189/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 став 2, член 29 став 1 точка 2 и член 33 од Законот за заштита на лични податоци (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/94 и 4/02).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 13 став 2, член 29 став 1 точка 2 и член 33 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби содржеле овластување за донесување на подзаконски пропис за извршување на законите од страна на ракувач со збирка на податоци што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 18 и 91 алинеја 1 и 5 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 2 од Законот, поблизок пропис за постапките и мерките од ставот 1 на овој член и за начинот на користењето на податоците донесува ракувачот со збирката, а според член 29 став 1 точка 2 од Законот, со парична казна од 20 плати до 35 плати за прекршок ќе се казни ракувачот со збирката на податоци ако со пропис не ги определи и спроведува постапките и мерките за обезбедување на личните податоци (членот 13).
Со член 33 од Законот се уредува дека ракувачите со збирки на податоци ќе ги донесат прописите од членот 13 на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 18 став 1 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, а според ставот 2 од овој член, на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од овој член од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Со Законот за заштита на лични податоци се уредува заштитата на личните податоци, со цел да се обезбеди приватност и тајност на податоците кои се однесуваат на лицето, а се предмет на прибирање, обработка, чување, користење и размена во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци.
Со овој закон е определено дека збирка на податоци е организирано множество на податоци кое во целост или делумно содржи лични податоци (евиденција, регистар, база на податоци, или друго множество на податоци), кое се води и користи со средства за автоматска обработка на податоци или на класичен начин, а ракувач со збирка на податоци е правно лице, физичко лице или поединец во вршење на самостојна дејност или професија, кое со закон или писмена согласност на лицето е овластено да воспоставува, одржува и користи збирка на подтоци кои содржат лични податоци (член 3 точки 3 и 4 од Законот).
Според член 4 од Законот, збирките кои содржат лични податоци се воспоставуваат, водат и одржуваат само врз основа на закон или врз основа на писмена согласност на лицето на кое се однесуваат податоците, а според член 7 став 1 од овој закон, ракувачот со збирката може во случаите определени со закон одредени работи поврзани со прибирањето, обработката, чувањето, користењето и доставувањето на личните податоци да ги пренесе на друго правно лице, поединец во вршење на самостојна дејност или професија или физичко лице овластено за вршење на таква дејност.
Согласно член 13 став 1 од Законот, ракувачот со збирката на податоци презема организациони и технолошки постапки и мерки со кои се: обезбедуваат просториите, опремата и програмската подршка со која се обработуваат личните податоци; гарантира безбедност на доставувањето и преносот на личните податоци и оневозможува неовластен пристап до опремата и програмската подршка со која се обработуваат личните податоци и збирките кои содржат лични податоци.
Надзорот над законитоста и преземањето мерки за извршување на овој закон, ги врши органот на управата определен со законот со кој се установува збирката на податоци, а инспекцискиот надзор над спроведувањето на организационите и технолошките постапки и мерки за заштита на личните податоци ги врши органот на управта надлежен за работите на информатика и за информациониот систем на Република Македонија (член 26 од Законот).
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека сигурноста и тајноста на личните податоци е уставно загарантирана и дека таквата гаранција е операционализирана со Законот за заштита на лични податоци. Притоа, заштитата на личните податоци, покрај правната заштита, вклучува и мноштво други организациони, технолошки и други мерки што треба да ги обезбедат и преземат сите субјекти што учествуваат во процесот на прибирање, обработка, чување, користење, доставување и размена на таквите податоци. Во оваа смисла, според мислењето на Судот, пропишувањето на конкретните постапки и мерки и начин на користење на податоците од страна на секој одделен ракувач со збирка на податоци, не значи овластување за донесување на прописи за извршување на законот и одземање на таквите ингеренции од органите на извршната власт, туку на определување односно преземање на организациони, технолошки и други мерки од интерен карактер, (интерен пропис), од страна на ракувачот на збирката на податоци, во улога на обезбедување на заштитата на тие податоци. На овој начин, не се повредуваат принципите на: владеењето на правото, гаранцијата за заштитата на личните податоци и надлежноста на Владата за извршувањето на законите, туку, напротив, се обезбедува механизам за заштитата на личните податоци.
Врз основа на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 13 став 2, член 29 став 1 точка 2 и член 33 од Законот за заштита на лични податоци со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од прет седателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.189/2002
29 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов