182/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за именување членови во Управниот одбор на ЈП “Комуналец” Битола бр.07-553/1 донесена од Советот на Општината Битола на 2 јули 1998 година; точката 3 од Заклучокот за потврдување на одлуките за именување членови во управните одбори на ЈП “Нискоградба”, ЈП “Пазари” и ЈП “Комуналец” Битола бр. 07-680/2 донесен од Советот на Општината Битола на 31 јули 1998 година и Одлуката за склучување спогодба меѓу Општината Битола и новооснованите општини од која произлегле за регулирање на односите во јавните комунални претпријатија бр.07-680/4 донесена од Советот на Општината Битола на 31 јули 1998 година, објавени во “Службен гласник на Општината Битола” бр.4/98.

2. Јавното претпријатие “Комуналец” од Битола преку Васил и Софка Наумови адвокати од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, бидејќи оспорените акти не биле во согласност со член 9 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат. Имено, Општината Битола и единиците на локалната самоуправа кои произлегле од неа требало прво да склучат спогодба со која ќе ги регулираат статусот, работата и односите во јавните претпријатија а особено составот и бројот на членовите на управните одбори, а потоа да ги носи оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека во Одлуката за именување членови на Управниот одбор на ЈП “Комуналец” Битола, наведени се поименично девет членови на Управниот одбор. Со точката 3 од Заклучокот за потврдување на одлуките за именување членови во управните одбори на ЈП “Нискоградба”, ЈП “Пазари” и ЈП “Комуналец” Битола, се потврдува Одлуката за именување членови во Управниот одбор на ЈП “Комуналец” Битола бр.07-553/1 од 2 јули 1998 година. Со Одлуката за склучување спогодба меѓу Општината Битола и новооснованите општини од која произлегле за регулирање на односите во јавните комунални претпријатија, Општината Битола се обврзува да склучи Спогодба со новооснованите општини кои произлегле од неа заради регулирање на односите во јавните комунални претпријатија кои вршеле комунална дејност за подрачјето на сите новоосновани општини и општината од која произлегле. Заради организирање квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисувањето со објектите на комуналната инфраструктура од страна на јавните претпријатија, градоначалникот на Општина Битола и градоначалниците на новооснованите општини, Спогодбата од член 1 на оваа одлука да ја склучат во рок од 7 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.

Тргнувајќи од содржината на оспорените акти, Судот оцени дека за сите нив Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Имено, Одлуката за именување членови на Управниот одбор на ЈП “Комуналец” Битола е поединечен акт, а со точката 3 од Заклучокот само се потврдува Одлуката за именување членови во Управниот одбор на ЈП “Комуналец” претходно донесена од истиот орган односно од Советот на Општината без притоа да уредува било какви односи.

Што се однесува до третиот оспорен акт односно за Одлуката за склучување Спогодба меѓу Општината Битола и новооснованите општини од која произлегле за регулирање на односите во јавните комунални претпријатија, Судот оцени дека таа претставува само едностран израз на волја на Општината Битола да се склучи Спогодбата во рок од 7 дена, без притоа да уредува некакви односи за себе или за другите новоосновани општини.

Во врска со наводите во иницијативата дека оспорените акти не биле во согласност со членот 9 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат, бидејќи биле донесени пред да бидат склучени спогодби за статусот, работата и односите во јавните комунални претпријатија и јавни установи и организации, Судот укажува дека согласно истиот член, новооснованите општини и општината од која произлегле, овие спогодби ќе ги склучат во рок од три месеци од денот на конституирањето на советот на општината односно изборот на градоначалниците на општините.

Дали се конституирани советите на општините односно дали е избран градоначалникот и дали се склучени спогодбите во рок од три месеци од конституирањето на советот односно изборот на градоначалникот се фактички прашања за кои се грижи Владата на Република Македонија. Имено, согласно член 10 од Законот, доколку општините во рок од три мсеци од конституирањето на советот на општината односно изборот на градоначалниците не ги склучат спогодбите предвидени во член 9 од овој закон, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршењето на дејноста на комуналните јавни претпријатија, другите јавни претпријатија, јавни установи и јавни организации, а особено именувањето и разрешувањето на нивните органи на управување и раководење.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 182/98)