187/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 25 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уста-вноста на членот 112 во деловите

2. Здружението за колективно остварување на сродните права на музичките изведувачи и продуценти од Република Македонија-КОМИП, Скопје, преку овластеното лице Славко Димитров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делови од членовите 112 и 119 од Законот за авторското право и сродните права, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените делови од законските одредби се повредувале членот 9, членот 30 и членот 47 од Уставот од причина што сродните права на уметниците-изведувачи во себе вклучувале морални права, за разлика од фонограмските продуценти кои такви права немале, заради што изве-дувачите уживале посебна заштита.

Во продолжение на иницијативата се цитираат членовите 112 и 119 од Законот и се наведува дека со нивната содржина се утврдувала повластена положба на фонограмскиот продуцент по однос на изведувачот, кој бил целосно дискриминиран и исклучен по однос на давањето дозвола, прибирањето, договарањето и утврдувањето на висината на делот на правичниот надомест што му припаѓал. Оттаму, се поставувало прашањето, врз каква основа законодавецот ги поистоветил изведувачот со фонограмскиот проду-цент по однос на давањето право „примерок или репродукција на фонограм да може да се користи без дозвола и на изведувачот, кога законот во тој поглед бил сосема јасен. Според подносителот на иницијативата направеното условување во оспорените делови од законските одредби значело ограничување на правото на сопстве-ност, на правата што произлегуваат од научното и уметничкото творештво или друг вид на интелектуално творештво, како и на правото на еднаквост во слободите и правата независно од имотната и општествената положба.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 112 од Законот, изведувачот има право на дел од надоместот што го добива фонограмскиот продуцент (оспорен дел) за користење на фонограмот со неговата изведба, во согласност со член 119 од овој закон. Одредбата се оспорува во деловите: „што го добива фоно-грамскиот продуцент„ и „во согласност со член 119 од овој закон“.

Според содржината на членот 119 од Законот, примерок или репродукција на фонограм може да се користи без дозвола на фонограмскиот продуцент, доколку е издаден за комерцијална цел и тоа за: јавно пренесување, радиодифузно емитување и радиодифузно реемитување. Во тој случај, корисникот е должен при секое користење да му плаќа на фонограмскиот продуцент правичен надомест во единствен износ за правата на фонограмскиот продуцент и за правата на изведувачот, доколку со овој закон поинаку не е определено (став 1).
Фонограм ставен на располагање на јавноста со дозвола на фонограмскиот продуцент се смета за издаден за комерцијални цели и се користи под услови определени во ставот 1 на овој член (став 2).
Фонограмскиот продуцент е должен на изведувачот на фонограмот да му исплати половина од надоместот од ставот 1 на овој член, доколку со овој закон поинаку не е определено (став 3).

Одредбата се оспорува во деловите: „без дозвола на фонограмскиот продуцент“, „му“ и „на фонограмскиот продуцент“ содржани во ставот 1 на членот 119 од Законот.

4. Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Со членот 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и се гарантираат правата што произлегуваат од било кој вид интеле-ктуално творештво.

Предмет на уредување на Законот за авторското право и сродните права е правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторско право) и правото на изведувачите, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци (сродни права) над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Одредбите на Законот за авторското право и сродните права, како комплексна целина, претставуваат реална основа за остварување на со Устав гарантираната слобода на научно, уметни-чко и други видови на творештво, како и на уставната гаранција на правата што произлегуваат од научно, уметничко или друг вид на интелектуално творештво. Во таа смисла Законот во Главата V посебно ги уредува сродните права, меѓу кои и правата на изведувачите (пододдел 1. „Права на изведувачите“, членови 104 до 134-ѓ) и фонограмските продуценти (пододдел 2. „Права на фоногра-мските продуценти“, членови 117 до 120).

Според членот 104 од Законот, сродни права се правата на уметниците-изведувачи над своите изведби и правата на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на РТВ органи-зации и на издавачите (во натамошниот текст: продуценти), како и на изготвувачите на бази на податоци над нивните фонограми, видеограми, сценски дела, емисии, изданија и бази на податоци (во натамошниот текст: предмети на сродни права) определени со овој закон.
Во членовите 107 и 108 од Законот се определува дека уметници-изведувачи се: артистите, артистите-куклари, пеачите, музичарите, играорците и други лица кои со игра, песна, танц, говоре-ње, рецитирање или на друг начин, изведуваат авторски или фолкло-рни дела; како изведувачи се сметаат и режисери на драмски претстави, диригенти на оркестри, раководители на хорови, мајстори на тон, како и вариететски и циркуски уметници, а Законот разликува и изведувачи во состави, односно групи како, на пример: членови на оркестар, хор, танцов или драмски ансамбл или друг вид група.

Изведувачите имаат законски дефинирано и конкре-тизирано морално право (членовите 109 и 110 од Законот) и исклу-чиво материјално право (член 111 од Законот).

Според членот 117 од Законот, фонограмски продуцент е физичко или правно лице што ќе преземе иницијатива и одговорност за прво снимање фонограм, додека фонограм е снимка на звуци од некоја изведба, други звуци или звучни појави, освен снимките содржани во аудиовизуелно дело. Снимка, во смисла на овој став, е забележување на звуците на носач на тон од кои тие можат да бидат восприемени, репродуцирани или соопштени со помош на технички средства.

За разлика од изведувачите, фонограмските продуценти, според членот 118 од Законот имаат само исклучиви материјални права да користат или да дозволуваат или забрануваат користење на своите фонограми за: репродуцирање, дистрибуирање вклучувајќи и изнајмување, издавање, како и ставање на располагање на јавноста. За правото на дистрибуција соодветно се применува членот 111 став 2 на Законот, според кој, со првата продажба на оригиналот или на копијата на снимена изведба во Република Македонија, направени со изрична или премолчана согласност на изведувачот, се смета дека правото на дистрибуција на тој оригинал или примерок на територија на Република Македонија е исцрпено, со исклучок на изнајмувањето на снимката на изведбата.

Врз основа на вака цитираните одредби произлегува дека изведувачите и фонограмските продуценти, се разликуваат, според поставеноста во Законот, според природата на сродните права чии носители се, од каде и не можат да се поистоветат по однос на правната положба, поради што подносителот на иницијативата и не може да инсистира во уживањето на нивните права да имаат целосно еднаков третман.

Понатаму, анализирајќи ги посебно оспорените делови на членот 112 од Законот, како и целината на оваа одредба, според оцена на Судот, станува збор за воведна одредба која упатува на разработка на самото право на надомест во натамошниот член 119 од Законот и тоа кога надоместот го добива продуцентот за користење на неговиот фонограм, а не изведувачот. Имено, според членот 112 од Законот, изведувачот има право на дел од надоместот што го добива фонограмскиот продуцент за користење на фонограмот со неговата изведба, во согласност со член 119 од овој закон.

Определувањето на делот од надоместот на изведувачот е уредено во членовите 112-а и 119 став 3 од Законот. Според наведените одредби, со склучување договор за производство на фонограми, се смета дека изведувачот, по однос на својата изведба има право на надомест посебно за секое пренесено материјално право, при што независно од договорот изведувачот има право на правичен надомест од фонограмскиот продуцент за секое користење и од тоа право не може да се откаже. Оттаму, висината на надоместот е елемент на секој склучен договор за произвоство на фонограми од кој надомест изведувачот не може да се откаже (член 112-а), а фонограмскиот продуцент, во секој случај е должен на изведувачот на фонограмот да му исплати половина од надомест (член 119 став 3), доколку со Законот поинаку не е определено.

Понатаму, во членот 119 од Законот, од кој се оспоруваат одделни делови е разработено и уредено користењето на примерок или репродукција на фонограм без дозвола на фонограмскиот проду-цент во случаите кога е издаден за комерцијална цел и тоа за: јавно пренесување, радиодифузно емитување и радиодифузно рееми-тување.

Притоа, според членот 2 точка 4 од Законот, “Репроду-кција” е изработка на примерок од авторско дело или дел од него, снимено на материјална подлога, директно или индиректно, повре-мено или трајно, независно од видот на подлогата на примерокот, бројот на примероците и постапката.

Според членот 2 точката 9 алинеја 2 од истиот член од Законот, “Јавно пренесување” е претставување надвор од просторот или местото на изведувањето преку звучник, екран и слично.

Според точката 9 алинеја 5 од истиот член од Законот, “Радиодифузно емитување” е претставување авторско дело преку радио и телевизиски програмски сигнали безжично, вклучувајќи сателит или жично, вклучувајќи кабелски или микробранов систем. Радиодифузно емитување преку сателит се врши кога под контрола и одговорност на радиодифузна организација се испраќаат сигнали за емитување програма, наменети за јавноста во непрекинат комуни-кациски синџир што води до сателитот и назад до земјата. Кога програмските сигнали се кодирани, радиодифузното емитување преку сателит се случува под услови средствата за декодирање да се достапни до јавноста преку радиодифузната организација или преку друго лице со нејзина согласност. Под “сателит” се подразбира кој било сателит што работи на фреквенција којашто, согласно со соодветниот пропис за телекомуникации, е резервирана за емиту-вање на сигнали за прием од страна на јавноста или за затворена поединечна комуникација, но условите на приемот на сигнали е соодветен на условите на приемот од страна на јавноста.

Според членот 2 точка 9 алинеја 6 од Законот, „Радио-дифузно реемитување” е истовремено, во целина и непроменето пренесување на радиодифузно емитувано дело доколку го врши друга радио и телевизиска организација или се врши преку кабелско реемитување-пренесување преку кабелски или микробранов систем со повеќе од сто кабелски приклучоци, под услов делото почетно да се емитува од друга држава.

Од анализата на целината на членот 119 од Законот и деловите што се оспоруваат, од аспект на наводите од иницијативата, Судот утврди дека подносителот на иницијативата неосновано тврди дека истата доведувала до повластена положба на фонограмскиот продуцент со исклучување на изведувачот од давањето дозвола, прибирањето, договарањето и утврдувањето на висината на делот на правичниот надомест што му припаѓал на изведувачот.

Во прилог на несонованоста е и законското решение од членот 111 став 2 од Законот, според кој, со првата продажба на оригиналот или копија на снимена изведба во Република Македонија, направени со изрична или премолчана согласност на изведувачот, се смета дека правото на дистрибуција на тој оригинал или примерок на територија на Република Македонија е исцрпено, со исклучок на изнајмувањето на снимката на изведбата. Оттаму, изречна или премолчана согласност на изведувачот е присутна како елемент при првата продажба на оригиналот или копијата, кога се исцрпува правото на нивна дистрибуција на територијата на Република Македонија, со исклучок на изнајмувањето на снимката на изведбата.

Законодавецот, понатаму во членот 119 став 1 од Законот, чии делови се предмет на оспорување, ја уредува состојбата кога не е потребна согласност на фонограмскиот продуцент. Тоа е состојбата кога примерок или репродукција на фонограм, издадени за комерцијална цел се користат за јавно пренесување, радиодифузно емитување и радиодифузно реемитување.

Според тоа, произлегува дека оспорените делови од членот 119 став 2 од Законот не го исклучуваат изведувачот од давање дозвола, прибирање, договарање и утврдување на висината на надоместот, со фаворизирање на фонограмските продуценти, пред се од причина што тоа не е предмет на уредување на воведната реченица на оваа одредба. Таа како одредба е поместена во делот на одредбите што ги уредуваат правата на фонограмските продуценти и уредува кога без нивна дозвола може да се врши користење (не давање дозвола, прибирање, договарање и утврдување на висината на надоместот) на примерок или репродукција на фонограм за конкретно утврдени комерцијални цели. Прашањето пак поврзано со давањето на изречна или премолчна согласност од страна на изведувачот е уредено во независна одредба (членот 111 став 2 од Законот), која пак е поместена во одредбите што ги уредуваат правата на изведувачите. Дали е потребна или не согласност од изведувачот или пак фонограмскиот продуцент зависи од тоа за која ситуација станува збор како и кој од носителите на стварните права е повеќе или помалку засегнат од конкретната ситуација при експлоатирањето на неговото интелектуално добро.

Разгледувајќи го членот 119 став 1 од Законот како целина, заедно со оспорените делови, Судот оцени дека законо-давецот не оставил простор за договарање и утврдување на висината на надоместот од страна на фонограмскиот продуцент како што тврди подносителот на иницијативата, едноставно затоа што законодавецот тоа прашање го уредил на начин што предвидел должност за корисникот, при секое користење, да му плаќа на фонограмскиот продуцент правичен надомест во единствен износ за правата на фонограмскиот продуцент и за правата на изведувачот, и должност за фонограмскиот продуцент, според членот 119 став 4 од Законот, на изведувачот на фонограмот да му исплати половина од надоместот. Воедно со ваквото уредување законодавецот го афирмира процесот на неминовна соработка и меѓусебна зависност на изведувачот и фонограмскиот продуцент, во експлотирањето и употребата на нивната заедничка интелектуална творба. Со ваков начин на уредување, според Судот не е направена повреда на моралните права на изведувачите, утврдени во членот 109 од Законот, бидејќи ваквото уредување не го попречува изведувачот да ја заштити личната и духовна врска со неговата изведба и при состојби на користење на примерок или репродукција на фонограм, без дозвола на фонограмскиот продуцент, за конкретно утврдените комерцијални цели, да се спротистават, ако таквото користење може да им наштети или им наштетило на нивната личност, чест и углед.

Врз основа на направената анализа, а имајќи предвид дека иницијативата бара воспоставување еднаквост меѓу неедна-квите, Судот оцени дека со оспорените делови од членовите 112 и 119 од Законот не се повредува членот 9 од Уставот.

Имајќи предвид дека не станува збор за одредби кои оставаат простор фонограмскиот продуцент да влегува во договорен однос во име на изведувачот, туку за одредби кои не бараат негова согласност за користењето на примерок или репродукција на фонограм, издадени за комерцијална цел при јавно пренесување, радиодифузно емитување и радиодифузно реемитување, Судот оцени дека не ги доведуваат во прашање правата на изведувачот гарантирани со членовите 30 и 47 од Уставот, како и моралните и материјалните права утврдени во самиот Закон.

Направената анализа на уставните одредби, на одредбите од Законот за авторското право и сродните права, како комплексен закон, чии одредби не можат да се разгледуваат изолирано едни од други, како и на оспорените делови од членовите 112 и 119 од Законот, покажа дека нема место за изразување на сомнение по однос на нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во градењето на правното мислење Судот имаше предвид дека подносителот на иницијативата во постапката доста-вува примерок од дописот на Советот на Заедници за Колективен Менаџмент на Правата на Изведувачите (SCAPR), испратен до Владата на Република Македонија на 16 мај 2007 година, меѓутоа оцени дека наведениот допис нема карактер на правно обврзувачки акт кој би бил од влијание по однос на одлучувањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2008
25 февруари 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски