187/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на
седницата одржана на 15 март 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 236 став
3 во делот “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од
Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.
62/2005).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1
точка 4, член 19 став 2 и член 237 од законот означен во точка 1од ова решение.

3. Сојузот на Синдикатите на Македонија од Скопје на Уставниот суд на
Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување
на уставноста на членовите од законот означени во точките 1 и 2 од ова
решение.

Во иницијативата се наведува дека со утврдувањето што претставува
“помал работодавач” во член 5, став 1 точка 4 и со одредбата од член 19 став 2,
според која за вработените кај “помал работодавач” работодавачот не е должен со
акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно
работно место, голем број на работници ќе биле ставени во нееденаква положба во
остварувањето на правата од работен однос само од причина што се вработени во
трговско друштво или друг правен субјект кај кого се вработени помалку од 50
вработени. Со ваквото диференцирање и ставањето во повластена положба на
“помалите работодавачи” се нарушувале темелните вредности на уставниот поредок
на Република Македонија утврдени во член 8 алинеја 1 и 3, бидејќи во областа на
работните односи ќе се создадела правна несигурност што негативно ќе влијаело
на вклучувањето на Република Македонија во европските интеграциони процеси.

Понатаму во иницијативата се наведува дека одредбата од член 236 став
3 не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 11, бидејќи била спротивна на
член 8 од Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права на
ООН како и на Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот од 1948
година за синдикалната слобода и за заштита на синдикалното право чиј потписник
била и Република Македонија, како и на член 38 од Уставот на Република
Македонија кој го гарантирал правото на штрајк. За подносителот на
иницијативата не е спорно воведувањето на институтот на помирување пред
започнувањето на штрајкот, но овој правен институт не можел да биде регулиран
со акт на министерот, туку исклучиво со закон или колективен договор.

Во врска со оспорената одредба од член 237 од Законот за работни
односи, подносителот на иницијативата наведува дека таа е во спротивност со
член 9 и член 38 став 1 од Уставот, бидејќи со вакви општи законски одредби на
работодавачот му се давале огромни можности по своја слободна оценка да
отстрани 2% од учесниците во штрајкот ако лично смета дека тие “поттикнуваат
насилничко и недемократско однесување”. Подносителот на иницијативата смета
дека во ниеден дел од Законот не е утврдена постапка и обележјата на тоа што
претставува “поттикнување на насилничко и недемократско однесување” за време на
преговорите меѓу работниците и работодавачот во време на веќе започнат штрајк,
па вака даденото дискреционо право работодавачите често ќе го применувале и
злоупотребувале за време на штрајк. Поради ваквата неуставна одредба, според
мислењето на подносителот на иницијативата, ќе заживеала праксата токму
членовите на штрајкувачките одбори да бидат отстранувани од штрајкот со што
штрајкот ќе го изгубел своето значење. Во таа смисла подносителот на
иницијативата укажува дека за насилничко и недемократско однесување постои
кривична одговорност, па секој кој извршува такви дејствија подлежи кривично-
правна санкција изречена во соодветна судска постапка.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со
оспорените членови бил нарушен принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот
и законот, не бил обезбеден механизам за заштита на работникот вработен кај
“помал работодавач”, односно била загрозена правната сигурност на работникот и
биле нарушени принципот на владеење на правото и принципот на почитување на
општоприфатените норми на меѓународното право, поради што предлага Уставниот
суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на
оспорените одредби од Законот за работни односи и да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од член
236 став 3 од Законот за работните односи, штрајкот не смее да започне пред
завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на
министерот надлежен за работите од областа на трудот. Оваа оспорена одредба е
содржана во Глава XX од Законот за работните односи под наслов “Штрајк”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 11 од Уставот на Република
Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна,
извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното
право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на
вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Со закон
може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во
вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 8 од Меѓународниот пакт за економските, социјалните и
културните права, меѓу другото, е предвидена обврска за државите членки да го
обезбедат правото на штрајк, што се остварува според законите на секоја земја.

Според член 6 од Европската социјална повелба, со цел да обезбедат
вистинска примена на правото на колективно преговарање, Страните-договорнички
се обврзуваат, меѓу другото, да ги поттикнуваат воведувањето и примената на
соодветни механизми за доброволно мирење и арбитража при решавањето на
работните спорови, и им го признаваат правото на работниците и работодавачите
на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото
на штрајк, со резерва на обврските што би можеле да произлезат од важечките
колективни договори.

Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот, Судот оцени дека во
основа станува збор за одредба со која се воведува обврска за претходно
исцрпување на постапката за помирување пред да се пристапи кон штрајк како
средство за заштита на економските и социјалните права на работниците.

Мирното решавање на индивидуалните и колективните работни спорови е
регулирано со одредбите од член 182 и 183 од Законот за работните односи.

Според член 182 од овој закон, во случај на индивидуален или
колективен работен спор, работодавачот и работникот можат да се договорат
решавањето на спорот да го доверат на посебен мировен совет составен од три
члена, од кои по еден определуваат работодавачот и работникот и еден кој
заеднички ќе го определат.

Мирното решавање на колективни работни спорови по пат на арбитража е
уредено со член 183 од Законот. Според став 1 на овој член, со колективен
договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни
спорови. Со колективниот договор се одредува составот, постапката и други
прашања значајни за работата на арбитражата (став 2).

Покрај овие два члена, одредба за мирно решавање на колективни работни
спорови е содржана во член 235 од Законот, согласно која ако настане спор во
постапката на склучување, изменување и дополнување на колективен договор,
спорот се решава по мирен пат (став 1). Страните на спорот можат решавањето на
колективниот работен спор спогодбено да го доверат на арбитража.

Од наведените законски одредби кои се однесуваат на мирното решавање
на работните спорови, произлегува дека интенцијата на законодавецот била
регулирањето на овој институт да не биде предмет на императивни законски норми,
односно постапката за мирно решавање на спорови да се препушти на уредување со
колективни договори, во зависност од волјата односно спогодбата на работниците
и работодавачите.

Од формулацијата на оспорената одредба на член 236 став 3 од Законот
не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот надлежен
за работите од областа на трудот, односно дали со овој актот на министерот ќе
се уредат прашања поврзани со штрајкот или пак актот на министерот се однесува
на постапката за помирување со цел доуредување на одделни дополнителни прашања
од процедурален карактер, специфични за трудовите спорови, како дел од
регулативата поврзана со законската рамка на медијацијата.

Според оцената на Судот, овие два института, имено штрајкот и
медијацијата во трудовите спорови се тесно поврзани, од причина што мирното
решавање на работните спорови во определени случаи може да има превентивен
карактер во смисла на спречување на штрајкот, односно во случај на отпочнат
штрајк да претставува средство за разрешување на настанатиот спор по вонсудски
пат. Оттука, според мислењето на Судот, за оцена на уставноста на оспорената
одредба од решавачко значење е фактот што и двата институти се однесуваат на
прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од
Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори, односно не можат да
бидат предмет на уредување со подзаконски акт на министерот надлежен за
работите од областа на трудот. Според тоа, министерот нема уставна основа за
донесување на таков акт.

Покрај тоа, Судот оцени дека поради нејасност и непрецизност на
оспорената одредба, во која не е утврдено што ќе претставува предмет на
регулирање на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот,
таа не може да претставува валидна законска основа за овластување на министерот
да донесе таков подзаконски акт.

Врз основа на наведеното, пред Судот се постави прашањето за
согласноста на оспорената одредба на член 236 став 3 во делот: “и акт на
министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните
односи со одредбите од членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 32 став 5 и 38 од
Уставот.

6. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 точка 4 од
Законот за работните односи, “помал работодавач” е работодавач кој вработува до
50 работници, а според член 19 став 2, работодавачот е должен со акт да ги
определи посебните услови за вршење на работата на секое подинечно работно
место. Оваа обврска не се однесува на помалите работодавачи.

Според член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11 од Уставот на
Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот
признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото,
поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на
општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на
уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви
во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата,
националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната
и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат
на основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдил економските,
социјалните и културните права.

Во овој дел од Уставот, со член 32 став 1 е утврдено дека секој има
право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и
материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Според став 2 од овој член секому, под еднакви услови, му е достапно
секое работно место. Според став 5 од овој член остварувањето на правата на
вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Поаѓајќи од изнесените устав