187/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 24 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 25 став 1 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија„ бр.88/2005, 70/2006 и 81/2008).

2. Стопанската интересна заедница „Македонија Сообраќај“-Америт од Скопје, преку полномошник Златко Кочовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата по цитирање на оспорената одредба од Законот, поставува прашање која била интенцијата на законодавецот преку оспорената одредба да создаде дополнителна обврска за плаќање за граѓаните кои ги управуваат моторните возила надвор од Република Македонија? Дали тоа значело дека причинетата штета во Македонија била помала и поинаква од онаа што би се причинила во странство, иако било познато дека цената на возилата и трошоците за нивното поправање била иста во Македонија и во странство? Притоа, не било јасно како законодавецот го оправдувал користењето на зелениот картон и доплатата за него, кога возилото што е во станство не можело да причини штета и во Македонија и во странство, а плаќало двојно осигурување. Оспорената одредба од Законот била спротивна на членот 9 и членот 55 од Уставот, затоа што возилата што ги управу-вале граѓаните на Република Македонија биле поповластени од оние кои ги управувале возилата во странство, а плаќале иста премија на осигурување. Одредбата го донесувала во нерамноправна положба осигуреникот кој што платил премија за задолжително осигурување и сакал да патува покрај во Македонија и во странство. Подносителот на иницијативата поставува прашање во што се разликувала штетата причинета во Република Македонија и онаа причинета во странство? Со оваа одредба, според него, очигледна била интенцијата на законодавецот да создаде нееднаквост на пазарот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 25 став 1 од Законот, одговорното друштво за осигурување е должно да ја надомести штетата нанесена со употреба на моторно возило на територијата на земјите членки на Советот на Бироа за зелена карта, во висина определена со прописите на земјата членка во која настанала штетата, но со плаќање на доплатна премија за проширување на осигурителното покритие од членот 20 на овој закон.

4. Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите.

Според членот 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно член 14 од Законот, сопственикот, односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.

Согласно оспорениот член 25 став 1 од Законот, со наслов: „Незгоди надвор од територијата на Република Македонија-Надомест на штети во странство“, одговорното друштво за осигуру-вање е должно да ја надомести штетата нанесена со употреба на моторно возило на територијата на земјите членки на Советот на Бироа за зелена карта, во висина определена со прописите на земјата членка во која настанала штетата, но со плаќање на доплатна премија за проширување на осигурителното покритие од членот 20 на овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, ако најниските осигурени суми во таа земја се пониски од сумите на осигурување од членот 20 на овој закон, одговорното друштво за осигурување е должно да ја надомести штетата на својот осигуреник до висината на сумите на осигурување утврдени во членот 20 од овој закон.

Во членот 1 точка 5 од Директивата 72/166/EEC од 24 април 1972 година (новелирана со Директивите 84/5/EEC, 90/232/EEC и 2000/26/EEC), зелената карта е дефинирана како меѓународна потврда за осигурување издадена од национално биро во согласност со Препораката број 5 усвоена на 25 јануари 1949 година од Патно-транспортниот Подкомитет на Сувоземниот Транспортен Комитет на Економската Комисија на Обединетите Нации за Европа.

Од анализата на цититаните одредби произлегува дека тие уредуваат два вида осигурување од автомобилска одговорност кои се разликуваат меѓусебно. Првото, од членот 14 од Законот е задолжително осигурување од автоодговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе се причинат на територијата на Република Македонија, чии минимални суми на осигурување се утврдени во членот 20 од Законот, односно домицилното право. Второто, од оспорениот член 25 став 1 од Законот кое е задолжително при употреба на моторно возило на територијата на земјите членки на Советот на Бироа за зелена карта, во висина определена со прописите на земјата членка во која настанала штетата, кои се плаќања на доплатна премија за проширување на осигурителното покритие од членот 20 од домашниот закон, за кои случаи се издава меѓународна потврда за осигурување (член 1 точка 5 од Директивите).

Врз основа на наведените одредби, произлегува и различна одоговорност на друштвата за осигурување во зависност од тоа дали штетниот настан е предизвикан на територија на Република Македонија или на територија на некоја од земјите членки на Советот на Бироа за зелена карта, односно странство. Во првиот случај, друштвото одговара до износите на кои е извршено осигурувањето од автоодговорност, а во вториот одоговара во висина определена со прописите за задолжително осигурување на државата во која настанала штетата. Според тоа во прашање е ист вид на осигурување (осигурување од автоодговорност), но за различни околности (штета причинета на територијата на Република Македонија и на терито-ријата на земјите членки на Советот на Бироа за зелена карта) уредено според различни прописи (домашен и пропис на земјата членка во која настанала штетата, односно меѓународни акти) од каде произлегува дека се неосновани наводите од иницијативата за двојно осигурување за една иста работа, за создавање нееднаковост меѓу граѓаните и за создавање нееднаквост на пазарот.

Потребата од плаќање на доплатна премија за проши-рување на осигурителното покритие од членот 20 од Закон, прои-злегува од околноста што во повеќето замји-членки на Европската Унија, висината на минималните суми на осигурување се повисоки во однос на минималните суми од споменатата законска одредба.

Треба да се има предвид, дека ваквото законско решение, согласно со членот 73 од Законот, ќе се применува до денот на стекнувањето на полноправно членство на Република Македонија во Европската унија. До постигнување на полноправното членство, во членот 72 од Законот е предвидено да се врши постепено зголему-вање на минималните суми на осигурување од членот 20 од Законот, со цел приближување на нивото на минималните суми на осигуру-вање во земјите-членки.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 25 став 1 од Законот е во согласност со член 9 и член 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2009
24 февруари 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски