192/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот, број 07-5676/2 од 3 септември 2007 година („Службен гласник на општина Аеродром“ број 30/2007) донесена од Советот на општина Аеродром.

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Советот на општината Аеродром на претходната седница пред донесување на оспорената Одлука, ја донел Одлуката за утврдување на надомест на Советот за седница, меѓутоа таа како предложена точка на дневен ред практично била разгледана и донесена на седницата со уште три други одлуки за кои Советот не доставил предлог за заедничка расправа, и на тој начин не било постапено во согласност со Деловникот на општината Аеродром (член 81 став 2).

Со оглед на тоа што на седницата на Советот на општината не се работело според одредбите од Деловникот, а од друга страна оспорената одлука го уредувала надоместокот на членовите на Советот на општината за седници, спротивно на членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука се потврдува Одлуката за надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот, број 07-4759/1 од 16 август 2007 година, а во членот 2 е определено дека се утврдува надоместокот на членовите на Советот на општината за седници на Советот.

Според членот 3 од Одлуката, на членовите на Советот на општина Аеродром им се утврдува надоместок во износ од 30% од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци за секоја седница, без оглед на нејзиното времетраење.

Со членовите 4 и 5 од Одлуката е утврдено дека со нејзиното стапување во сила престанува да важи Одлуката број 07-1798/1 од 20 март 2007 година, и дека Одлуката стапува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Според членот 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдени со закон.

Согласно членот 100 од Законот кој е предвиден во Главата XV „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука наполно во согласност со цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа е уредено прашањето за надоместок на членовите на Советот за седници, односно Советот во оспорената одлука во целост ја прифатил законската норма како во однос на висината на надоместокот за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, така и во однос на правното дејство на Одлуката по денот на објавувањето и влегувањето во сила, сметаме дека врз основа на наводите во иницијативата неможе да се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука. Од аспект на работењето на Советот на општината, Судот не е надлежен да го оценува дали тоа било во согласност со актите на општината, ниту со овие наводи во иницијативата може да се доведе во прашање законитоста на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски