189/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 70а, 70б, 70в, 70г и 70д од Законот за телекомуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1996, 17/1998, 28/2000, 4/2002 и 37/2004).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на бројот на бодовите за пресметка на висината на годишниот надоместок за користење на радиофрекфенции (“Службен весник на Република Македонија” бр.73/2004).

3. Космофон АД – Скопје преку полномошникот – адвокат Наташа Трпеновска Тренчевска и Мобимак АД – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 70а, 70б, 70в, 70г и 70д од Законот за телекомуникации и оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативите оспорените одредби од Законот за телекомуникации и Одлуката на Владата не биле во согласност со членовите 8, 33, 68 и 91 од Уставот, затоа што во Законот не се утврдени јасни критериуми кои надоместокот за радиофрекфенции би го направиле определен имајќи предвид дека надоместокот за радиофрекфенции претставува јавна давачка која се однесува на субјектите со доделена концесија за обезбедување на јавни телефонски услуги и поседување на јавни телефонски мрежи. Таквата јавна давачка, според подносителите на иницијативите, морало да биде целосно и конечно регулирана со закон, без да се остави можност во тој сегмент да одлучува Владата.

Според подносителите на иницијативите, овластувањето кое произлегувало од оспорените законски одредби, немало уставна основа, затоа што не ја предвидувало методологијата на пресметување на надоместоците, па од таму Владата без никакво ограничување го определувала бројот на бодовите по одделните критериуми на кој начин се создавала правна несигурност во работењето на друштвата.

Оттука, според подносителите на иницијативата произлегувало дека со Одлуката на Владата се пропишуваат и утврдуваат права и обврски за граѓаните и правните лица кои единствено можат да се утврдат со закон, а не со одлука на Владата, што не било во согласност со член 91 алинеја 5 од Уставот и со Законот за Владата.

Во иницијативите, исто така, се наведува дека Одлуката за утврдување на бројот на бодовите за пресметка на висината на годишниот надоместок за користење на радиофрекфенции не била во согласност со Уставот, затоа што во неа било предвидено таа да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето, наместо осум дена по објавувањето.

Воедно, со иницијативите се бара Судот да донесе и решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти.

Ова барање подносителите го засноваат на фактот што веднаш по влегувањето во сила на оспорената Одлука, Управата за телекомуникации доставила фактура за наплата на годишен надоместок за користење на радиофрекфенции за 2004 година заснована на наведените акти. Притоа, начинот на кој бил пресметан надоместокот претставувало воведување на ретроактивно дејство на законот и другите прописи во услови кога нивното дејство е понеповолно за граѓаните што било спротивно на член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 70 а од Законот за телекомуникации е утврдено дека за правото на користење на радиофреквенциите односно радиофреквенцискиот опсег се плаќа годишен надоместок, чија висина се утврдува врз основа на следните критериуми: видот и намената на радио станицата, радиофреквенцискиот опсег, ширината на доделените радио канали, ефективната височина на антената, големината на сервисната зона и заедничкото користење на фреквенциите.

Висината на надоместокот се изразува во бодови, а вредноста на бодот за утврдување на овој вид надоместок изнесува 3 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

Понатаму, во овој член е утврдена вредноста на бодот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенциите во други радиокомуникациски служби кој изнесува 5 евра, а надоместокот се плаќа за целата тековна година од денот на издавањето на дозволата за работа на радио станицата на сметка на Управата за телекомуникации.

Во членот 70 б од Законот, е утврден надоместокот за користење на доделените броеви и серии на броеви за јавните телекомуникациски мрежи и јавните телекомуникациски услуги, кој се плаќа годишно од денот на доделувањето на сметка на Управата за телекомуникации.

Висината на овој вид надоместок се изразува во бодови врз основа на намената на серијата на броевите и должината на доделените броеви, а вредноста на бодот изнесува 1,5 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

Според член 70 в од Законот, надоместокот за надзор за кабелска радио – телевизиска мрежа се плаќа месечно на сметка на Управата за телекомуникации 60% и на сметка на Советот на радиодифузија 40% врз основа на бројот на крајните кориснички приклучоци утврден со динамиката во договорот за концесија.

Висината на овој надоместок се изразува во бодови, а вредноста на бодот изнесува 1 евро во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

Во членот 70 г од Законот е предвиден надоместок за вршење на технички преглед на радио станиците кој се плаќа на сметка на Управата за телекомуникации при вршење на технички преглед.

Висината на надоместокот се изразува во бодови врз основа на следните критериуми: видот и намената на радио станицата, радио фреквенцискиот опсег, моќноста на радио станицата и ангажираните технички средства за вршење на технички преглед, а вредноста на бодот изнесува 1 евро во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

Во членот 70 д од Законот е предвидено дека бројот на бодовите по одделните критериуми за пресметка на надоместоците од членовите 70 а, 70 б, 70 в и 70 г ги утврдува Владата на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 70д од Законот за телекомуникации, Владата на Република Македонија на 18 октомври 2004 година донела Одлука за утврдување на бројот на бодовите за пресметка на висината на годишниот надоместок за користење на радиофреквенции.

Во член 1 од Одлуката со оваа одлука се утврдува бројот на бодовите за пресметка на висината на годишниот надоместок за користење на радиофрекфенции.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека бројот на бодовите се утврдуваат врз основа на следните критериуми: видот и намената на радиостаницата, радиофрекфенцискиот опсег, широчината на доделените радио канали, ефективната височина на антената, големината на сервисната зона и заедничкото користење на истата фрекфенција.

Бројот на бодовите се утврдува за радиостаници во: копнена мобилна служба, воздухопловна и радионавигациска служба, фиксна служба, сателитска служба и радиодифузна служба.

Понатаму во членовите 3 до 9 од Одлуката е уреден методот на утврдување на бројот на бодовите за копнена мобилна служба, воздухопловна и радионавигациска, фиксна, сателитска и радиодифузна служба.

Во член 10 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се од темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а според став 3 од овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека право е на законодавецот со закон да ги утврди даноците и дргите јавни давачки и дека ова право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочувањето ни во поглед на субјектите и дека во рамките на остварувањето на ова право законодавецот е должен не само да го воведе видот на данокот, туку и да го уреди и начинот на неговото пресметување и плаќање.

Исто така, право е на законодавецот да го уреди начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката се отстапуваат на користење.

Од наведените одредби, јасно произлегува дека Уставот го регулира прашањето на третманот на природните богатства, добрата во општа употреба и односите на државата кон овие вредности кои можат да се отстапат на користење на начин и услови утврдени со закон.

Имајќи предвид дека радиофреквенциите се ограничен природен ресурс со кој управува државата и истите може да ги додели на користење, односно да ги даде под концесија согласно начинот и условите утврдени со закон произлегува, дека за користење на ова јавно добро се плаќа надоместок.

Оттука, надоместокот за правото на користење на радиофреквенциите по својот карактер, начинот на пресметување и плаќање не е јавна давачка туку надоместок кој концесионерите треба да го платат за користење на овој природен ресурс.

Според тоа, имајќи го предвид утврдениот режим и третман на природните богатства како добра од општ интерес за Републиката, со Законот за телекомуникации се уредуваат условите и начинот под кои се остварува дејноста во областа на телекомуникациите, изградбата, одржувањето и употребата на телекомуникациски мрежи и средства, односите меѓу давателите и корисниците на телекомуникациските услуги, конкуренцијата во областа на телекомункациите, обезбедување на универзални услуги, издавање на концесија и вршењето на телекомуникациските услуги по пат на концесија, управувањето, користењето и контролата на радиофреквентниот спектар, производството, увозот, продажбата, користењето и одржувањето на радиостаници, терминална опрема и други прашања поврзани со телекомуникациите.

Телекомуникациите кои значат пренос, предавање или прием на пораки во форма на знаци, сигнали, пишуван текст, слика или звук преку жичани, радио, оптички или други електромагнетни системи, согласно членот 4 од Законот можат да бидат јавни (кои се вршат за јавноста и се остваруваат преку телекомуникациски мрежи и средства), и за сопствени потреби (што ги обезбедуваат и вршат одделни државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни и физички лица преку телекомуникациската мрежа, исклучиво наменети за задоволување на своите потреби). Дејностите и работите од областа на телекомуникациите се вршат со одобрение, во согласност со овој закон, а одделни дејности и работи од оваа област се вршат и по пат на концесија.

Јавните телекомуникациски услуги и користењето на радиофреквентниот спектар, согласно членот 3 од наведениот закон, се утврдени како работи од јавен интерес за Република Македонија.

