19/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 став 4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2006 и 140/2007).

2. Вера Котева од Струмица на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 40 став 4 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која дополнително е прецизирана, оспорениот член 40 став 4 од Правилникот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеји 10, 8 став 2, 30 ставови 1, 2 и 3, 43, 39 став 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, според подносителот на иницијативата со оспорениот член од Правилникот се ограничувало правото кое произлегувало од сопственоста на двор­но место или градежна парцела бидејќи отвор со парапет од 1,60 метри не дозволувал да се гради во земја, туку само во него. Имено, според иницијативата човекот како дел од приро­дата со ништо не смеел да се ограничува ниту со ѕид ниту пак да му се попречи правото да отвори прозори. Правилникот како акт донесен од Министерот за транспорт и врски пропишувал што е дозволено, што значи дека дозволено биле само отвори со парапет од 1,60 метри.

3. Судот на седницата утврди дека според член 40 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање диспозицијата на површината за градење во градежната парцела и нејзиното растојание од границите на градежните парцели зависат од типот на градење, односно од начинот на групирањето на градбите во блокот. Постојат три типа на градење и тоа:
1) Периметрално градење на блок кај кое површините за градење се групирани по периметарот на блокот и ослободуваат неизграден простор во средината на планот во вид на внатрешно блоковно двориште,
2) Површинско градење на блок кај кое површините за градење ја покриваат целата површина на блокот при што во секоја градежна парцела и во секоја површина за градење се обезбедува внатрешен двор, атриум или патио, и
3) Дисперзивно градење на блок кај кое површините за градење се лободно распоредени по целата површина на блокот на растојание една од друга.

Според став 2 на членот 40 од Правилникот растојанијата помеѓу површината за градење и границата на градежната парцела зависат од типот нна градење и намената на земјиштето, и тоа:
1) Кај периметралниот тип на градење наменет за домува­ње, површините за градење се по правило поместени кон лицето на парцелата, тежнеат да ја зафатат целата широчина на парцелата и да се допираат со соседните површини за градење. Растојанието помеѓу површината за градење и страните на парцелата тежнее кон нула, а и растојанието помеѓу површината за градење и регулаци­оната линија со згуснувањето на градбата тежнее кон нула. Растоја­нието помеѓу површината за градење и дното на парцелата е најмал­ку 6,0 м.
2) Кај површинскиот тип на градење наменет за домување кај кој отворите на градбите се ориентирани кон внатрешните дворо­ви, растојанието помеѓу површината за градење и регулатор­ните линии е нула или тежнее кон нула.
3) Кај дисперзивниот тип на градење наменет за домува­ње со слободно стоечки градби со по четири фасади со отвори, рас­то­јанието помеѓу површините за градење и границите на градеж­ните парцели е најмалку 3,00 м. за градби со височина до 10,20 м (мерено од тротоарот до кота на венец), потоа најмалку третина височина за градба со височина над10,20 м. Растојанијата важат за страни од површините за градење на кои се предвидуваат регуларни отвори на градбите.

Според став 3 на истиот член од Правилникот, при одре­дувањето на диспозицијата на површината за градење во урбанистич­ки план, не се дозволени растојанија помеѓу површината за градење и страната на градежната парцела поголеми од нула, а помали од 1,20 м.

Во оспорениот став 4 од членот 40 на Правилникот, се предвидува дека кога растојанието помеѓу површината за градење и страната на градежната парцела е нула, не се дозволени никакви отвори на ѕидот на градбата на границите на градежната парцела. Кога растојанието е од 1,20 до 3,0 м дозволени се само помали отвори со парапет од најмалку 1,60 метри, а на растојанија од 3,0 метри и над 3,0 метри се дозволени регуларни отвори на таа страна од градбата (оспорен став).

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уна­предувањето на животната средина и на природата.

Во членот 8 став 2 од Уставот се предвидува дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 43 од Уставот секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Во членот 31 став 4 од Законот за просторно и урбанис­тичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/ 2005) е дадено овластување на министерот кој раководи со органот на дражавната управа надлежен за работите од областа на уреду­вање на просторот да пропише стандарди и нормативи, а во врска со членовите 10, 11 и 12 од Законот.

Според член 10 од Законот, генерален урбанистички план се донесува за градот Скопје и за градовите кои се седишта на општина утврдена со закон.

Генералниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решениија, како билансни показатели, а особено граница на плански опфат која претставува гранаица на градот, граница на зони според намената на земјиштето и општиот режим на градење и употреба, примарни видови и градби од сите градски инфраструктури, граници на урбани подрачја за детално планирање на просторот и друго.

Во членот 11 став 1 од Законот е предвидено дека дета­лен урбанистички план се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план содржи особено: максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиш­тето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мре­жа со нивелманско решение, билансни показатели за планскиот опфат и соодветни графички прикази.

Според член 12 од Законот, урбанистички план за село се донесува за подрачје на населено место во општината од селски карактер.

Од цитираните законски одредби произлегува дека Зако­нот точно ја определил содржината на генералните и деталните пла­нови, како и урбанистичкиот план за село. Исто така, Законот дал овластување на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот, да пропише стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање со кое се уредуваат основите за рационалните планирања, уредувања и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работење на граѓаните.

Од анализата на оспорениот член од Правилникот , а во контекст на наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што со истиот се предвидува диспозиција на површините за градење во градежната парцела во зависност од типот на градење, односно од начинот на групирање на градбите. Имено, во оспорениот член 40 од Правилни­кот означени се три начини на групирање на градбите: периметрално, површинско и дисперзивно градење на блок. Според Судот со овој подзаконски акт се определува начинот на групирањето во зависност од местоположбата на локалитетот (урбана или рурална средина) кој се урбанизира, економската оправданост, густината на населеност и друго. Локалната самоуправа преку усвоена програма одлучува кој од наведените типа на градење ќе се планира за одреден локалитет.

Нормативите и стандардите за урбанистичко планиарање ги изработува комисија формирана од министерот за транспорт и врски и е составена од истакнати научни и стручни работници од полето на урбанистичкото планирање. Определените стандарди и нормативи од комисијата се предмет на стручна расправа организи­рана од стручни и научни работници од областа на урбанистичкото планирање, по кое утврдуваните стандарди и нормативи се објавува­ат од надлежниот министер.

Оттука, пропишаните нормативи и стандарди утврдени од научни и стручни работници се предмет на стручна расправа на стручни научни работници, кои не биле членови на комисијата, што значи дека целата поставеност на постапката при утврдување на нормативите и стандардите, овозможува целосно стручно и научно утврдување на истите со цел обезбедување на услови за хумано живеење и работење на граѓаните.

Тргнувајќи од наведената анализа, Судот оцени дека со оспорениот член 40 став 4 од Правилникот се дозволени регуларни отвори, кои по својата содржина претставуваат технички нормативи, односно стандарди кои се засноваат на одредени научни и стручни мислења и искуства, дадени од експертите во областа на урбани­стич­кото планирање, не може да претставува основа за оценување на уставност и законитост на овој подзаконски акт, од причина што исти­те се однесуваат на стручни, а не на правни прашања, дотолку повеќе што претставуваат операционализација на законско утврдени овлас­тувања.

Поаѓајќи од наведената уставно-судска анализа, Судот утврди дека оспорениот член 40 став 4 од Правилникот не може да се доведе под сомнение со темелната вредност на Уставот на Република Македонија утврдена во членот 8 став 1 алинеја 10, како и со членовите 30, 39 и 43 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.19/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е
л.а/лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски