191/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 2 и 15 од Законот за јавното правобранителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97).

2. Каралиевски Димитар Јован од Ресен на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 2 и 15 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Јавното правобранителство не било предвидено како уставна категорија и тоа не можело да се основа како служба на Владата на Република Македонија заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија.

Понатаму, според наводите од иницијативата се истакнува дека ако јавно правобранителство според законот презема определени мерки, правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Републиката, именувањето и разрешувањето на јавниот правобранител и неговите заменици би требало да го врши Собранието на Република Македонија, а не Владата.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот за јавно право бранителство е предвидено дека со овој Закон се уредува организацијата и надлежноста и се утврдуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавниот правобранител и заменици на јавниот правобранител.

Во оспорениот член 2 е предвидено дека “јавното правобранителство се основа како служба на Владата на Република Македонија која презема со закон определени мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши и други работи утврдени со закон.

Во оспорениот член 15 е предвидено дека вршењето на јавно-правобранителската функција на територијата на Република Македонија се извршува преку јавниот правобранител и неговите заменици.

Според член 16 од Законот, Владата на Република Македонија го именува и разрешува јавниот правобранител и неговите заменици.

4. Од наведените одредби произлегува дека Јавното правобранителство е основано со закон како служба на Владата чија организација и надлежност се утврдени со закон заради правна заштита на имотните права и интереси на Републиката.

Судот смета дека со оглед на тоа што јавното правобранителство не е уставна категорија нема пречки да функционира како служба на Владата која согласно Уставот и законот врши именување и разрешување на јавните правобранители.

5. Исто така е утврдено дека по предметот У.бр.60/2000 од 21 јуни 2000 година Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување уставноста на Законот за јавното правобранителство во целина при што судот оценил дека јавното правобранителство може да се основа како служба на Владата, поради што не може да се постави прашањето за неговата уставност затоа што тоа не е предвидено како такво во Уставот.

Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија веќе го оценувал оспорениот закон во целина и не повел постапка, а по повод на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.191/2000
29 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов