193/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 2 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 март 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите од 8-19 и член 32 став 1 и 2 од Законот за личните доходи и другите надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на СРМ” бр.36/90, 44/90, 11/91 и 38/91).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување примената на законот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал на функционерите по престанокот на функцијата да им се исплатува личен доход во период од една година во по престанокот на функцијата и погрешно се применувал во практиката, што не било во согласност со Уставот.
4, Судот на седницата утврди дека со членовите од 8-19 од Законот се определува начинот на пресметување на личниот доход на функционерите и раководните работници, со тоа што надлежните органи или надлежните тела со свој општ акт, во рамките на определените коефициенти, го утврдуваат коефициентот за секоја функција, а во члено19 од Законот се определени условите според кои може да се остварува личен доход по престанување на функцијата за време до една година, односно најповеќе уште за 6 месеци ако за тоа време стекнува право на пензија. Со членот 32 се предвидува овој закон да се применува и на функционерите и раководните работници и лицата кои ги избрале и именувале во Собранието на СР Македонија и други органи на кои на денот на почетокот на примената на овој закон им престанува функцијата или должноста, а според став 2 од овој член на функционерите и раководните работници во органи и организации кои се укинуваат, личниот доход им се утврдува според коефициентите определени со овој закон сообразно на групите во кои биле определени со општи акти кои биле во сила до денот на почетокот на примената на овој закон.
5. Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно член 301 став 1 точка 7 од Уставот на Република Македонија, кој важеше во времето на донесувањето на Законот од 1974 година, Собранието, меѓу другото, со закон ја уредуваше организацијата и надлежностите на републичките органи и правата, должностите и одговорностите на работниците во општинските и републичките органи односно беше овластено со закон да ја регулира организацијата и надлежностите на републичките и на општинските органи.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија со закон може да уредува определени области, а како орган што ги избира односно именува функционерите и другите раководни работници, тоа е овластено и да го утврдува и начинот на определувањето на на нивниот личен доход и другите надоместоци, како за време на траењето на функцијата, така и по нејзиниот престанок, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од законот со Уставот на Република Македонија.
6. Што се однесува до наводот во иницијативата за погрешната примена на овој закон во практиката, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за тоа прашање.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.