У.бр.185/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на цената за користење вода приклучени на водоводната мрежа во Општина Богомила број 0701 од 7 април 1997 година и на Одлуката за измена и дополна на висината на надоместокот за вода и ѓубретарина број 0701 од 2 јули 1997 година, донесени од Советот на општина Богомила.

2. Петре Илиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените одлуки не биле во согласност со Уставот, Законот за комунални дејности и Законот за водите затоа што снабдувањето со вода за пиење и одржувањето на чистота е комунална дејност, а оваа дејност можела да се врши со основање на јавно претпријатие за комунални дејности, со давање на концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон, а општините не биле надлежни да ја утврдуваат цената на комуналните услуги. Пресметувањето и наплатувањето на водата и ѓубретарината го вршело јавното претпријатие, односно согласно Законот за комуналните дејности висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги ја определувал управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот, а не Советот на општината.

Подносителот на иницијативата смета дека и начинот на пресметувањето на надоместокот за вода за пиење со оспорената одлука не е во согласност со Законот од причина што овој надоместок согласно Законот за водите се пресметувал по м3 обработена и испорачана вода, а не со утврдување на паушална цена.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одлуки се утврдени комуналните услуги и цените за комуналните услуги на подрачјето на Општина Богомила. Судот, исто така утврди дека по основањето на Јавно комунално претпријатие, со Одлука на советот на Општина Богомила бр.07-49/4 од 20 март 2000 година оспорената одлука, со измените и дополнувањата е ставена вон сила.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на Законите со Уставот, а според алинејата 2 на овој член од Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа дека оспорените одлуки се ставени вон сила, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување на Судот, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.185/99
5 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков