185/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 79 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96, 34/96 и 35/97).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 70 став 2 од Законот за основното образование.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 70 став 2 и член 79 став 2 од Законот означен во точката 1 и 2 од ова решение, подносителот смета дека член 70 став 2 од Законот не бил во согласност со член 32 од Уставот, а член 79 став 2 не бил во согласност со член 32 став 5 и член 91 алинеја 5 и член 9 од Уставот затоа што со него се дава овластување определени прашања од работните односи да се уредат со статут на училиштето, што како пропис не е определен во Уставот и што вработените се ставале во нееднаква положба во зависност од нивното работно место.
3. На седницата Судот утврди дека во член 79 став 2 од Законот е предвидено дека почетокот и завршетокот на работното време, користењето на дневен и годишен одмор на лицата од став 1 на овој член (учители, наставници, стручни работници и воспитувачи) се утврдува со статутот на училиштето.
4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 91 алинеја 5 е предвидено дека Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот од аспект на наводите во иницијативата, Судот најпрво оцени дека овластувањето на Владата да донесува прописи за извршување на законите и отсуството на терминот “статут” во Уставот не е основ да се заклучува дека правните субјекти не може да донесуваат акти со кои ќе се уредат определени прашања, а кои не претставуваат извршни прописи, ниту дека статутот не може да постои како правен акт, во конкретниот случај, на основните училишта. Во таа смисла, оспорувањето на член 79 став 2 во однос на член 91 алинеја 5 од Уставот, Судот го оцени како нерелевантно.
Понатаму, Судот оцени дека прашањата што се уредени со член 79 став 2 од Законот, во основа се однесуваат на правата од работниот однос на вработените, но во суштина се однесуваат на многу поширок контекст на управување и организација на дејностите на училиштата во кои не се важни само правата на вработените, туку и правата и интересите на учениците, нивните родители, односно јавниот интерес. Почетокот и завршетокот на работното време, дневните одмори и годишните одмори на наставниот и воспитниот кадар во училиштата, на пример, е важно прашање за остварувањето на контактите на родителите и наставниците, за организирање на воннаставни активности, учество во секции итн. Оттаму, уредувањето на тие прашања со статут на училиштето, што го донесува училишниот одбор во кој учествуваат и претставници на родителите на учениците, има своја рационална основа во усогласувањето на меѓусебните интереси во процесот на воспитувњето и образованието на учениците, како првенствено организационо прашање.
Врз основа на тоа, Судот смета дека со оспорената одредба од Законот користењето на работното време и одморите на наставниот и воспитниот кадар во основните училишта се уредени на посебен начин заради остварување на јавниот интерес, при што правата на вработените утврдени со закон и колективни договори не се доведуваат во прашање, туку се усогласуваат со комплексните интереси во организацијата на основното образование. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 79 став 2 од Законот со член 32, ниту со член 9 од Уставот.
5. На седницата Судот утврди дека оспорениот член 70 став 2 од Законот престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97) поради што не постојат процесни услови за оценување неговата уставност.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиит е Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 185/98)