У.бр.19/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-89/3 од 05.01.2016 година за донесување на детален урбанистички план за градска четврт 3 06 опфат помеѓу бул. „Партизански Одреди“, ул. „Московска“, бул. „Македонија“ и бул. „8-ми Септември“, Општина Карпош-Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош (Службен гласник на Општина Карпош бр.2 од 8 јануари 2016 година).

2. Марија Петковска, преку адвокат Нина Петковска, двете од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека е сопственик на недвижен имот изграден на ул. „Букурешка“ бр.35 уште 1964 година на КП 3100. На парцелата се наоѓале: куќа, две паркинг места, гаража и дворно место. Ваквата состојба на парцелата била предвидена во сите досегашни детални урбанистички планови. Со донесувањето на оспорениот план се предвидувало проширување на патека во делот на кој се наоѓале двете паркинг места и гаражата, како пристап до само една парцела. Во моментот патеката била широка 2 метри, што според подносителот на иницијативата било доволно за да се пристапи до само една парцела, која се наоѓала позади парцелата на подносителот на иницијативата. Новото проширување на патеката било на местото каде се наоѓале гаражата и двете паркинг места на подносителот на иницијативата.

Со евентуалното спроведување на Планот ќе се изгубела функцијата на паркинг местата и гаражата, а со самото тоа ќе се нарушела и функционалноста на целата парцела. Проширувањето на патеката за 1,5 метар би значело намалување на ширината на постојниот паркинг од 3 метри на 1,5 метар.

Оттаму, со оспорената одлука бил прекршен член 4 став 1 и став 2 алинеи 2 и 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, бидејќи во целост се прекршувале начелата што Советот на Општината требало да ги почитува во процесот на планирање, наместо да обезбеди услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Имено, Советот на Општината со донесената одлука го одзема правото на паркирање и користење на гаража за да се исполнат интересите на поединецот кој ја купил внатрешната парцела, која се наоѓала позади парцелата на подносителот на иницијативата. Со самото тоа биле сторени повреди на принципите на правилникот, законите (не е означено кој акт и кои одредби) и Уставот.

Според подносителот на иницијативата Одлуката била спротивна на член 22 точка 7 од Правилникот за стандардите и нормативите на урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2012, 19/2013, 95/2013, 167/2013, 37/2014, 125/2014 и 148/2014). Притоа во поткрепа на наводите се доставуваат повеќе документи врз основа на кои Судот можел да утврди дека фактичката состојба била непроменета со години, а внатрешната парцела имала пристап до улица.

Исто така, оспорената одлука била спротивна и на член 59 став 1 точка 1 алинеја 2 од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015) која одредба го уредувала минималниот број на паркинг места наменети на земјиштето и градбите.

Од наведеното произлегувало дека Одлуката била спротивна на членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост.

Врз основа на сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да ја провери уставноста и законитоста на оспорената одлука, бидејќи постоела нејзина неусогласеност и спротивност со Уставот и законите, па по спроведената постапка истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата, утврди дека Советот на Општина Карпош, врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и член 26 став 4 алинеја 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) на 5 јануари 2016 година ја донел оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека се донесува Детален урабанистички план за Градска четврт 3 06 со означување на улиците на наведениот опфат.

Во членот 2 од Одлуката е определен просторот за кој се донесува Планот со површина на урбан опфат П=75,86 ха.

Во членот 3 се определени намените на планираните објекти, класите и намените на земјиштето, максималната висина на објектите и други параметри.

Во членот 4 од Одлуката е определено дека нејзин составен дел се: текстуалниот дел, графичките прилози, основните параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Според членот 5 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Општината Карпош и потпис на претседателот на Советот на Општината.

Во членот 6 е определено каде се чува Планот.

Во членот 7 од Одлуката е предвидено влегување во сила со денот на донесувањето и објавување на истата во „Службен гласник на Општина Карпош“.

Одлуката е заведена под бр.09-89/3 од 05.01.2016 година.

4. Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврдени со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 4 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање кој бил во сила во време на донесување на оспорената одлука, со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Меѓу другите начела во процесот на планирање и уредување на просторот во став 2 алинеи 2 и 3 од истиот член од Законот се определени рационалното уредување и користење на просторот и условите за хумано живеење и работа на граѓаните.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била спротивна на членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост.

Урбанистичкото планирање по својата суштина претставува планирање на одреден простор, со него не се врши располагање со нечиј имот, односно не се уредуваат сопственички прашања на конкретни физички лица и не се врши одземање или ограничување на нивните сопственички права. Новите сопственички правни ситуации настануваат со реализацијата на планот на терен. Ваквото гледиште произлегува од уставно-судската практика по предметите У.бр.16/2013, У.бр.17/2013 и други. Оттаму, Судот нема услови да се впушта во оценка на уставноста од аспект на тоа дали е повредено правото на сопственост при планирањето, бидејќи кога станува збор за урбанистички планови ја цени само постапката за нивното донесување.

Уставниот суд исклучиво ја цени законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот, а не и од аспект на содржината на планот. Ова од причини што Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија.

Од страна на подносителот на иницијативата Одлуката не се оспорува по однос на постапката за нејзино донесување, односно по однос на нејзината согласност со членовите 7 до 52 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, туку оспорувањето се однесува по однос на согласноста со членот 4 став 1 и став 2 алинеи 2 и 3 од Законот.

Инаку, во конкретниот случај од увидот во доставената и прибавена документација Судот утврди дека подносителот на иницијативата земал учество во јавната анкета спроведена во периодот 27.04 до 11.05.2015 година со поднесување на забелешка. Истата по однос на предметната пристапна патека не била прифатена од причина што Комисијата на Општина Карпош сметала дека градежната парцела 5.265 е преземена од важечката планска документација, а пристапната патека е согласно Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

При состојба кога подносителот на иницијативата земал активно учество во постапката на планирање и не ја оспорува самата постапка на планирање, туку бара од Судот да се произнесе за согласноста на Одлуката со член 4 став 1 и став 2 алинеи 2 и 3 од Законот (начела при планирањето) Судот оцени дека вака изнесените наводи се неподобни за навлегување во уставно-судска анализа.

Ваквото гледиште се заснова на праксата по предметот У.бр.142/1997 каде Судот оценил дека аспектите предвидени во член 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996), се во надлежност на доносителот на урбанистичкиот план во соработка со другите надлежни органи, а Уставниот суд е надлежен да одлучува дали урбанистичките планови се донесени во постапка предвидена со закон. Имајќи предвид дека содржината на членот 4 став 1 и став 2 алинеи 2 и 3 од Законот што сега е во сила е идентична со гореозначената законска одредба произлегува дека и во овој случај Судот не може да навлегува во прашањата од надлежност на доносителите на урбанистичките планови.

По однос на наводите од иницијативата што се однесуваат на повреда на членот 22 точка 7 од Правилникот за стандардите и нормативите на урбанистичкото планирање, како и на член 59 став 1 точка 1 алинеја 2 од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање се оцени дека се наводи кои бараат Судот да се впушти во оценување на меѓусебната согласност на два подзаконски акти од ист правен ранг (одлука за урбанистичко планирање наспроти наведените правилници) што не спаѓа во надлежност на Уставниот суд согласно членот 110 од Уставот.

Врз основа на наведеното произлегува дека Судот за одделни прашања покренати со иницијативата нема надлежност да постапува, а за одделни прашања постојат процесни пречки за впуштање во оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.19/2017
1 ноември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски