186/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 од Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 во делот “а имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите” од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 во делот “а имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите” и член 16 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорениот дел од одредбата на член 5 став 2 од Законот за личната карта се допуштало во образецот на личната карта, како јавна исправа, да се запишуваат и податоци на друг јазик и писмо, а не само на македонски јазик и неговото кирилско писмо, што не било во согласност со член 7 став 1 од Уставот, а со оспорената одредба на член 16 од Законот, министерот за внатрешни работи се овластувал да донесе подзаконски прописи, што не било во согласност со член 91 алинеја 5 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот дел на одредбата на член 5 став 2 од Законот се уредува дека во образецот на личната карта имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите.

Според член 16 од Законот министерот за внатрешни работи во рок од три месеци од влегувањето во сила на законот ќе донесе подзаконски прописи за образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти.

5. Тргнувајќи од содржината на уставните одредби што се однесуваат на надлежностите на извршната власт во донесувањето на прописи за извршување на законите и од системските решенија содржани во Законот за органите на управата, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 16 од Законот за личната карта според која министерот за внатрешни работи се овластува да донесе подзаконски прописи за образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти, според мислењето на Судот, таквото овластување на министерот за внатрешни работи не е во несогласност со Уставот. Имено, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека, овластувањето содржано во оспорената одредба на член 16 од Законот е во рамки на постојната системска поставеност на државната управа, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

6. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметот У.бр.98/95 и У.бр.
112/95, ја оценувал уставноста на член 5 став 2 од Законот, во оспорениот дел и со Решение од седницата одржана на 6 март 1996 година, не го поставил прашањето за неговата согласност со член 7 став 1 од Уставот, што значи за истата работа Судот веќе одлучувал, а со предметната иницијатива не се изнесуваат нови факти или околности, според мислењето на Судот, нема основи за поинакво одлучување, поради што, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 од Законот во оспорениот дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.186/98)