У.бр.182/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, како во случајот, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука (членови 13 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија), односно казнено-поправниот однос се исцрпувал на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состоеле во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не било изречно утврдено во Уставот (член 54 став 1).

Понатаму во иницијативата се наведува дека со оглед на тоа што според оспорената законска одредба правните последици од осудата настапувале по сила на законот, а не како конкретна казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни, односно санкции, оспорената одредба не била во согласност со одредбите на членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 1, 32 став 2, 51, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата упатува на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.210/2001 од 6 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2002) со која бил укинат членот 101 став 2 во делот “И настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик.

Врз основа на изнесеното предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај е утврдено дека лиценца може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако меѓу другите го исполнува и условот: да не е во сила правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 утврдил дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а во ставот 2 од истиот член од Уставот е предвидено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Во ставот 5 е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 98 став 1 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а според ставот 2 судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Законот за превоз во патниот сообраќај во членот 1 утврдил дека со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Согласно членот 2 од Законот, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека ако со одделни држави не е склучен договор или спогодба од ставот 1 на овој член, превозот меѓу тие држави и Република Македонија се врши во согласност со овој закон и мултилатералните меѓународни договори ратификувани од Република Македонија почитувајќи го принципот на реципроцитет.

Согласно член 4 од Законот, домашен превозник може да врши превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски норми, Судот утврди дека оспорената одредба од член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај регулира одредена состојба како причина за одбивање на барањето за издавање на лиценца, што е право на законодавецот со закон да пропише определени критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување на неговото функционирање и елиминирање на степенот на загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот при специфичното професионално делување во сферата на патниот сообраќај.

Условот против превозникот (домашно правно или физичко лице) да не е во сила правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицата овластени со Закон, за ефикасно вршење на услугите во патниот сообраќај. Предвидувањето на овој услов спрема превозникот, не може да се прифати како ограничување на правата и слободите на индивидуите.

Според мислењето на Судот оспорената законска одредба не е во несогласност со Уставот затоа што со неа јасно е утврден причинскиот однос на забраната на превозникот да добие лиценца поради постоење на правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај.

Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца која, пак, не може да се добие ако постои правосилна судска пресуда на судот со која превозникот е осуден за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај.

Судот утврди дека оспорената законска одредба не е во несогласност со принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Ова од причина што одредбата не ги разликува граѓаните по основ на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Исто така, со оспорената одредба не се повредуваат членот 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот. Имено, токму оспорената законска одредба се повикува на донесена правосилна судска одлука, по кој момент едно лице може да се смета за виновно за сторено кривично дело. Донесената правосилна судска пресуда секако може да се однесува само за кривично дело утврдено со закон или друг пропис како казниво дело за кое е предвидена казна.

Во контекст на изнесеното Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во несогласност и со членовите 32, 51, 54 и 98 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнеесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2004
24 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова