191/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алнија 3 и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Законот за личните доходи и другите надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и на другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на РМ” бр.38/91 и 23/97).

2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал пратениците и другите избрани лица и по престанокот на функцијата за која биле избрани и именувани, да примаат личен доход уште една година по разрешувањето, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.193/91 од 18 март 1992 година не повел постапка за оценување уставноста на Законот за личните доходи и другите надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, и дека со Решение У.бр.282/93 од 2 февруари 1994 година ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на истиот закон.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот веќе се произнел за уставноста на овој закон, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.191/99
10 ноември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков