183/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 11 и член 22 став 11 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 82/2008 и 106/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 52 и член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што оспорените законски одредби биле променети со исправка извршена од страна на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, со што бил надминат карактерот на исправката без да се спроведе постапка за измена на Законот и без негово прогласување со указ на претседателот на Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008).

Во Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Владата на Република Македонија, како предлагач, го предложила членот 6 со кој членот 15 се менува и гласи со нова содржина која има дванаесет става, а ставот 11 гласел:

„Начинот на издавање, одземање и продолжување на лиценците од ставот 4 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценците и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот“.

Од Стенографските белешки од третото продолжение на третата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 3 јули 2008 година, на која како точка 22 од дневниот ред бил Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, се гледа дека за предложениот член 6 став 11 немало амандмани и текстот е само оној кој бил во Предлог-Законот.

Во Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Владата на Република Македонија го предложила членот 9 со кој членот 22 се менува и гласи со нова содржина која имала дванаесет става, а ставот 11 гласел:

„Важноста на лиценците од овој член изнесува 5 години, со можност за продолжување за уште 5 години во постапка иста како и за добивање на лиценца“.

Судот од Стенографските белешки од седницата на Собранието на Република Македонија утврди дека за членот 9 став 11 од Предлог-Законот имало предложен амандман од група пратеници, кој претставникот на Владата го прифатил, и тој амандман станал составен дел на текстот на Предлог-Законот.

Амандманот гласел:

„Важноста на лиценците од овој член изнесува седум години, со можност за нивно продолжување за уште седум години во постапка иста како и за добивање на лиценца, освен надоместокот кој се плаќа еднократно“.

Од Стенографските белешки, исто така на крајот се гледа дека за Предлог-Законот вкупно гласале 71 пратеник, од нив 58 за, немало воздржани, а против биле 13 пратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија констатирал дека Законот бил донесен.

Двете одредби, членот 6 (член 15) став 11 и членот 9 (член 22) став 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење биле донесени во Собранието на Република Македонија со јасен текст, односно членот 6 бил непроменет од Предлогот, а членот 9 бил со амандман променет во Предлогот, и Законот во текстовите од овие одредби е неспорен и како таков бил усвоен во Собранието на Република Македонија.

Судот утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за градење бил донесен на седница на Собранието на Република Македонија на 3 јули 2008 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008 од 8 јули 2008 година.

Меѓутоа, во „Службен весник на Република Македонија“ број 106/2008 од 27 август 2008 година Законодавно – правната комисија на Собранието на Република Македонија објавила „Исправки на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење“.

Имено, по извршеното срамнување со изворниот текст, таа утврдила дека во текстот на Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008 биле направени грешки, поради што се даваат исправките.

Меѓутоа, во Исправките текстот на членот 6 и членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење бил ист како што Собранието на Република Македонија го усвоил и донесол.

Судот оцени дека проблемот настанал во објавениот, а не во донесениот текст. Законот, во објавениот „Службен весник на Република Македонија“ број 82/2008, имал текст кој не бил донесен во Собранието, па оттука и изворните одредби не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ онака како Собранието го донело. Заради тоа била интервенцијата на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија со Исправките да корегира, односно да го обнароди вистинскиот текст на одредбите донесени во Собранието. Формата на таа интервенција Комисијата ја остварила преку Исправки на одредбите на веќе првично објавениот Закон.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според членот 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 76 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Согласно членот 75 ставови 1 и 2 од Уставот, законите се прогласуваат со указ, а указот го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.

Согласно членот 118 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со одлука на Собранието се основаат постојани работни тела.

Со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2002) како постојано работно тело на Собранието на Република Македонија е основана Законодавно – правната комисија, во чија надлежност, покрај другото, е предвидено дека дава исправки на грешки во објавениот текст на закони или на други акти, врз основа на изворниот текст на усвоениот закон или друг акт на Собранието.

Од наведените одредби произлегува дека Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија како постојано работно тело чии членови се од редот на пратениците во Собранието, може да дава исправки на грешки во објавениот текст на Законот, што е направено и во конкретниов случај.

Со оглед на тоа што Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија во „Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008 објавила Исправки на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008) со која извршила исправка исклучиво на објавениот Закон во однос на оспорените одредби од членот 6 (член 15) став 11 и членот 9 (член 22) став 11 заради нивно сведување со текстот донесен од Собранието на Република Македонија, Судот оцени дека Законодавно-правната комсија не менувала текст на одредби од закон и не презела надлежности на законодавната власт, спротивно на Уставот, а со тоа и не ги повредила и останатите уставни норми и принципи.

Тргнувајќи од утврдената правна и фактичка состојба Судот утврди дека од аспект на наводите во иницијативата за оспорените одредби од Законот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.183/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски