193/1996-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Програмата за санација на фондот за пензиско и инвалидско осигурување, промовирана на прес конференцијата на премиерот на Владата на Република Македонија на 18 април 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димко Јосифовски од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што врз основа на неа на пензионерите им била ускратена пензијата за месец април 1996 година со што биле намалени примањата за еден месец наназад. Имено, со оспорената програма априлската пензија била поделена на 12 рати и месечно се исплаќало по 1/12 со почеток од април 1996 година. На овој начин неисплатените пензии се зголемиле од две на три пензии бидејќи исплатата на по 1/12 било исплата за мај и тоа на 29 јуни 1996 година. Сето тоа не било во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и со правата на граѓаните утврдени во Уставот за редовно исплаќање на пензијата поради што се бара Уставниот суд да ја поништи оспорената програма. Понатаму, подносителот на иницијативата бара да му се исплати априлската пензија за 1996 година во целост, а исплатата на неисплатените пензии да се врши во наредните месеци од 1996, 1997 година.

3. На седницата Судот утврди дека Програмата за санација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како посебен акт не е донесена. Имено, Владата на Република Македонија повеќе пати расправала за начинот како да се надмине проблемот со исплаќање на заостанатата пензија при што биле разгледувани повеќе предлози и бил усвоен концепт според кој заостанатата пензија ќе се исплаќа на 12 месечни рати почнувајќи од јуни 1996 година.

Со оглед на тоа што не постои акт кој подлежи на уставно судска оцена, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, и одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.193/96)