185/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 од Законот за денационализација (“Службен вес-ник на Република Македони-ја” бр. 20/1998, 31/2000).
2. Зора Дафовска и Јана Наумовска од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 7 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторите членот 7 ги става граѓаните во нерамноправна положба: на оние на кои им постојат одземените имоти и на оние на кои не им постојат одземените имоти. Овие вторите уште на стартот се во понеповолна положба со тоа што нивните имоти не постојат. Од друга страна пак, во времето на одземањето на имотите, доколку се исплател надомест, тој бил симболичен, при што била девалвирана вредноста на одземениот имот, без разлика дали тој имот останал да постои или веднаш бил срушен. Според тоа, ако граѓанинот на кого му постои одземениот имот може да го врати тогаш добиениот симболичен надомест и да добие обештетување со враќање на имотот, тогаш зошто граѓанинот чиј имот не постои, не може да добие соодветно обештетување под истите услови што важат и за граѓанинот чиј имот постои?
3. Судот на седницата утврди дека според член 7 став 1 од Законот за денационализација, предмет на денационализација не е одземен имот за кој е платен односно даден надомест. Според ставот 2 на овој член по исклучок од став 1 на овој член, ако одземениот имот за кој е даден надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да врати надомест во износ, на начин и постапка утврдени со прописот на Владата на Република Македонија од членот 31 став 2 на овој закон.
4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот, и законите се еднакви.
Со Законот за денационализација се определуваат услови-те и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.
Во основните одредби на овој закон е и членот 7 кој се состои од два става.
Првиот став е всушност генерална определба на законодавецот според која предмет на денационализација не е одземен имот за кој е платен односно даден надомест. Тоа значи дека одземениот имот за кој државата платила односно дала надомест без разлика на висината на плаќањето и без разлика на видот на надоместот не може да биде предмет на денационализација и оваа одредба се однесува на сите поранешни иматели на имот.
Во оспорениот став 2 од членот 7 од овој закон, законода-вецот направил исклучок од општото правило содржано во ставот 1. Имено, доколку одземениот имот за кој е даден надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да го врати надоместот.
Оттука произлегува дека исклучокот се однесува на одземениот имот кој се уште постои и може да се врати, додека пак, за одземениот имот кој не постои важи општото правило содржано во ставот 1 на членот 7 од Законот за денационализација.
За одземениот имот без разлика дали тој постои или не постои, платен е односно даден надомест од страна на државата и тоа е основната причина од која тргнал законодавецот кога определил дека таквиот имот не е предмет на денационализација.
Според Судот, во конкретниот случај со членот 7 став 2 од законот не се повредува уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните бидејќи законскиот исклучок тргнува од различниот статус на одземениот имот – имот кој постои и имот кој не постои. Фактички, имотот кој сеуште постои е единствен правно релевантен основ за предвидениот исклучок.
5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 7 став 2 од Законот за денационализација со членот 9 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.185/2002
19 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов