192/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 116 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 116 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со член 15 и 50 од Уставот на Република Македонија со член 218 став 2 од Законот за органите на управата и член 135 став 2 од Законот за работните односи. Имено со оспорениот член се исклучува двостепеноста на жалбата и девулативниот принцип како едно од гаранциите за остварување на правото и врз закон заснован интерес.

3. Судот на седницата утврди дека во член 116 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија е предвидено дека по приговорот на работникот кај работодавецот може да одлучува и органот што одлучува во прв степен, при што ако тоа бил работодавецот ќе ја преиспита претходно донесената одлука.

4. Судот исто така утврди дека по предметот У.бр.124/96 од 12 јуни 1996 година ја оценувал оспорената одредба и изразил становиште дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот и Законот, затоа што со Устав и закон е предвидено дека со колективен договор се уредува прашањето на постапката за остварување на правото на вработените, а во тие рамки и кој правен лек ќе се употреби против првостепениот акт на работодавецот и кој орган ќе одлучува против правосилен акт на работодавецот.

5. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што членот 116 од Колективниот договор се оспорува од истите причини како и во претходниот случај за кој Судот веќе одлучувал, а со новата иницијатива нема основ за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.192/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков