182/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување
а) уставноста на член 59 став 1 и став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) и
б) уставноста и законитоста на член 29 став 1 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/94).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 29 став 2 од статутот означен под б) во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието во општествена сопственост Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” – Пробиштип и Претпријатието во општествена сопственост “Рудници за олово и цинк САСА” Ц.О. – Македонска Каменица, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на: член 59 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што како критериум за определување на паричниот надомест поради помала плата на инвалидното лице, распределено на друго работно место, се земала разликата меѓу просечната плата што осигуреникот ја остварил во годината на осигурувањето која и претходи на годината во која настанала инвалидноста и просечната плата што ја остварува на другото работно место, а не разликата од чистиот личен доход што би го остварил на поранешното работно место и што го остварува на работното место на кое е распореден, што не било согласно со Уставот; ставот 5 на овој член од Законот се оспорува затоа што со лимитирањето на износот на паричниот надомест на инвалидното лице, се правела урамниловка во смисла што инвалидите на трудот и кога имале натпланско извршување на работните задачи, на место на кое биле распоредени, не можеле да добијат плата соред постигнатите резултати, што не било согласно со Уставот.
4. Судот на седницата утврди: а) дека согласно член 59 став 1 од Законот паричниот надоместок поради помала плата на друго работно место се исплатува во висина на разликата меѓу валоризираната просечна плата што осигуреникот ја остварил во годината на осигурувањето која и претходи на годината во која настанала инвалидноста и просечната плата што тој ја остварува на друго работно место на кое е распореден односно вработен и б) дека согласно ставот 5 на овој член од Законот, паричниот надоместок поради помала плата на друго работно место заедно со платата може да изнесува најмногу до највисоката плата на истото или слично работно место кај работодавецот.
Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, при што е определено дека тие права се утврдуваат со закон и со колективен договор.
Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Со ставот 2 на овој член Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.
Што се однесува до инвалидните лица, согласно став 3 на овој член од Уставот, Републиката им обезбедува посебна заштита и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот им ги гарантира правата на граѓаните поврзани со социјалната сигурност кои произлегуваат од социјалното осигурување во случај на болест, старост, инвалидност или друга причина за неспособност за работа, меѓутоа видовите на тие права, нивната содржина, условите за стекнување и користење, начинот и постапката за нивното остварување и за утврдување на нивниот обем, е оставено да се уредат со закон. Според тоа, и основното начело на кое се заснова уставниот однос кон социјалната сигурност и кон неспособните за работа како и кон посебната заштита на инвалидното лице е оставено да се уреди со закон.
Што се однесува до суштината на оваа одредба од Законот во смисла што како критериум при определувањето на овој надоместок на инвалидните лица ја зема валоризираната просечна плата и што врши негово лимитирање, Судот оцени дека заради отсуство на уставно определување на содржината, условите за стекнување, начинот на утврдување на одделни права од социјалното осигурување, нивното законско утврдување е целосна работа на законодавната политика, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на член 59 став 1 и став 5 од Законот.
5. Од Уставниот суд на Република Македонија, истиот подносител на иницијативата бара оценување уставноста и законитоста на: а) членот 29 став 1 од статутот означен во точката 2 од ова решение, затоа што при утврдувањето на паричниот надомест поради помала плата на инвалидното лице, како критериум се земал просечниот износ на платата по час што тој ги примал во текот на годината во првите три месеци, а не првиот месец, поради што не бил согласен со Уставот и со закон и б) ставот 2 на овој член од Статутот затоа што не предвидувал по истекот на боледувањето преку 60 дена, инвалидните лица да имаат право на надоместок на личниот доход, како разлика меѓу работното место на кое се распоредени и работното место на кое работеле додека не настапила инвалидноста, што не било согласно со Уставот и со закон.
6. Судот на седницата утврди: а) дека согласно член 29 став 1 од Статутот означен во точката 2 од ова решение, паричниот надомест поради помала плата на друго работно место во првата година на користењето се до конечното утврдување на надоместокот по завршната сметка за таа година, се исплатува како аконтација на надоместокот и за утврдување на разликата се зема просечниот износ на платата по час што тој ја примал во календарската година која и претходи на годината во која настапила инвалидноста, валоризирана на ниво на годината што и претходи на годината во која се исплатува аконтацијата на надоместокот и просечниот износ на платата по час што тој го примал во тековната година во првите три месеци од почетокот на работата на новото работно место.
Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, утврдени со закон и со колективен договор.
Во член 35 став 3 од Уставот е предвидено Републиката да им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Согласно член 59 став 4 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, паричниот надомест односно аконтацијата на паричниот надомест на инвалидното лице, задолжително се усогласува со текот на годината, со движењето на платите кај работодавецот.
Членот 16 од овој закон предвидува правото на паричен надоместок на плата, поради работа со скратено работно време и поради помала плата на друго работно место, осигуреникот да го остварува во Фондот и дека со општ акт на Фондот поблиску се уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување на инвалидните лица односно лицата со намалена работна способност и телесно оштетување.
Од наведените одредби, произлегува дека Уставот ја овластува и едновремено ја задолжува Републиката со закон да им обезбеди посебни права и заштита на инвалидните лица.
Врз основа на овие уставни одредби, законодавцот предвидел право инвалидните лица да добиваат надомест за разликата на личниот доход што го добиваат на работното место на кое се распоредени и на работното место на кое работеле до настапувањето на инвалидноста, при што упатува начинот на остварувањето на ова право да се уреди со акт на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Тој акт, во конкретниов случај, е Статутот на Фондот со кој во оспорениот член 29 став 1 како критериум за определување на надоместокот го зема просечниот личен доход што инвалидното лице го остварило во првите три месеци работа на работното место на кое е распоредено.
Со оглед на тоа што Уставот упатува правата од пензиското и инвалидското осигурување на граѓаните да се уредат со закон, а Законот за пензиско и инвалидско осигурување содржи изречна одредба со која го овластува Фондот со општ акт да го уреди начинот на остварувањето на овие права, Судот оцени дека не може да се постави прашањеето за уставноста и законитоста на член 39 став 1 од оспорениот статут.
б) дека согласно член 29 став 2 од Статутот, за време на привремена спреченост за работа до два месеца, надоместокот поради помала плата на инвалидното лице се исплатува во процент во кој е определен надоместокот место плата кај работодавецот.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја оцени уставноста на член 29 став 2 од Статутот не затоа што содржи норма која е несогласна со Уставот, туку затоа што не содржи норма за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана, согласно горенаведениот член од Уставот, Судот оцени дека барањето излегува надвор од доменот на надлежноста на неговото одлучување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.182/94, 183/94 и 184/94).