194/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Устравот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 април 1997 година, доенсе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 32 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Решпублика Македонија” бр.28/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Сашо Врбоски, адвокат од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 32 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата заблудата, измамата и заканата биле состојба на отсуство на волјата, како психолошки феномен, за склучување или пристапување на договор, статут или било која друга правна работа. Отсуството на волја претставувало причина за рушливост, односно релативна ништавност на правната работа. Во случаите на заблуда, измама или закана отсуството на правно валидна волја кај содружникот било последица на дејствие (сторување) на некое трето лице со кое била предизвикана погрешна претстава (кај заблудата и измамата) кај содружникот за битните елементи на правната работа, со што пристапуваќи кон неа (во случајов кон договорот на друштвото), трпи штетни последици, а кај заканата постоел елемент на присилба од страна на трето лице што на содружникот му било ставено во изглед причинување на некакво зло изнудувајќи од него да склучи договор.

И покрај јавно-правниот карактер на актот за регистрација на друштвото истиот не можел да го попречува правото на заштита на сопственоста и другите субјективни права. Повикувањето на неважност на договорот, односно статутот на друштвото претставувало облик на правно заштитено барање на сопственоста што имало основ во членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата се наведува дека според дикцијата на оспорената одредба забраната содружниците да се повикуваат на неважност на договорот, односно статутот на друштвото се однесувала само на содружниците, а не и на трети лица кои од истите причини би имале правен интерес да се повикуваат на неважност на договорот, односно на статутот. Со тоа содружниците само поради статусот што го стекнале со склучување на договор биле исклучени и попречени во остварување на правото на заштита на сопственоста, додека секој друг што имал правен интерес (личен, имотен, работен или друг граѓанско-правен однос) со содружникот не бил ограничен во правото, заради заштита на својот интерес, да се повикува на неважност на договорот. Од овие причини оспорената одредба не била во согласност со член 9 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба по уписот на друштвото во трговскиот регистар никој од содружниците не може да се повикува на неважност на договорот за друштвото, односно статутот на друштвото поради заблуда, измама или закана настаната при склучувањето на договорот на друштвото, односно при донесување на статутот.

Одредбата од став 1 на овој член се применува и на измените на договорот за друштвото, односно на статутот на друштвото.

4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Со членот 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Според ставот 3 од овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, а со ставот 4 е предвидено дека во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од наведените уставни одредби произлегува дека една од основните цели на Уставот на Република Македонија е воспоставувањето и изградбата на владеењето на правото и заштитата на сопственоста како темелни принципи на државата поради што многу се битни и вредностите преку кои се обезбедуваат овие уставни принципи – правната заштита на сопственоста и остварувањето на правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.. При тоа темелната вредност владеењето на правото пред се инсистира на нормативното уредување на односите во Републиката и почитување на тие норми. На ова се надоврзува и потребата од определени својства на законите (општност, определеност, јасност, неретроактивност) и соодветни институционални механизми (независно судство и други институции) и процесно-правни гаранции. Во оваа смисла и Уставот на Република Македонија, во член 51 став 2 предвидува дека секој е должен да го почитува Уставот и законите, што претпоставува дека граѓаните имаат обврска за меѓусебно почитување на правата како и права и обврски према државата.

Со Уставот, исто така, се воспоставени и рамките на остварувањето на правата и слободите на граѓаните. Така, со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Меѓутоа, со ставот 2 на овој член веќе во одредена мерка се ограничува апсолутноста на ова право со тоа што се предвидува дека сопственоста создава не само права туку и обврски и истата треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, па според тоа средствата што се во сопственост на граѓаните не би требало да се користат на штета на граѓаните.

Трговското друштво е здружување на две или повеќе физички и правни лица кои вложууваат пари, предмети и права во имот што го користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето. Друштвото е правно лице кое самостојно трајно врши дејност заради остварување на добивка. Во случаи определени со овој закон друштвото може да биде основано и од едно лице (член 16).

Имотот создаден со вложувања во друштвото се изразува во пари и ја претставува основната главнина на друштвото. Лицата кои вложуваат во основната главнина се содружници на друштвото, односно акционери на друштвото, правата и обврските што содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина на друштвото се негов удел во друштвото (член 17).

Формирањето, траењето, фирмата, седиштето, предметот на работење, износот на основната главнина, како и организацијата и управувањето на друштвото се утврдуваат со договор на друштвото, односно со статутот на друштвото. Договорот на друштвото се склучува и неговите измени и дополнувања се вршат во писмена форма. Содржината на договорот за друштвото, односно статутот на друштвото основачите ја определуваат согласно на законот. За да се извршат подготовки за основање на друштвото, основачите можат да се договорат за дејствија што треба претходно да ги извршат. при неизвршување на обврските преземени со договорот странките одговараат само за причинетата штета (член 19).

Друштвото како правно лице може да стекнува права и да презема обврски, да стекнува сопственост и да стекнува други стварни права, да склучува договори и други правни работи, да тужи и да биде тужено. Друштвото стекнува својство на правно лице од денот на уписот во трговскиот регистар. Основачот, односно лицето кое настапувало во име на друштвото во основање пред тоа да стекне својство на правно лице одговара солидарно и неограничено за преземените обврски со другите основачи во случај ако друштвото, кое е правилно конституирано и запишано во трговскиот регистар, не ги прифати преземените обврски. Ако друштвото ги прифати обврските, се смета дека ги презело од денот на нивното настанување. Ако при настапувањето на основачот во име на друштвото во основање содружниците стекнале било какви права, должни се тие права по уписот на друштвото во трговскиот регистар да ги пренесат во друштвото, под услов друштвото на тоа да не се спротивстави (член 21).

Трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот. Содружниците на јавното трговско друштво и комплементарите во командитното друштво одговараат за обврските на друштвото лично, солидарно и неограничено со сиот свој имот. Содружницитге на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво, како и командиторите на командитното друштво не одговараат за обврските на друштвото, освен кога е определено со овој закон (член 22).

Содружницитге на друштвото одговараат за обврските на друштвото и во случаите ако: 1) го злоупотребиле друштвото како правно лице за да постигнат цели кои за нив како поединци се забранети, 2) правното лице го злоупотребиле за да им нанесат штета на своите доверители, 3) спротивно на законот располагале со имотот на правното лице како со свој сопствен имот, или 4) во своја корист или во корист на било кое друго лице го намалиле имотот на друштвото, а знаеле или морале да знаат дека друштвото не е способно да ги изврши своите обврски спрема третите лица (член 23).

Основачите и првите членови на органите на управување, односно на надзор, му поднесуваат на регистарскиот суд изјава во која ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа друштвото и со која тврдат дека друштвото е основано во согласност со законот. Регистарскиот суд ќе одбие да изврши упис на основањето во трговскиот регистар ако не биде поднесена изјава од став 1 на овој член (членот 29). Овие одредби се применуваат и во случај на измена на договорот на друштвото со тоа што оваа изјава ја даваат членовите на органите на управување, односно на надзорот, кои ја вршат оваа функција во времето на измените на договорот за друштвото, односно на статутот на друштвото (член 30).

Имотот на друштвото при основање содружниците му го ставаат на располагање на друштвото (член 34-1).

Кога од страна на органите на друштвото ќе бидат нарушени правата што произлегуваат од содружништвото, секој содружник може да бара нивна заштита пред судот што го води трговскиот регистар (член 43).

Од наведените законски одредби произлегува дека трговското друштво е дефинирано како форма на здружување на две или повеќе физички или правни лица кои вложуваат пари, предмети и права во заеднички имот што го користат за заедничко работење и ја делат заеднички добивката и загубата од работењето. Овие друштва имаат својство на правно лице и тие се сосема автономни во уредувањето на односите меѓу содружниците, како кога се во прашање имотно-правните така и управувачките односи. Она што е специфично за трговското друштво е начинот на основањето-договор, односно статут на друштвото со кој се создава правно лице, односно се оформува правен субјект во правниот поредок на Републиката како земја со пазарно стопанство. При тоа, пристапувајки кон друштвото трговецот мора јасно и недвосмислено да ја изрази својата волја на правата и обврските што произлегуваат од договорот, односно од статутот на друштвото.

Преземањето на ризикот е, исто така, карактеристика што го обележува трговецот во друштвото. Имено, трговецот го презема ризикот на друштвото за неговото работење и токму затоа појдовна основа на трговската дејност е човековиот капитал. Оттука произлегува и различната правна положба на содружниците и третите лица и нивната заштита на сопственоста.

Тргнуваки од овие специфичности на трговското друштво Судот смета, и покрај тоа што трговското друштво во основа претставува граѓанско-правен однос, договорот за друштвото, односно статутот по својата суштина се разликуваат од другите граѓанско-правни договори. Соодветно на тоа и правната заштита на содружниците е уредена со Законот за трговските друштва како составен дел на правниот поредок на државата. Во таа смисла Законот предвидел престанок на содружништвото односно истапување на друштвото и доколку настапат штетни последици од содружништвото обезбедува судска заштита.

Од друга страна, Законот не ја исклучува можноста за неважност на договорот за друштвото, ако постојат основи за тоа, при неговото склучување или при донесување на статутот, туку тоа само го ограничил до уписот во трговскиот регистар. Меѓувреме, Законот ги задолжил основачите и првите членови на органите на управување и надзор да му поднесат на регистарскиот суд изјава во која ги наведуваат и тврдат дека друштвото е основано во согласност со закон што од своја страна претставува гаранција дека се отстранети заблудата, измамата и присилбата.

Уписот и постапката на уписот на трговските друштва во трговскиот регистар е, исто така, уредено со Законот и во него се запишуваат трговските друштва и други правни лица чии упис е определен со закон. Целта на уписот е да се обезбеди правна сигурност на друштвото и на сите учесници во трговскиот промет, законитост и задолжителност на уписот, јавност на друштвото, вистинитост (уписот мора да одговара на стварната состојба), публицитет и друго.

Тргнувајки од јавниот карактер на трговскиот регистар податоците содржани во него имаат правно дејство према трети лица од денот на уписот на друштвото и секој што во правниот промет постапувал совесно и имал верба во податоците запишани во трговскиот регистар не ги поднесува штетните правни последици од тоа (член 479, 480, 481). Според тоа, забраната од оспорената одредба има за цел заштита на интересите на трети лица во прометот, на содружниците и акционерите односно да обезбеди сигурност на правниот промет, што значи обезбедување на општествените интереси преку обезбедување на интересите на самото друштво.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 алинеја 3 и 6, член 9 став 2 и член 30 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.194/96)