188/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 15 од Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците на лекување во странство (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92, 11/92, 32/92 и 48/92).
2. Душко Стојковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член од Правилникот не бил во согласност со член 39 од Уставот и со одредбите од Законот за здравствена заштита од причина што не се применувал па немало ни потреба да постои.
Подносителот на иницијативата наведува дека на свој трошок отишол во странство каде што успешно му била извршена трансплантација на бубрегот, а пост оперативниот третман му бил даден на Клиниката во Скопје. Фондот за здравствено осигурување одбивал да му ги исплати потрошените средства за лекување во странство од при чина што тој не поседувал никаква документација за направените трошоци.
Поради тоа, иницијаторот смета дека Правилникот не се применува од причина што не бил добро разработен и усогласен со европските стандарди.
3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.77/98 од 28 октомври 1998 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 15 од Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците на лекување во странство, поради тоа што пред Судот се постави прашањето дали осигурениците што користат здравствени услуги за време на работа во странство или во итни случаи кога осигуреникот се наоѓа во странство, без решение за упатување на лекување во странство за кои фондот за здравствено осигурување може да му признае дел од трошоците не се дискриминирани во однос на осигурениците на кои им се обезбедува основна здравствена заштита во земјата.
Меѓутоа, Судот со решение У.бр.77/98 од 3 март 1999 година, по одржаната јавна расправа, ја запре постапката за оценување уставноста и законитоста на членот 15 од Правилникот, бидејќи утврди дека оваа одредба не се однесува на осигурениците на кои во итни случаи им е пружена здравствена заштита во странство или кои се на работа во странство, туку на осигурениците кои самоиницијативно се лекуваат во странство.
4. Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Во членот 44 од Законот за здравствена заштита, е предвидено дека осигуреникот има право на лекување во странство под услови и начин утврдени со општ акт на Министерството за здравство, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.
Согласно членот 15 од Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците во странство, ако осигуреникот на фондот за здравствено осигурување е лекуван во странска здравствена установа без решение за упатување на лекување во странство, фондот за здравствено осигурување може да му признае дел од трошоците до висината на утврдената цена за соодветна здравствена услуга, а разликата на цената на здравствените услуги и патните и дневни трошоци ги поднесува осигуреникот.
Од изнесеното произлегува дека со оспорениот член 15 од Правилникот се прошируваат законските права на осигурениците кои самоиницијативно, без упат за лекување во странство се лекувале во странска здравствена установа.
Имајќи предвид дека членот 39 од Уставот ја гарантира здравствената заштита во земјата, но не и во странство, особено ако осигуреникот самоиницијативно користел услуги на странска здравствена установа, произлегува дека оспорениот член 15 од Правилникот не е во несогласност со оваа уставна одредба.
Во конкретниот случај, всушност станува збор за непримена на оспорениот член 15 од Правилникот од причина што иницијаторот нема валидна документација за трошоците направени при неговото лекување во странство.
Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд на Република Македонија согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите акти, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседате лот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.188/98)