183/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 13 од Упатството за условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/94).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на точката 13 од упатството означено во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената точка од Упатството била несогласна со Уставот и со закон затоа што го овластувала министерот за одбрана да ги пропишува условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 13 од Упатството надоместокот на еднократна парична помош во случај на настанување повреда и оштетување на организмот од член 15 од Уредбата се исплаќа врз основа на барање на граѓанинот кон кое се приложува наод, оцена и мислење на воено-лекарската комисија.

4. Согласно член 28 од Уставот одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Согласно став 2 на овој член од Уставот остварувањето на ова право и должност се уредува со закон.

Исто така, согласно член 122 став 2 од Уставот одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за одбрана кој согласно член 16, став 1, точка 4, алинеја 13 предвидува дека Владата на Република Македонија, меѓу другото, донесува уредби за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната.

Согласно член 2 став 1 алинеја 3 од Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/93 и 36/94), донесена од Владата на Република Македонија, граѓаните при извршувањето на правата и должностите од областа на одбраната имаат право на определени надоместоци (плата, односно надоместоци на плата, пензија, трошоци за превоз, исхрана и сместување, трошоци за обучување за одбрана, трошоци за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства, еднократна парична помош во случај на смрт или оштетување на организмот, стварни погребни и други трошоци и сл.).

Согласно ставот 2 на овој член од Уредбата условите, начинот и постапката за остварување на овие надоместоци ги пропишува министерот за одбрана.

Постапувајќи согласно Законот за одбрана и оваа Уредба, министерот за одбрана го донел оспореното упатство со кое го определил начинот на постапувањето во извршувањето на одредбата од член 2 од Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Уставот упатува остварувањето на правата и должностите на граѓаните на Република Македонија да се уреди со закон; дека Законот за одбрана ја овластува Владата на Република Македонија да донесува уредби со кои, меѓу другото, ќе ја определи висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната; дека врз основа на ова овластување, Владата на Република Македонија донела Уредба за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршувње на правата и должностите од областа на одбраната; дека со ставот 2 на членот 2 од Уредбата се овластува министерот за одбрана да ги пропише условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната; дека врз основа на ова овластување, министерот за одбрана го донел оспореното упатство.

Во членот 15 од Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната е регулирано под кои услови се остварува еднократната парична помош во случај на настапување на повреда и оштетување на организмот од најмалку 20% за време на извршување на воените должности, во смисла што истата изнесува 50% од просечната плата по работник во стопанството на Република Македонија, за последниот месец пред настанувањето на повредата.

Со оспорената одредба од Упатството, а при исполнетите услови од член 15 на Уредбата, министерот за одбрана определил на кој начин граѓанинот ќе го остварува тоа право (да поднесе барање кон кое ќе приложи наод, оцена и мислење на воено-лекарската комисија), поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Упатството.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.183/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков