У.бр.188/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 47 ставовите 1 и 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012 и 100/2012).

2. Весна Исајловска-Наумовска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспореното законско решение кое налага во прво одделение да се запише дете кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години, што ги опфаќало децата на возраст од пет години и осум месеци до шест години и осум месеци, создавало разлика меѓу децата по основ на нивната возраст, потенцирајќи го различниот капацитет за преземање најнапред на основните редовни, а понатаму и училишни обврски, а законодавецот посредно создавал разлика и меѓу родителите на споменатите првачиња, со самиот факт што родителскиот третман односно ангажман кон прваче на пет години и осум месеци од сите аспекти, апсолутно не бил еднаков на третманот, односно ангажманот потребен за прваче кое поаѓа на училиште со шест години и осум месеци.

Законското решение било спорно уште повеќе имајќи го предвид исклучокот, односно можноста за упис во прво одделение на дете доколку истото наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање на родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето. Тоа имплицирало нееднаквост и во однос на родителите, овозможувајќи право на родителите на само одредена категорија на деца да одлучат дали детето ќе се запише во училиште со наполнети пет години и осум месеци или една година подоцна.

Во прилог на наведеното, се укажува на забелешките на наставниот кадар во основните училишта, соочен со спроведувањето на наставниот процес на деца од петгодишна возраст, од психолошки, педагошки, методолошки и професионален аспект, како и на укажувањата на здравствените експерти, односно специјалистите по училишна медицина, врз основа на извршените анализи на правилата за потребната телесна тежина на детето при упис во прво одделение.

Понатаму, во иницијативата се упатува на разгледување на ова прашање од аспект на меѓународните документи (Конвенција за правата на детето) и компаративни искуства во оваа област, како и се укажува дека Собранието на Република Македонија има донесено Декларација за заштита на правата на детето.

Република Македонија, како држава која обезбедува уставна гаранција на правото на образование за секого под еднакви услови (член 44 од Уставот), задолжително требало да го преоцени законското решение во оспорените член 47 ставовите 1 и 2 од Законот за основното образование, чија содржина се оспорува од социолошки, педагошки, методолошки и институционален аспект, согледувајќи ги објективно капацитетите за спроведување на основното образование истовремено на деца кои немаат наполнето шест години, до деца кои на крајот на образовниот процес ќе навршат повеќе од 14 години возраст, со истите институционални, кадровски и педагошки капацитети.

Посочените аспекти задолжително требало да се доведат во релација со уставната гаранција на социјална заштита и сигурност на граѓаните, согласно начелото на социјалната праведност (член 35 од Уставот) во чии рамки заштитата на децата треба да има една од примарните улоги. На тој начин ќе се овозможела соодветна хумана популациона политика од страна на државата, која согласно член 41 став 2 од Уставот се гарантира во интерес на усогласен економски и социјален развој на државата.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 47 став 1 од Законот за основното образование, во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.

Според ставот 2 на истиот член, по исклучок од ставот 1 на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест годнини до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето,

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Законот за основното образование се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Според оспорениот став 1 на членот 47 од Законот, во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. Според ставот 2 на истиот член, по исклучок од ставот 1 на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест годнини до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето,

Прашањето за возраста на која се запишува детето во прво одделение согласно одредбите на Законот за основното образование (член 47 став 1), веќе било предмет на разгледување пред Уставниот суд, за што е известен и подносителот на иницијативата. Притоа, Судот со Решение У.бр.106/2009 од 27 мај 2009 година, утврдил дека прашањето дали родителот детето треба да го запише кога ќе наполни шест или, пак, седум години возраст во прво одделение на основното училиште во зависност од физичкиот и психичкиот развој на детето, не е прашање од уставен карактер, туку прашање на целисходност за кое одлучува Собранието на Република Македонија. Имено, законодавецот несомнено има право да утврдува определена политика, во случајов во областа на образованието, да ги утврдува условите и целите на основното воспитание и образование, да ја утврди програмата и организацијата на воспитно образовната работа во основното училиште, запишувањето на учениците во тие рамки да утврди и кога (на која возраст) едно дете стекнува статус на ученик, поради што оспорената одредба од член 47 став 1 од Законот не може да се постави под сомнение по однос на нејзина согласност со Уставот. Поради наведеното, Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 47 став 1 и член 172 став 4 алинеја 2 од Законот за основното образование.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да се произнесе за уставноста на истото законското решение со кое се определува возраста на детето за запишување во прво одделение, сега од социолошки, педагошки, методолошки и институционален аспект, затоа што се создавале нееднаквости и помеѓу децата кои поради различна возраст се разликувале во физичкиот и психичкиот развој, така и помеѓу нивните родители, во однос на различниот ангажман околу децата во зависност од нивната возраст.

Според Судот, прашањето за определувањето на возраста кога детето треба да се запише во прво одделение, не е прашање од уставен карактер, туку прашање на целисходност за кое одлучува Собранието на Република Македонија, како доносител на Законот.

Ова затоа што законодавецот несомнено има право да утврдува определена политика, во случајов во областа на образованието, да ги утврдува условите и целите на основното воспитание и образование, да ја утврди програмата и организацијата на воспитно образовната работа во основното училиште, запишувањето на учениците во тие рамки, да утврди и кога (на која возраст) едно дете стекнува статус на ученик, во која смисла и да ги преоцени важечките решенија во оваа област, како што бара подносителот на иницијативата, а Уставниот суд нема надлежност да нормира односи.

Поради наведеното, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.188/2012
9 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски