191/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006 и 29/2007).

2. Фатмир Емрулау од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, со оспорената одредба неосновано се доведувале во нерамноправна положба граѓаните-дипломирани правници во однос на предноста за упис во Именикот на адвокатите, само поради тоа дали стекнале претходно работно искуство во правосудните органи или пак во други државни органи и приватни правни лица.

Имено, со оспорената одредба во Именикот на адвокатите можело да се запише лице, кое покрај другите услови, го исполнува условот најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции, или најмалку три години на други правни работи.

Со ова практично неоправдано им се давала предност на правниците кои по дипломирањето работеле во органите на правосудството и во адвокатските канцеларии за сметка на тие кои засновале работен однос во државната управа, што било во спротивност со суштината и целите на постоењето на адвокатската дејност. Имено, во член 53 од Уставот било јасно определено дека адвокатурата е јавна служба која обезбедува правна помош за граѓаните и врши и други јавни овластувања согласно со закон. Оттука се гледало дека адвокатурата не била замислена само како сервис за граѓаните пред правосудните институции, туку таа пред се била јавна служба која обезбедува правна помош од било каков карактер, што значи правна помош за граѓаните и пред правосудните институции, но и пред управните органи, пред приватните правни лица, односно во сите можни случаи и пред сите јавни и приватни тела кога на граѓаните им треба помош.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувале член 9 став 2 и член 53 од Уставот, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за адвокатурата, во Именикот на адвокатите може да се запише лице, под услов најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции, или најмалку три години на други правни работи.

4. Според член член 8 став 1 али­неја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, вла­де­ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатурата, адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.

Согласно член 6 став 1 од истиот закон, адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Според членот 10 од овој закон, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија и издавањето лиценца за работа. Содржината и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Согласно членот 12 од овој закон, во Именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност и кое ги исполнува посебните услови утврдени со овој закон, и тоа: да е државјанин на Република Македонија; да е деловно способно; да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет во странство; најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции или најмалку три години на други правни работи; активно да го зборува македонскиот јазик; да има положено правосуден испит во Република Македонија; да има положено адвокатски испит; да не е правосилно осуден на казна, забрана на вршење дејност, професија или должност, за време на траење на таа казна; да не е во работен однос и да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.
5. Од содржината и значењето на наведените уставни одредби произлегува дека со утврдувањето на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, се изразува јасната определба дека правната помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во функција на операционализација на оваа уставна определба, со Законот за адвокатурата се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност утврдени со овој и друг закон, организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатската дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност за штета.
Имајќи го предвид значењето на адвокатурата во пружањето правна помош и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, Судот оцени дека е право на државата, односно законодавецот да создаде нормативни претпоставки со кои ќе се обезбедат оптимални предуслови за стручно и квалитетно извршување на оваа значајна јавна служба, во која смисла и да ги определи условите под кои едно лице може да стекне право да врши адвокатска дејност.

Така, законодавецот утврдил дека адвокатската дејност ја вршат адвокати, а правото на вршење адвокатска дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.
Искуството стекнато со работење на правни работи по дипломирањето на правен факултет претставува еден од посебните услови што законодавецот ги пропишал за вршење на адвокатската дејност. Притоа, законодавецот прави разлика во однос на тоа каде е стекнато искуството, односно дали искуството е стекнато со стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудни институции, во кој случај се бара најмалку две години искуство, или е стекнато на други правни работи, во кој случај се бара најмалку три години искуство, што како решение се оспорува со иницијативата.
При анализата на наведеното законско решение во однос на наводите во иницијативата, Судот имаше предвид дека критериумот-потребно работно искуство кое се разликува во зависност од видот на работите на кое е стекнато, како услов за извршување на одредени јавни функции, законодавецот го утврдил и при утврдувањето на условите за избор на судии. Така, со член 46 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006) се утврдуваат посебните услови за избор на судија, при што се пропишува дека за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку пет години судиски стаж со потврдени резултати во работењето или осум години стаж на правни работи по положен правосуден испит; за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку пет години во суд со потврдени резултати во работењето или осум години стаж на правни работи по положен правосуден испит или е универзитетски професор од областа на правото со научен степен доктор на правни науки; за судија на Врховниот суд на Република Македонија може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку осум години судиски стаж со потврдени резултати во работењето или 12 години работно искуство со потврдени резултати на правни работи по положен правосуден испит.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорената одредба од член 12 став 1 алинеја 4 од Законот, не може да се доведе под сомнение во однос на нејзината согласност со член 9 став 2 и член 53 од Уставот од аспект на наводите во иницијативата. Ова поради тоа што не е спорно дека е право на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува секое лице – кандидат за вршење на адвокатска дејност, при што право е на законодавецот да ја цени опортуноста и целисходноста од постоењето на секој посебен услов кој го пропишува за оваа намена.
Во оваа смисла, според Судот, право е на законодавецот, имајќи ја предвид природата на работата во правосудните органи и во адвокатските канцеларии, од една страна и работата на други правни работи која се обавува во органите на државната управа, локалната самоуправа, јавните претпријатија и установи и трговските друштва, од друга страна, во однос на природата и видот на работите кои се пружаат како правна помош од страна на адвокатите, да утврди потреба од минимално работно искуство стекнато на правни работи кај наведените субјекти, како еден од посебните услови неопходни за стекнување право за вршење адвокатска дејност. Притоа, утврдувањето на потребното минимално искуство во различно траење во зависност од тоа каде истото е стекнато, претставува решение чија целисходност ја цени законодавецот, а е во функција на обезбедување услови за градење на адвокатурата како самостојна, независна и стручна јавна служба која пружа правна помош во заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, подигнати на ниво на темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оттука, според Судот, решението утврдено во член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за адвокатурата, не значи неоправдано давање предност на правниците кои по дипломирањето работеле во органите на правосудството и во адвокатските канцеларии за сметка на тие кои засновале работен однос во државната управа, како што се наведува во иницијативата. Фактот што адвокатурата обезбедува правна помош за граѓаните и пред правосудните институции, но и пред управните органи, пред приватните правни лица, односно во сите можни случаи и пред сите јавни и приватни тела кога на граѓаните им треба помош, значи обврска за државата да создаде услови за стручно и квалитетно извршување на оваа уставно утврдена дејност, во која смисла се и пропишаните услови кои треба да ги исполнува лицето за стекнување статус на адвокат. Пропишаните услови, меѓу кои и потребното минимално искуство стекнато на вршење на правни работи, се однесува на сите кандидати за стекнување право за вршење на адвокатска дејност, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што, според Судот, не се повредуваат основните граѓански и политички слободи и права гарантирани со член 9 од Уставот на Република Македонија.

Наводите во иницијативата дека се чинело сосема доволно и од аспект на Уставот доста прифатливо и рационално како услов за запишување во Именикот на адвокатите да се предвидел само полагањето на правосудниот испит кое се вршело пред овластен државен орган, а за чие полагање се барало работно искуство од две години по правни работи, Судот оцени дека ги надминува ингеренциите на Уставниот суд утврдени во член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што не се впушти во нивна оцена.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за адвокатурата со член 9 став 2 и член 53 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи