191/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 142-б став 1 точка 1 до 8, став 3 и 4; членот 142-в; членот 142-г став 1, 2 и 3, членот 142-д; членот 144 став 5 и членот 146-а од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004).

2. Синиша Станковиќ од Куманово на Уставниот суд на Република Македо- нија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби се повреду- вале член 9 став 2, член 17 став 1 и 2, член 25, член 26 и член 106 став 1 од Уставот. Притоа како генерална причина за оспорување на одредбите се наведува дека истите евидентно биле несогласни со уставните одредби, со кои се гарантирале основните слободи и права на човекот и граѓанинот од Глава ИИ и Глава ИИИ, во делот што се однесува на Јавното обвинителство од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, во општа конотација се наведува дека оспорените одредби ја доведувале во прашање еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ја повредувале уставната гаранција на слободата и тајноста на писмата и речиси сите други облици на општење, ја повредувале уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста, личниот и семеен живот, гаранцијата на достоинството и угледот на секој граѓанин, а се доведувала во прашање и уставната гаранција за неповредливоста на домот. Отстапувањето од начелото за неповредливост на тајноста на писмата и сите други облици на општење и отстапувањето од неповредливоста на домот, според подносителот на иницијативата можело да настане само врз основа на одлука на суд, но не и врз основа на донесена наредба од страна на јавниот обвинител, бидејќи таквата наредба не преставувала одлука на суд. Спротивно на императивната уставна одредба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите на Јавниот обвинител му се давало право да не гони одделни сторители на кривични дела и како странка во постапката да предлага докази-записници составени пред него. Исто така, спротивно на уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, со оспорените одредби однапред биле “амнестирани” лицата кои би ги презеле посебните истражни мерки, дури и во случај на злоупотреби или грешки.

Конкретно по однос на несогласноста со членот 17 од Уставот, подноси- телот на иницијативата наведува дека истата се состоела во тоа што Уставот дозво- лувал отстапување од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, но не и на сите други облици на општење.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 74/2004), по членот 142-а од Законот се додава нов поднаслов “2. Посебни истражни мерки” и пет нови членови 142-б, 142-в, 142-г, 142-д и 142-ѓ.

Според содржината на оспорениот член 142–б став 1 точки 1 до 8 од Законот за кривичната постапка, заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка кои на друг начин не можат да се соберат или нивното собирање би било сврзано со поголеми тешкотии, за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години и за кривични дела за кои е пропишана казна затвор до пет години за кои постои основано сомнение дека се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, може да се нареди преземање на посебни истражни мерки:

1) следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации, под услови и во постапка утврдена со закон;

2) увид и пребарување во компјутерски систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на компјутерски податоци;

3) тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства;

4) привиден (симулиран) откуп на предмети, како и привидно (симулирано) давање поткуп како и привидно (симулирано) примање поткуп;

5) контролирана испорака и превоз на лица и предмети;

6) користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци;

7) отворање привидна (симулирана) банкарска сметка на која може да се вложуваат средства што потекнуваат од сторено кривично дело и

8) регистрирање на привидни (симулирани) правни лица или користење на постојни правни лица заради собирање на податоци.

Според оспорениот став 3 на член 142-б од Законот, со преземањето на посебните истражни мерки од ставот 1 точки 4, 6, 7 и 8 на овој член не смее да се поттикнува на извршување на кривично дело.

Според оспорениот став 4 од истата одредба, против лицето кое ги презема посебните истражни мерки од ставот 1 точки 4, 6, 7 и 8 на овој член, нема да се преземе кривично гонење за дејствијата што преставуваат помагање за кривично дело, а се сторени заради обезбедување на податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка согласно со ставот 1 на овој член.

Според оспорениот член 142-в од Законот, податоците, известувањата, документите и предметите прибавени со примена на посебните истражни мерки од член 142-б на овој закон, под услови и на начин утврдени со овој закон, може да се употребат како доказ во кривичната постапка (став 1). Лицата од членот 142-б став 1 на овој закон може да се сослушаат како заштитени сведоци во врска со спроведувањето на посебните истражни мерки (став 2). Идентитетот на лицата од ставот 2 на овој член преставува службена тајна (став 3).

Според оспорениот член 142-г од Законот, во случаите утврдени со закон, во предистражна постапка, посебните истражни мерки се определуваат со наредба на јавниот обвинител или истражниот судија, а во истрага, само со наредба од истражниот судија (став 1). Во предистражна постапка истражниот судија одлучува со писмено образложена наредба за примена на посебната истражна мерка од членот 142-б став 1 точки 2 до 8 на овој закон, а врз основа на писмено образложен предлог на јавниот обвинител (став 2). Во предистражната постапка јавниот обвинител одлучува со писмено образложена наредба на писмено образложен предлог од Министерството за внатрешни работи за примена на посебните истражни мерки од член 142-б став 1 точки 3 до 8 на овој закон во случај кога не располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело (став 3).

Според содржината на оспорениот член 142-д од Законот, наредбата од членот 142-г на овој закон ја извршува Министерството за внатрешни работи, Царинската управа на Република Македонија и Финансиската полиција (став 1). Наредбата од членот 142-г на овој закон содржи: податоци за лицето против кое се применуваат посебните истражни мерки кога сторителот е познат, основите за сомневање за стореното кривично дело, фактите од кои произлегува примената на посебните истражни мерки, како и начинот, обемот и времетраењето на тие мерки (став 2). Според став 3 од истата одредба, спроведувањето на посебните истражни мерки од членот 142-б став 1 точки 2 до 8 на овој закон, може да трае најмногу четири месеци. На предлог на јавниот обвинител, кога наредбата ја издава истражниот судија, односно на предлог од Министерството за внатрешни работи, кога наредбата ја издава јавниот обвинител, од оправдани причини може траењето на посебните истражни мерки да се продолжи најмногу уште за три месеци. За несогласувањето меѓу јавниот обвинител и истражниот судија одлучува совет (член 22 став 6).

Ако посебните истражни мерки од членот 142-б на овој закон се преземени без наредба на истражниот судија, односно без наредба на јавниот обвинител или се преземени во спротивност со одредбите на овој закон, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребат во кривичната постапка (став 4). Јавното обвинителство и истражниот судија на соодветен начин, со препис на списите без лични податоци, ќе ги спречи неовластените лица, како и осомничениот и неговиот бранител да го утврдат идентитетот на лицата кои спроведувале посебни истражни мерки од член 142-б став 1 на овој закон (став 5).

Според содржината на оспорениот член 144 став 5 од Законот, кога јавниот обвинител повикува други лица за чии сознанија смета дека можат да придонесат за оцена на веродостојноста на наводите од пријавата, а осомничениот е познат, го повикува и осомничениот или неговиот бранител. Записникот за прибавените известу- вања, составен пред јавниот обвинител, осомничениот или бранителот, а потпишан од повиканото лице, може да се користи како доказ во кривичната постапка.

Според содржината на оспорениот член 146-а од Законот, јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето, ако осомничениот како член на организирана група, банда или друго злосторничко здружение доброволно соработува пред или по откривањето или во текот на кривичната постапка и ако таквата соработка и изјава на тоа лице е од битно значење за откривање на кривичните дела и сторителите.

4. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македо-нија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандманот ЏИЏ на Уставот (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.84/2003), се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација. Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката. Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со овој амандман се заменува членот 17 од Уставот на Република Македонија.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 26 од Уставот, се гарантира неповредливоста на домот (став 1). Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето (став 2).

Според член 98 од Уставот, судовите се самостојни и независни (став 2). Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратифику- вани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 5).

Според член 106 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и само- стоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон (став 1). Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон (став 2).

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно член 3 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1991), Репуб- лика Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународните органи, организации и заедници ги остварува според општоприфатените начела на меѓународното право. Република Маке- донија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики го презема членството на СФРЈ во меѓународните органи, организации и заедници.

Со Резолуција А/РЕС/47/225 од 28 април 1993 година, Генералното Собрание на ООН одлучи да ја прими Република Македонија како член на Организацијата на обединетите нации.

Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународноправните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои се Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (донесен на 16 декември 1966 година), е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година.

Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Конвенцијата на Обединетите нации против транснациона-лниот организиран криминал, заедно со Протоколот за превенција, спречување и казнување за трговија со лица, особено жени и деца и Протоколот против криумчарење на мигранти по копнен, воден или воздушен пат, со кои се дополнува Конвенцијата е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.70/ 2004).

5. Како основна причина за оспорување на одредбите од Законот за кривичната постапка, во иницијативата се наведува дека одредбите ги доведувале во прашање уставните гаранции содржани во Глава ИИ од Уставот и посебно членовите 17, 25 и 26 од Уставот, бидејќи отстапување од гарантираните права во овие одредби било дозволено само врз основа на судска одлука, но не и врз основа на наредба донесена од страна на јавниот обвинител.

По однос на несогласноста на одредбите со членот 17 од Уставот, во иницијативата е содржан и конкретен навод, според кој несогласноста со наведената уставна одредба произлегувала оттаму што Уставот дозволувал одстапување од начелото на неповедливост на тајноста на писмата, но не и на сите други облици на општење. Од вака изнесениот навод произлегува дека на подносителот на иницијативата не му е познато дека оваа одредба беше предмет на амандманска измена (Амандман ЏИЏ на Уставот). Во амандманската одредба отстапувањето е предвидено како по однос на правото на неповредливост на писмата, така и по однос на сите други облици на комуникација.

Инаку, тргнувајќи од содржината на Амандманот ЏИЏ на Уставот, произлегува дека во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, гарантирани со Уставот, спаѓа и неповредливоста на писмата и сите други облици на комуникација. Преку вака гарантираното право се остварува потребата на човекот како социјално суштество, да комуницира преку сите познати облици на комуникација, било да се во усна или пишувана форма со лицата што го опкружуваат во секојдневниот живот, без оглед дали таквата комуникација е по однос на семејниот или пак деловниот живот на човекот и граѓанинот.

Од анализата на членот 142-г од Законот за кривичната постапка, произле- гува дека истражниот судија и јавниот обвинител не можат да ги применат сите мерки определени во оваа одредба. Имено, истражниот судија може да нареди примена само на посебни истражни мерки определени во член 142-б точки 2 до 8, но не и на мерката од точката 1, а јавниот обвинител може да определи, спрема непознат сторител, посебни истражни мерки определени во точките 3 до 8 од истата одредба, но не и мерките определени во точките 1 и 2. Значи, примена на мерката од точката 1 од членот 142-б според овој закон не може да определи ниту истражен судија, ниту јавниот обвинител, а примена на мерката од точката 2 не може да определи јавниот обвинител.

Дека ниту истражниот судија, ни јавниот обвинител не се овластени да наредат примена на посебната истражна мерка следење на комуникациите и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање услови за следење на комуникациите, која е определена во членот 142-б став 1 точка 1 од Законот, произлегува и од самата одредба која предвидува мерката да се применува под услови и во постапка определена со закон. Значи Законот за кривичната постапка воопшто не го уредува прашањето за примена на мерката од точката 1 и оставил ова прашање да се уреди со посебен закон, а тоа е закон за условите и постапката за следење на комуникациите, кој се уште не е донесен.

Бидејќи подносителот на иницијативата не оспорува дека до ограничување на наведеното право може да дојде единствено врз основа на судска одлука, а примената на овие мерки (член 142-б став 1 точка 1 и 2) за јавниот обвинител очигледно не е дозволена, Судот оцени дека во конкретниот случај оспорените одредби не би можеле да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со Амандманот ЏИЏ на Уставот.

6. Почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семеен живот на граѓанинот, на достоинството и угледот на личноста се гарантира во членот 25 од Уставот. Почитувањето на личниот и семеен живот на граѓанинот, како приватна сфера на делување е основа за забрана за мешање во личното однесување на човекот и во неговото определување. Во личниот и семејниот живот на човекот никој не може да се меша вклучувајќи ја и јавната власт, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Оттаму, без оправдани и врз закон засновани причини никој нема право да се меша во случувањата во личниот живот на граѓанинот, во односите во семејството, односите меѓу брачните другари, односите меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Неповредливоста на домот се гарантира во членот 26 од Уставот. Притоа под дом, во поширока смисла се подразбира и деловна просторија, бидејќи како домот, така и деловната просторија се услови за живеење и работа на човекот.

Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписка, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед. Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.

Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Во членот 12 од Декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Според член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој човек има право на почиту-вање на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривичните дела, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Според содржината на изнесените одредби од меѓународните акти, како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, произлегува можност за ограничување на наведените слободи и права од страна на јавната власт, под услови определени во внатрешното право на државата. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон.

Тргнувајќи од уставните определби, произлегува дека Уставот предвидел можност за ограничување на наведените слободи и права под точно утврдени услови. Конкретно кај неповредливоста на домот до ограничување на правото може да дојде единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето. Кај почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот, на достоинството и угледот на личноста Уставот нема предвидено дирекно ограничување, односно отстапување.

За подносителот на иницијативата не е спорно дека до ограничување на наведените права може да дојде врз основа на судска одлука. Според него несоглас- носта со Уставот произлегува од овластувањето на јавниот обвинител со наредба да определи преземање на посебни истражни мерки во предистражната постапка.

Според член 29 став 1 од Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, секоја Држава Страна на Конвенцијата востановува, развива или подобрува, според потребите, специфични програми за обука на лицата во нејзините служби за откривање и казнување, вклучувајќи ги и јавните обвинители, истражните судии и царинските службеници, како и други лица одговорни за превенција, откривање и спречување на кривичните дела наведени во оваа Конвенција.

Тргнувајќи од содржината на член 106 став 1 и 2 од Уставот, како и од содржината на одредбите од Законот за јавното обвинителство, произлегува дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен орган, носител пред се на функцијата на гонење на сторителите на кривичните дела, кој се организира според принципот на хиерархија и субординација. Јавниот обвинител има улога на странка во постапката, кој како државен орган ја остварува функцијата на гонењето и со оглед на тоа се јавува во улога на заштита на објективниот правен поредок. Улогата на Јавното обвинителство е дотолку поодговорна, но притоа и специфична и посебно доаѓа до израз кога се во прашање откривањето и гонењето на сторителите на тешки кривични дела, за која намена е формирано Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата, согласно член 29 од Законот за јавното обвинителство.

Впрочем, борбата против траснационалниот организиран криминал е обврска за Република Македонија која произлегува од одредбите на наведената конвенција. Јавниот обвинител, врз основа на членот 106 од Уставот и член 2 и 3 од Законот за јавното обвинителство има овластување да врши работи утврдени со закон, како што е во случајот Законот за кривичната постапка, а својата функција ја остварува во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, меѓу кои и Конвенцијата против транснационалниот организиран криминал.

Овластувањето на јавниот обвинител во предистражната постапка со наредба да определи примена на посебните истражни мерки од член 142-б став 1 точки 3 до 8 од Законот, спрема непознат сторител е утврдено во член 142-г став 3 од Законот за кривичната постапка.

Поаѓајќи од оваа одредба, Судот утврди дека станува збор за исклучок во определувањето на посебни истражни мерки, при што јавниот обвинител ја носи писмено образложената наредба врз основа на писмено образложен предлог од Министерството за внатрешни работи, само во случаите кога станува збор за непознат сторител. По моментот на утврдување на идентитетот на сторителот на кривичното дело, донесу- вањето на наредбата за примена на посебните истражни мерки спаѓа во надлежност на истражниот судија. Исто така, треба да се има предвид дека наредбата, било да е донесена од истражниот суди ја, или пак од јавниот обвинител, не се донесува за сите кривични дела предвидени во закон, туку само за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години или кривични дела сторени од организирана група, банда или друго злосторничко здружение за кои е предвидена казна затвор до пет години. Притоа треба да се има предвид дека наредбата се донесува со цел да се овозможи прибирање на податоци и докази за водење на кривична постапка кои на друг начин не би можеле да се соберат или нивното собирање би било сврзано со поголеми потешкотии.

Дека јавниот обвинител во кривичната постапка може да донесува наредби произлегува од содржината на член 108 од Законот за кривичната постапка. Имено, според оваа одредба во кривичната постапка одлуките се донесуваат во форма на пресуда, решение и наредба. Пресуда донесува само судот, а решенија и наредби донесуваат и други органи што учествуваат во кривичната постапка.

Во прилог на уставноста на оспорените одредби е фактот што станува збор за наредба со строго дефинирани елементи. Имено, согласно член 142-д став 2 од Законот, наредбата содржи: податоци за лицето против кое се применуваат посебните истражни мерки кога сторителот е познат, основите за сомневање за стореното кривично дело, фактите од кои произлегува примената на посебните истражни мерки, како и начинот, обемот и времетраењето на тие мерки. Значи, произволност во издавањето на наредбата по однос на нејзините елементи не е дозволена, без оглед кој ја донесува.

Од друга страна мерката може да трае најмногу четири месеци, според член 142-д став 3 од Законот, а може од оправдани причини да се продолжи за уште три месеци на предлог на Министерството за внатрешни работи и во случај на несогла- сување на јавниот обвинител и истражниот судија за продолжување на примената на определената посебна истражна мерка, одлука донесува советот од член 22 став 6 од Законот (совет од тројца судии). Значи, без согласност на истражниот судија или пак одлука на кривичниот совет во никој случај не може да дојде до продолжување на примената на мерката најмногу уште за три месеци.