Со оглед на наведеното, а имајќи ја предвид анализата на Законот за телекомуникации, како и содржината на оспорените законски одредби, произлегува дека оспорените законски одредби имаат уставна основа и не може да се постави прашањето за повреда на принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и на принципот на владеење на правото. Ова, пред се, поаѓајќи од фактот што законодавецот во оспорените одредби не само што го предвидел надоместокот за користење на радиофреквенциите кој концесионерите го плаќаат за користење на јавното добро, туку ги утврдил и критериумите за пресметување на висината на надоместоците која се изразува во бодови, како и вредноста на бодот за одделните надоместоци.

При ваква состојба на утврдување на надоместоците, законодавецот поаѓајќи од уставната положба на Владата како носител на извршната власт, која покрај другото ја утврдува политиката на извршување на законите и е одговорна за нивно извршување ја овластил Владата, врз основа на утврдените критериуми во Законот, да го утврди само вкупниот број на бодови.

Оттука, Судот оцени дека даденото законско овластување на Владата да го утврдува вкупниот број на бодови претставува извршување на одредбите од Законот и тоа не значи навлегување во законодавната власт.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 70 а, 70 б, 70 в, 70 г и 70 д од Законот за телекомуникации со наведените уставни одредби.

6. При заземањето на ставот според кој оспорените одредби од Законот за телекомуникации и Одлуката на Владата не се во несогласност со Уставот, Судот ја имаше предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.87/2002 од 6 ноември 2002 година на која се повикуваат подносителите на иницијативата.

Со наведената одлука Уставниот суд ги укинал членовите 17 став 2 алинеја 4 и 61 од Законот за телекомуникации, Правилникот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенциите и Правилникот за утврдување на висината на надоместокот за надзор на кабловската радио телевизиска мрежа.

Имено, во оваа одлука Судот изразил став дека овластувањето кое произлегувало од наведените законски одредби, нема уставна основа поради тоа ѓто законот не содрюел критериуми за определување на висината на надоместоците кои їе бидат разработени со акти на министерот и дека ова овластување отстапувало од опѓтиот принцип на поделба на власта. Тргнувајїи од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија за поделба на дрюавната власт на законодавна, изврѓна и судска, министерот како еден од органите на извршната власт не може да има овластување во законодавната власт. Даденото овластување со оспорените законски одредби, во конкретниот слуиај министерот со свои акти да пропишува критериуми, висина и начин на плаќање на надоместоци, значело навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт, што е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 3, член 91 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Судот, исто така, имаше предвид дека целта на донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за телекомуникации кои измени ги опфаќаат и оспорените членови од Законот, е да се надмине состојбата како последица од Одлуката на Уставниот суд и прашањето на надоместоците да го уреди на тој начин што во законот ќе ги утврди критериумите, висината и начинот на плаќање на надоместоците за користење на радиофреквенциите. Всушност, според мислењето на Судот, оспорените одредби се во функција на извршување на Одлуката на Уставниот суд.

7. Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Согласно член 35 од Законот за Владата на Република Македонија за извршување на законите Владата, меѓу другото донесува одлуки.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт, и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и содржината на Одлуката, Судот оцени дека со неа се врши разработување и конкретизирање на членовите 70 а, 70 б, 70 в, 70 г од Законот за телекомуникации во кои се утврдени надоместоците за користење на радиофрекфенции.

Имено, според мислењето на Судот, со оспорената одлука се утврдува техниката на пресметување на бројот на бодовите врз основа на критериумите утврдени со Закон што е во функција на операционализација на законските одредби, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согланост со Уставот и Законот за Владата на Република Македонија.

8. Во однос на барањето Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти а кое барање подносителите го темелат на фактот што според нив начинот на кој е пресметан надоместокот за радиофреквенции претставува воведување на повратно дејство, според мислењето на Судот е неосновано.

Имено, во конкретниов случај не може да стане збор дека оспорените акти имаат повратно дејство, затоа што обврската за плаќање на годишен надоместок произлегува од член 34 од Законот за телекомуникации, односно обврската за плаќање на тој надоместок почнува од денот на доделувањето на концесијата за правото за користење на радиофрекфенција. Оттаму, дали тој надоместок ќе биде утврден на почетокот на годината или во кој било друг период од годината е ирелевантно за уставноста на оспорената одредба.

Во однос на наводот дека надоместокот бил утврден и за период кога правните субјекти немале добиено дозвола за користење на радиофрекфенции Судот оцени дека е фактичко прашање за кое не е надлежен да одлучува.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова