19/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Согласноста на Одлуката за донесување на парцијална измена и дополнување на делови од Деталните урбанистички планови во град Куманово – за дел од улицата “Максим Горки” КП.број 10538/13, издадена од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на 11 декември 1997 година.

2. Спасовски Петар од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина пред да ја даде оспорената согласност, која била барана по втор пат, претходно не го укинал решението со кое, при постоење на исти услови, првото барање на согласноста го одбило.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената согласност се дава на Одлуката за донесување на парцијалната измена и дополнување на Деталните урбанистички планови во град Куманово – за дел од улицата “Максим Горки” КП.бр.10538/13.

Во неа се наведува дека Советот на општина Куманово, до Министерството поднел образжалено барање за издавање согласност за примена на Одлуката за донесување на парцијална измена и дополнување на делови од Деталните урбанистички планови на град Куманово – за дел од улициата “Максим Горки” КП.бр.10538/13, за што се доставени сите акти потребни за вршење на оваа измена, поради што согласноста била и издадена.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Имајки ја предвид содржината на оспорената согласност од која се гледа дека се однесува на Одлуката за парцијални измени на делови од урбанистичките планови во градот Куманово со означена улица и број на катастарска парцела Судот оцени дека истата се однесува на познати субјекти и не претставува акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.19/98)