија, односно на пензиската основа, бил во апсолутна зависност од висината на месечниот просек на платите за време на целокупниот стаж на осигурување. Оттука, а со оглед на тоа што со оспорениот член највисоката пензија до 2015 и по 2015 година била лимитирана со определените проценти од просечната плата остварена во нестопанството на Република Македонија зголемена за 2,7 пати, подносителот на оваа иницијатива смета дека со овој член се нарушувало начелото на социјалната праведност утврдено во членот 35 став 1 од Уставот затоа што на една група на граѓани не им се овозможувало старосната пензија да ја остварат во износ кој им припаѓал според месечниот просек на платите што ги оствариле за време на вкупното траење на осигурувањето. Поради тоа, овие граѓани со оспорената одредба истовремено се ставале и во нерамноправна положба во однос на другите граѓани, што не било во согласност со членот 9 од Уставот.
Освен со членовите 9 и 31 став 1 од Уставот, оспорениот член не бил во согласност и со член 51 од Уставот. Како аргумент за несогласноста со овој член од Уставот се наведува и тоа дека оспорениот член не бил во согласност и со членовите 19, 21, 22 и 180 од Законот, поради што се предлага Судот да ја оцени неговата уставност и законитост, а потоа да го укине или поништи оспорениот член.
Подносителот на оваа иницијатива, дополнително поднесе барање до Судот за издавање на времена мерка во смисла да се забрани примената на оспорениот член заради спречување на последиците кои можеле да настанат со неговата примена. Причината за поднесување на ова барање била донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, со кој се предвидувало предвремено пензионирање на воените и цивилните лица на служба во Армијата.
Со иницијативата поднесена од Стамен Филипов, членот 28 од Законот се оспорува скоро од истите причини како и во прво поднесената иницијатива. Имено, и според овој подносител со оспорениот член се нарушувало начелото на социјална праведност,бидејќи една група на граѓани не можеле да остварат старосна пензија во оној износ што им припаѓал според начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување за целиот овој работен век, а врз основа на остварените плати и платените придонеси поради што тие граѓани се ставале во нееднаква правна положба во однос на другите граѓани на Република Македонија. Понатаму, овој подносител наведува дека со оспорениот член не се уредувале прашања кои биле во функција на остварување на уставното право на социјално осигурување, туку се вршело негово ограничување, па затоа смета дека овој член не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.
При одлучувањето по оваа иницијатива укажува да се има предвид Одлуката на Судот У.бр.128/95 и У.бр.245/95 од 5 јули 1995 година.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 28 од Законот е утврдено дека за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 65 став 1 на овој закон од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година, зголемена за 2,7 пати.
По престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија највисоката пензија од став 1 на овој член не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 65 став 1 на овој закон од просечната плата остварена во Република Македонија во претходната година, зголемена за 2,7 пати.
На осигурениците од член 11, 12 и 13 на овој закон, кои право на пензија ќе остварат до 1 септември 2001 година, највисоката пензија се определува според ставовите 1 и 2 на овој член.
Определената највисока пензија од став 1 и 2 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.46/2002 од 15 април 2002 година, меѓу другото, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на сега оспорениот член 28 од Законот. Овој член според тогаш поднесената иницијатива се оспорувал во однос на членовите 9, 34, 35 и 54 од Уставот, затоа што со него се повредувал принципот за недискриминација на граѓаните пред Уставот и законите и уставно загарантираното право на социјална сигурност.
Од образложението на ова решение е видно дека Судот, имајќи ја предвид содржината на членот 34 од Уставот, утврдил дека “законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката старосна пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера. Притоа, со таквите норми е обезбедена еднаквост меѓу граѓаните за иднина, а нееднаквоста која настанува како последица на различни правни решенија донесени во различен временски период е делокруг на Собранието на Република Македонија, а не на Уставниот суд (во прашање е однос закон – закон) и е прашање на извршување на закон, што исто така не е делокруг на Уставниот суд”.
6. Согласно член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, и во случај ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основ за поинакво одлучување.
Имајќи ја предвид наведената деловничка одредба, како и фактот дека Уставниот суд веќе еднаш ја оценувал уставноста на членот 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) и со Решение У.бр.46/2002 година од 15 април 2002 година, одлучил да не поведе постапка, а со сега поднесените иницијативи оваа законска одредба се оспорува во однос скоро на истите одреби од Уставот и од исти причини поради кои веќе била оспорувана и оценувана нејзината уставност, Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување.
Иако во овие иницијативи посебно се акцентира дека со оспорената законска одредба се нарушувало уставното начело на социјална праведност, согласно кое според членот 35 став 1 од Уставот Републиката е обврзана да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, Судот оцени дека и овие наводи не претставуваат основ за поинакво одлучување, затоа што смета дека оспорената законска одредба е одраз токму на ова начело, а истовремено и на социјалниот карактер на Република Македонија утврден во член 1 од Уставот, како и на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста утврдени во членот 8 од Уставот. Имено, утврдувајќи ја највисоката пензија, а и најнискиот износ на пензија од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката, законодавецот се раководел токму од начелото на социјалната праведност со цел во случај на настапување на некој од осигурените случаи (старост, инвалидност и смрт на осигуреникот) пензијата на одделни работници, односно осигуреници да се определува зависно од реалните финансиски можности на Републиката, а не од нивната пензиска основа, а притоа и со вака определената пензија на оваа категорија граѓани да не им се наруши материјалната и социјалната сигурност. Според тоа, не е случајна и определбата на законодавецот во овој закон да го вгради начелото на социјалната праведност како основно начело врз кое се заснова и целиот систем на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување (член 3).
Освен тоа, ако оспорениот член од Законот интегрално се интерпретира со членот 32, според кој на корисниците кои правата од пензиското и инвалидското осигурување ги оствариле пред денот на почетокот на примената на овој закон, тие права се обезбедуваат и по денот на примената на овој закон во ист обем и висина и се усогласуваат според одредбите на овој закон, сосема е јасно дека со оспорениот член не се врши намалување, односно ограничување на највисоката пензија на корисниците кои ова право го оствариле пред нејзиното влегување во сила, односно примена, туку напротив, со него се утврдува нов режим за определување на највисоката пензија кој ќе важи во иднина, за идните пензионери. Затоа и наводите во второ поднесената иницијатива дека со оспорениот член се уредувале прашања кои не биле во функција на остварување на уставно утврденото право на социјално осигурување, туку со него се вршело ограничување на овие права спротивно на член 54 став 1 од Уставот, се неприфатливи и не претставуваат основа за поинакво одлучување по оваа иницијатива.
Оттука, споредбата што подносителот на оваа иницијатива ја прави со предметот У.бр.128/1995 и 245/1995, во кој што Судот со Одлука од 5 јули 1995 година го поништил членот 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1995) е несоодветна, бидејќи во тој предмет било утврдено дека се работи за ограничување на веќе стекнато право, што не е случај во овој предмет.
Конечно, во однос на наводите во првата иницијатива според кои оспорениот член од Законот бил во спротивност и со членовите 19, 21, 22 и 180 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а поврзано со тоа и со членот 51 од Уставот, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одделни членови од ист закон и дека нивната евентуална неусогласеност не може да претставува основ за несогласност со Уставот, како што смета подносителот на оваа иницијатива.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.190/2003 и У.бр.194/2003
24 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова