185/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 65 од Законот за осигурување на имоти и лица (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/93 и 65/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 65 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Армијата на Република Македонија како корисник односно сопственик на моторни возила и воздухоплови не била еднаква во правата и обврските од задолжителното осигурување со корисниците односно сопствениците на моторните возила и воздухоплови од цивилниот сектор, што не било во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 65 од Законот е предвидено дека одредбите на овој закон за задолжителните осигурување не се однесуваат на Армијата на Република Македонија.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 63 од Законот задолжително се осигуруваат: патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај; корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорност за штети причинети на трети лица; и корисниците односно сопствениците на воздухоплови од одговорност за штети причинети на трети лица, а со членот 64 е предвидно дека сопствениците, односно корисниците на превозни средства на кои се применуваат одредбите за задолжително осигурување од овој закон, пред да го пуштат превозното средство во сообраќај, мораат да склучат договор за задолжително осигурување со друштвото за осигурување. Договорот се склучува под услови под кои Друштвото на осигурување го врши задолжителното осигурување.
Од означените законски одредби произлегува дека осигурувањето на имотите и лицата во основа е доброволно осигурување. Исклучок претставува задолжителното осигурување на патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај, на корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорност за штета причинета на трети лица и на корисниците, односно сопствениците на воздухоплови од одговорност за штети причинети на трети лица. Според тоа задолжителното осигурување Законот го воспоставува кога е во прашање исклучив интерес на државата преку кое се обезбедува заштита на животите и имотите на граѓаните. При тоа, во прашање се добра од поголема вредност и висок степен на ризик од користењето на моторните возила и воздухопловите и штетите што граѓаните можат да ги претрпат при нивното користење.
Според мислењето на Судот, моторните возила и воздухоплови што ги користи Армијата на Република македонија се имот на Републиката со посебна намена, и во атаа смисла се под посебен режим на користење и за штетите што настануваат од нивното користење Републиката обезбедува средства со Буџетот на Република Македонија. Исто така, според мислењето на Судот, Армијата на Република Македонија како корисник на патнички возила и воздухоплови не е во иста правна положба со другите корисници на моторни возила и воздухоплови кои подлежат на задолжително осигурување. Уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот обврзува на еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, раста, бојата на кожата, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот. Во случајов, со оспорената одредба, е предвиден исклучок од задолжителното осигурување на моторните возила и воздухоплови на Армијата што значи не станува збор за еднаква положба на граѓани, во смисла на член 9 од Уставот, поради што, според мислењето на Судот, не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведеното уставно начело.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мно зинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.185/95