194/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уствниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јули 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на деталниот урбанистички план на градот Штип, донесена од Собранието на Општина Штип на 30 јуни 1994 година.

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Илија Џарлев, Ангел Иванов и други граѓани од Штип му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што планот во фазата на нацрт-план не бил ставен на јавна расправа, што не било во согласност со закон.
Воедно, во иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на актите и дејствијата што ќе бидат преземени врз основа на оспорената одлука.

4. На седницата Судот утврди дека со член 1 став 1 алинеја 2 од оспорената одлука се предвидува спортскиот терен во населба “Сењак” помеѓу улицата “Стојан Милевски” и ул.” ;VII конгрес на СКЈ” да се пренамени и се предвидуваат 8 урбани парацели за индивидуална градба, а спортските терени се предвидуваат на ул.” Кајгана”, “VII конгрес на СКЈ” и “Нобелова”.
Судот утврди дека нацрт-планот бил ставен на јавна расправа од 29 април 1994 година до 14 мај 1994 година во просториите на Месната заедница ” Автокоманда” во Штип. Исто така била одржана и усна расправа на Собирот на граѓаните во МЗ “Автокоманда” на 18 мај 1994 година. На предложениот нацрт-план не биле ставени забелешки од граѓаните. За измените на планот со акт на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина била дадена согласност на 30 јуни 1994 година.

5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Од изнесените одредби на законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките планови, претставува и јавна расправа.

Со оглед на тоа што за донесување на оспорената одлука била одржана јавна расправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената одредба од Законот.
6. Во однос на барањето за изрекување времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Судот за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д -р Тодор Џунов. У.бр.194/95