Натамошната анализа укажува на постоење на заштитен механизам од произволно и незаконито постапување на јавниот обвинител при издавањето на наредба за примена на посебна истражна мерка, кој е содржан во членот 142-д став 4 од Законот. Имено, според оваа одредба, ако посебните истражни мерки од членот 142-б од Законот се преземени во спротивност со неговите одредби, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребуваат во кривичната постапка.

Според тоа, станува збор за исклучок во примената на посебните истражни мерки и тоа во предистражната постапка, во која јавниот обвинител, како носител на функцијата на гонење на сторителите на кривични дека, може со писмено образложена наредба, која е со ограничена важност од максимум четири месеци, да определи примена на мерките определени во член 142-б став 1 точка 3 до 8 и тоа по однос на конкретен вид кривични дела. Притоа до примена на наведените мерки доаѓа во случаите кога се работи за непознат сторител, односно кога не се располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело и кога на друг начин не можат да се соберат податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка или нивното прибирање би било сврзано со поголеми тешкотии и штом ќе се дознае кој е сторителот, донесувањето на наредбата за примена на мерките преоѓа во надлежност на истражниот судија. Во оспорените одредби постојат заштитни механизми против можната злоупотреба при преземањето на мерките и е воспоставена правична рамнотежа меѓу генералниот интерес на државата и интересите на поединецот, што е во согласност со ратифи- куваните меѓународни договори што се дел од внатрешниот правен поредок.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не би можело да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 142-г став 3 од Законот за кривичната постапка со членот 25, членот 26 и членот 106 од Уставот.

7. Посебно оспорениот член 142-б став 4, предвидел ангажираното службено лице од наведените органи кое симулира помагање во извршување на кривично дело да не подлежи на кривично гонење за таквото помагање. Оваа одредба не ги ослободува ангажираните службени лица од одговорност за дејствија што значат повреди и отстапување од службените овластувања.

Инаку, според член 142-д став 1 од Законот, посебните истражни мерки без оглед по чија наредба се спроведуваат, во зависност од околностите на случајот ги извршуваат Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Финансиската полиција.

Во членот 24 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/ 2004), е определено кои делувања се сметаат како помогање во извршувањето на кривично дело, а во членот 13 од истиот Законик, е дефинирано кога ќе се смета дека одредено кривично дело е сторено со умисла.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба и посочените одредби од Кривичниот законик, произлегува дека при извршување, реализација на посебните истражни мерки од членот 142-б точки 4, 6, 7 и 8 од Законот за кривичната постапка, одговорните лица во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Финансиската полиција не подлежат на кривична одговорност за дејствија што значат помагање во кривично правна смисла.

Оправданоста на ваквото законско решение, најнапред се согледува во фактот што при преземање на децидно наведените мерки, лицата од наведените органи преземаат симулирани дејствија, кои имаат за цел да се обезбедат податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка за конкретно кривично дело, што не би можеле на друг начин да се прибават. Оттаму, постои битна разлика помеѓу овие лица кои постапуваат во службени цели и мораат да бидат растоварени од помислата дека би можеле кривично да бидат одговорни додека ги преземаат бараните дејствија и лицата кои со умисла вршат тешки кривични дела за кои подлежат на кривична одговорност, па не би можело да се постави прашање за повреда на членот 9 од Уставот, според кој г раѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Еднаквост помеѓу службено лице, кое постапува во рамките на дадените овласту-вања во закон и извршител на кривично дело не може да има.

8. Судот утврди дека во член 122 точка 20 од Кривичниот законик е определено дека под група, банда или друго злосторничко здружение или организација се подразбираат најмалку три лица кои се здружиле за вршење кривични дела, во кој број влегува и организаторот на здружението.

Можност за ослободување од казна е предвидена во повеќе одредби од Кривичниот законик, а заедничко за одредбите е тоа што до ослободување од казна доаѓа под услов сторителот на кривичното дело да го открие кривичното дело или на друг начин да придонесе за откривање на кривичното дело. Оттаму, можност за ослободување од казна е познат институт на кривичното законодавство, кој наоѓа примена и по однос на сторителите, дури и на тешки облици на кривични дела, кои доброволно соработуваат пред или по откривањето или во текот на кривичната постапка. Соработката и изјавата на сторителот потребно е да се од битно значење за откривање на кривичните дела и сторителите, пришто оној кој соработува може да биде ослободен од казна, или јавниот обвинител спрема него да непреземе гонење, односнода се откаже од гонење.

Оттаму, според Судот јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење тогаш кога Кривичниот законик дозволува ослободувањето од казна како посебен вид индивидуализација само во со законот изречно определени случаи. Имено, имајќи ги предвид местото и улогата на јавниот обвинител во правниот систем, а посебно во кривичната постапка, Судот оцени дека со предвидениот институт кој значи отстапување од принципот на легалитет и примена на принципот на опортунитет не се доведува во прашање еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, гарантирана во членот 9 од Уставот. Отстапувањето од овој принцип е определено и во членот 47 од Законот за кривичната постапка, според кој јавниот обвинител може да се откаже од барањето за гонење до завршувањето на главниот претрес пред првостепениот суд, а пред повисокиот суд во случаи определени во овој закон.

Притоа Судот имаше предвид дека, според член 11 став 2 од Конвенцијата против транснационалниот организиран криминал, секоја Држава Страна на Конвенцијата настојува да обезбеди секое дискреционо право врз основа на нејзиното внатрешно право, а кое се однесува на гонењата преземени против лицата за кривичните дела утврдени со оваа Конвенција, да биде вршено на начин што ќе овозможи максимална ефикасност на мерките за откривање и казнување на овие дела, прописно водејќи сметка за потребата од одвраќање од нивно извршување.

Согласно член 26 став 2 и 3 од Конвенцијата, секоја Држава Страна на Конвенцијата може да предвиди, во соодветни случаи, за намалување на казната што може да му биде изречена на обвинетото лице кое значително соработува во текот на истрагата или гонењето за секое кривично дело наведено во оваа Конвенција. Секоја Држава Страна на Конвенцијата, може да предвиди, во согласност со основните принципи на нејзиното внатрешно право, да му гарантира имунитет од гонење на лице кое значително соработува, во текот на истрагата или гонењето за некое кривично дело наведено во оваа Конвенција.

Судот на седницата утврди дека оспорената одредба во себе ги имплементирала обврските на Република Македонија, преземени на меѓународен план со ратификување на споменатата Конвенција.

Оттаму, предвидувањето на поинаков третман за поедини сторители на кривични дела, уредено како законска можност за јавниот обвинител во оспорениот член 146-а од Законот е општествено оправдано и корисно од причина што во дадена ситуација може да придонесе да се откријат членови на банди, групи или други злосторнички здруженија кои подготвуваат или пак сториле тешки кривични дела што ја загрозуваат безбедноста на државата, нејзиниот углед и воопшто сигурноста на граѓа- ните на Република Македонија.

На таков начин со прифаќање на “условно кажано” помалото зло да се ослободи од гонење сторител на тешко кривично дело би можело да се спречи настапување на поголемо зло со несогледливи последици.

Лицето што соработува во кривичната постапка со цел спречување или откривање на група, банда или друго злосторничко здружение во подготвување или извршување на кривично дело не е во еднаква кривичноправна положба со оние лица што не покажале интерес за таква соработка и опстојуваат во намерата да го извршат казнивото дело.

Врз основа на изнесеното не би можело да се постави прашањето за согласност на оспорената член 146-а од Законот со членот 9 од Уставот.

9. Судот на седницата утврди дека Уставот во членот 98, меѓу другото, предвидел дека постапката пред судовите се уредува со закон. Оттаму, кои докази ќе се изведуваат во постапката и која од странките, каков вид на докази може да предлага да се изведуваат во постапката е прашање на уредување со закон.

Од друга страна, според анализата на оспорениот член 144 став 5 од Законот, оставена е можност записникот за прибавените известувања од исказите на лица чии сознанија можат да придонесат за оцена на веродостојноста на наводите од пријавата да биде предложен како доказ од страна на јавниот обвинител, но забрана за предлагање на овој доказ од страна на обвинетиот или неговиот бранител во одредбата нема. Обвинетиот или неговиот бранител се присутни при земањето на исказот, значи на истите им е позната околноста за постоење на ваков вид на доказ и имаат можност да приговараат на содржината на записникот.

Оттаму, предлагањето на овој доказ во постапката не може да се цени како ексклузивно право само на јавниот обвинител, туку такво право според конструкцијата на законската норма има и обвинетиот, односно неговиот бранител, од што произлегува дека не би можело да се постави прашање за согласноста на членот 144 став 5 од Законот со членот 9 од Уставот.

10. Судот не се впушти во оценување на уставноста по однос на оспорените одредбите за кои подносителот на иницијативата не наведува конкретни причини.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 191/2004
4 мај 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова