186/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 3 и 4 и член 77 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004).

2. Љупчо Василевски од Битола и Регионалната синдикална организација од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот на Република Македонија, затоа што предвидувале наставник по предметна настава да може да биде лице со високо образование (а не со више како што предвидувал законот до тогаш), со што невработените наставници со више образование не можеле да конкурираат за наставници во одделенска и предметна настава.

Одредбата од членот 77 од Законот се оспорува затоа што предвидувала постојниот наставен кадар со завршено више образование и натаму без ограничување со рок да ги врши работите и работните задачи на местата на кои се затекнале пред денот на влегувањето во сила на овој закон со што, исто така, се повредувало начелото на еднаквост во смисла на член 32 став 2 од Уставот според кој секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 32 став 3 од Законот, наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо образование.

Со членот 32 став 4 од Законот е предвидено дека наставник по предметна настава може да биде лице кое завршило соодветна еднопредметна или двопредметна група на образование на наставници на факултет, висока школа, факултет за ликовна уметност и Факултет за музичка дејност.

Согласно членот 77 од Законот постојниот наставен кадар со завршено више образование во одделенска и предметна настава и натаму ги врши работите на работните места на кои е затекнат пред денот на влегувањето во сила на овој закон

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективени договори.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот со упатна норма му препушта на законодавецот самостојно да ги определи условите и начинот на спроведувањето (изведувањето) на одделенска и предметна настава во основното образование.

Така, согласно член 7 од Законот за работни односи работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој или друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.

Од содржината на оваа одредба произлегува дека посебните услови за вработување (степенот на образование) можат да бидат утврдени со закон, колективен договор или да ги утврди работодавецот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај, Законот за основното образование определувајќи ги посебните услови за остварување на воспитно образовната дејност во основното образование се движел и во рамките на Уставот и во рамките на Законот за работните односи, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата уставност.

Согласно член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од содржината на наведените одредби произлегува дека Уставот го гарантира начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и еднаквост при нивното вработување во смисла на достапноста на работното место секому под еднакви услови.

Имајќи ја предвид содржината на одредбата од членот 77 од овој закон според која постојниот наставен кадар со завршено више образование по одделенска настава и предметна настава и натаму ги врши работите на работното место на кои е затекнат пред денот на влегувањето во сила на овој закон, Судот оцени дека истата е согласна со Уставот на Република Македонија, односно дека со неа не се повредува начелото на еднаквост загарантирано со Уставот.

Имено, оваа одредба од Законот има карактер на преодна и завршна одредба и го решава прашањето на преминувањето од постоечките правни норми на новите правни норми во смисла што од сега па натаму за изведување на одделенска или еднопредметна настава е потребно образовниот кадар да поседува високо образование

Според Судот, со оваа норма не се повредува уставното начело на еднаквост, затоа што станува збор за два вида на кадри:

– едни кои треба да се вработат, а поседуваат више образование, односно не го исполнуваат законскиот услов за поседување на високо образование за изведување на одделенска или предметна настава и

– други кадри кои изведуваат одделенска и предметна настава со више образование, кои се вработиле кога како услов за изведување на ваков вид настава било предвидено вишето образование и кои во моментов кога е донесен Законот за измени се затечени пред денот на влегувањето во сила на истиот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбите од член 32 став 3 и 4 и член 77 од оспорениот закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова