189/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 од Законот за еднакви можности на жените и мажите („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 40 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член од Законот адвокатурата како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон била исклучена и оневоможена да ги застапува лицата од членот 39 став 1 на овој закон, на нивно барање, во управната постапка поведена заради заштита на правата кои врз основа на пол им биле одземени или ограничени. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со решението на овој член од Законот се вршело ограничување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, ограничување на граѓаните да користат правна помош од адвокатурата како јавна служба и нивно ставање во нееднаква правна положба, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 7, член 50, член 51, член 53, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 40 од Законот и при одлучувањето да ја има предвид сопствената Одлука У.бр.86/2003 од 26 ноември 2003 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2003), со која Судот го укинал членот 146 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, од истите причини наведении во оваа иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 40 од Законот, здруженијата на граѓаните, здруженијата на работодавачите и синдикатите можат да ги застапуваат лицата од членот 39 став (1) на овој закон, на нивно барање, во управната постапка поведена заради заштита на правата кои врз основа на пол му биле одземени или ограничени.

4. Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Обезбедувањето на правната помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето на нивните права и интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа е едно од прашањата што се уредени со Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002 и 60/2006).

Според членот 3 од наведениот закон, правната помош што ја обезбедува и дава адвокатурата, покрај давање на правни совети, составување на поднесоци и слично, се состои и од застапување на странките пред судовите, државните органи, правните лица и друго, за каков вид на правна помош станува збор и во оспорената законска одредба.

Застапувањето на странките во управната постапка, во која постапка согласно оспорениот член од Законот се остварува и заштитата на правата кои врз основа на пол им се одземани или ограничени на лицата од членот 39 став 1 од Законот, поконкретно е уредено во Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005).

Така, според член 55 од наведениот закон, полномошник што ги застапува странките во управната постапка може да биде секое лице кое е наполно деловно способно, освен лица кои се занимаваат со надриписарство. Согласно член 57 од овој закон, ако полномошното е дадено во форма на приватна исправа, истото се поднесува заверено, додека полномошното дадено на адвокат не се бара да биде заверено.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една, и содржината на оспорената законска одредба, од друга страна, според мислењето на Судот, произлегува дека со предвидувањето во оспорената законска одредба дека лицата од членот 39 став 1 од Законот за еднакви можности на жените и мажите можат, на нивно барање, во управната постапка да ги застапуваат здруженијата на граѓаните, здруженијата на работодавачите и синдикатите, интенцијата на законодавецот не била да ја исклучи можноста овие лица да бидат застапувани во управната постапка од страна на адвокатите, како што смета подносителот на иницијативата. Напротив, неговата интенција е лицата од член 39 став 1 од Законот, односно оние кои за себе сметаат дека се жртва на дискриминација, во управната постапка поведена заради заштита на правата кои им се одземани или ограничени врз основа на пол (т.н. полова дискриминација), да бидат застапувани и од субјектите наведени во оспорената законска одредба, освен од адвокатите и другите лица кои согласно Законот за општата управна постапка можат да бидат полномошници. Впрочем, исклучувањето на адвокатите да ги застапуват лицата во наведениот случај не произлегува ниту од самата формулација на оспорената законска одредба, а ни од целата концепција на Законот.

Оттука, со оглед на тоа што подносителот на иницијативата неправилно ја толкува суштината и целта на оспорената законска одредба, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои со оваа одредба се вршело ограничување на основните слободи и права на граѓаните, ограничување на правото на адвокатурата да обезбедува правна помош, потоа ограничување на граѓаните и нивно ставање во нееднаква правна положба во поглед на користењето на правната помош од адвокатурата и слично, се неосновани. Судот, исто така, утврди дека се неосновани, односно неточни и наводите во иницијативата според кои подносителот смета дека решението на оспорената законска одредба е идентично со одредбата од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, која Уставниот суд ја укинал, поради што предлага од истите причини да биде укината и оспорената одредба. Имено, видно од образложението на Одлуката У.бр.86/2003 од 26 ноември 2003 година, Судот го укинал став 3 на член 146 од предметниот колективен договор, затоа што утврдил дека во него било предвидено на работникот правна помош во расправата пред Комисијата да може да му дава само претставник на синдикатот, што е суштинско различно решение од решението содржано во оспорената законска одредба.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 40 од Законот со членовите од Уставот наведени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2006
7 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи