192/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 ставови 3 и 4 од Законот за тутун и тутунски производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2006 и 88/2008).

2. Здружението на индивидуалните тутунопроизводители „Единство“ – Долнени, преку претседателот Ацо Алексоски, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредувале членовите 12 и 20 од Уставот, како и членот 61 став 2 од Законот за здруженија на граѓани и фондации од причина што на тутунопроизводителите, вклучувајќи ги и оние кои не членувале во ниедно тутунско здружение, по сила на закон им се задржувало членарина, така што всушност тие биле воведени во ситуација да плаќаат два пати членарина, како по Законот за тутун, така и по Законот за здруженија на граѓани и фондации, поради што се бара Судот да поведе постапка за оценување на оспорените ставови на члент 27 од Законот за тутун и тутунските производи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 27 став- овите 3 и 4 од Законот, надоместокот за застапувањето на претставникот од здружението на тутунопроизводители при откупот на тутунот е на товар на производителот, го засметува откупувачот при исплатата на откупениот тутун и го уплатува на сметката на највисоката асоцијација на тутунопроизводители.

4. Согласно член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Со Законот за тутун и тутунски производи се уредува примарното производство (производство) и финансирањето, откупот, сместувањето, обработката на откупениот суров тутун во лист (тутун), прометот на ферментираниот тутун, како и производството и прометот на тутунските производи.

Според членот 2 од Законот, под тутун, во смисла на овој закон се сметаат лисја добиени од растенија на видот никоцијана табакум (Nicotiana tabakum).

Со членот 3 од Законот е дефинирано значењето на употребените изрази во овој закон. Така, во точката 15 од овој член од Законот е утврдено дека откуп на тутун, е процена и преземање на суровиот тутун, во простории предвидени во членот 21 од овој закон, во точката 17 е утврдено дека обработка на тутун, е обработка (индустриска манипулација, ферментација или ридраинг постапка) за добивање на ферментиран тутун, а во точката 18 од членот 3 од Законот е утврдено дека промет на ферментиран тутун е купопродажба, извоз и увоз на ферментиран тутун.

Процената на тутунот согласно членот 26 од Законот ја врши проценувач кој има лиценца за процена на тутун издадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според ставот 2 на овој член од Законот, формата и содржината на лиценцата од ставот 1 на овој член ја пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, според ставот 3 за добивање на лиценца од ставот 1 на овој член се полага испит пред комисија што ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, според ставот 4 кандидатите за полагање на испит за лиценца за процена на тутунот треба да бидат:
– со соодветно високо, вишо или средно образование од областа на технологијата за производство и обработка на тутун со или без работно искуство или
– без соодветно високо образование, а со две години работно искуство, вишо образование со три години работно искуство или средно образование со четири години работно искуство во областа на технологијата за производство и обработка на тутун или
– со несоодветно високо, вишо или средно образование и да е производител на тутун непрекинато најмалку последните пет години.

Во делот IV “Откуп, обработка на тутун и промет на ферментиран тутун” е содржан и оспорениот член 27 од Законот.

Имено, според членот 27 став 1 од Законот, проценувачот, проценката ја врши во просторијата наменета за откуп на тутун, а во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека проценувачот, процената на тутунот ја врши јавно во присуство на производителот и претставникот на здружението кој има лиценца.

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот, надоместокот за застапувањето на претставникот од здружението на тутунопроизводители при откупот на тутутнот е на товар на производителот, го засметува откупувачот при исплатата на откупениот тутун и го уплатува на сметката на највисоката асоцијација на тутунопроизводители.

Во оспорениот став 4 на овој член од Законот е утврдено дека висината на надоместокот од ставот 3 на овој член во зависност од фактичките реални трошоци ја определува највисоката асоцијација на тутунопроизводители пред почетокот на откупот на тутунот, по претходна согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со Законот за здруженијата на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007) се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани и фондации.

Во делот V „Средства на здруженијата на граѓани и фондации“ во членот 61 став 1 е утврдено дека здруженијата на граѓани и фондациите можат да стекнуваат предмети, парични средства и имотни права.

Според ставот 2 од овој член од Законот, здруженијата на граѓани и фондациите средствата ги стекнуваат од членарини, прилози, донации, подароци и слично и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон.

Тргнувајќи од содржината на оспорените и други одредби од Законот, наводите во иницијативата, како и уставните одредби во однос на кои тие се оспоруваат, Судот, оцени дека не може основано да се постави прашањето на согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот. Имено, подносителот на иницијативата погрешно ја поистоветува, односно не ја диференцира членарината што ја плаќаат членовите на здруженијата и надоместокот кој е предвиден во оспорените ставови на членот 27 од Законот. Улогата на претставникот на здружението е да ја следи процената, да ја оспори на лице место и да даде приговор за процената во однос на квалитетот и квантитетот на тутунот, всушност, тој ги штити и ги застапува интересите на тутунопроизводителите и нормално дека за вршење на наведената работа тој добива соодветен надоместок чија висина ја утврдува највисоката асоцијација на тутунопроизводителите по претходна согласност на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Значи, претставникот на тутунопроизводителите работи за сметка (ги штити и застапува интересите) на тутунопроизводителите кои се должни да го наградат со надоместокот утврден во оспорените ставови на членот 27 од Законот. Дека на процесот на процената на тутунот, на претставникот на тутунопроизводителите законодавецот му посветува значајна улога го потврдува и фактот дека претставник на тутунопроизводителите со оглед на тоа што тој ги застапува нивните интереси, не може да биде било кој член од здружението, туку тој треба да исполнува одредени услови и да има лиценца за процена на тутун согласно членот 26 од Законот.

Во образложението на Предлогот на законот, исто такa сe наведува дека “со цел откупот на тутунот да биде што по организиран и транспарентен, законодавецот во оспорените одредби од Законот предвидел присуство на претставникот на здруженито на тутунопроизводителите при откупот на тутунот да биде мотивиран со доделување на паричен надомест на начин како што е утврдено во овој закон. Откупот на тутунот се врши во присуство на претставник од откупувачот, производителот и претставник од здружението на тутунопроизводители. Присуството на претставник од здружението на тутунопроизводители има за цел спроведување на правичен откуп и заштита на производителот пред откупувачот при проценката на тутунот. Со овој закон се предвидува право на паричен надоместок на претставникот на здружението на тутунопроизводители како би се надоместиле фактичките, реални трошоци за неговото присуство при откупот”.

Тргнувајќи од наведен ото, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 27 ставови 3 и 4 од Законот со членовите 12 и 20 од Уставот, а по однос на меѓусебната согласност на овој закон со Законот за здруженија на граѓани и фондации, Уставниот суд не е надлежен за оценување на меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2008
8 јули 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски