18/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 алинеја 3 и членот 43 став 4 алинеја 4 во деловите

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за дисциплинска одговорност и постапка, како целина и посебно член 1, член 6 став 6 алинеја 3 во деловите: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или“ и „угледот, честа или“ и член 29 од истиот правилник, донесени од Собранието на Комората на проценувачи на 29.12.2012 година.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за процена и за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот за дисциплинска одговорност и постапка означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во општата одредба на член 3 алинеја 3 од Законот биле содржани 11 начела, меѓу кои и начелото на чесност.

Според членот 43 став 4 алинеја 4 од Законот, дисциплинската мерка одземање на лиценцата за овластен проценувач ќе му се изрече на овластениот проценувач, ако остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или се занимава со трговија и посреднички дејности, што не е во согласност со угледот, честа или независноста на проценувачот, или ако склучува договори во свое име за други лица или под туѓо име за себе. Оспорениот дел: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност“ бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот. Имено, од уставно-правен аспект, не било разбирливо, зошто едно регистрирано друштво, во кое имало лиценцирани проценувачи и вештаци да не можело да врши и процена и вештачење и покрај тоа што ги плаќало уставните и законски давачки спрема државата. Дали плаќаш или не, не било важно, туку дали исполнуваш услови предвидени со закон. Оттаму, оспорениот дел бил неодржлив во правниот поредок и како таков требало да се елиминира.

Во иницијативата се наведува дека во Законот за процена, во ниту една одредба не било дефинирано што се подразбирало под поимите углед и чест, односно чесност, што значело дека наведениот оспорен дел бил нејасен, непрецизен и неприменлив во праксата. Поточно, не било јасно како дисциплинскиот орган ќе утврдел што не било во согласност со угледот и честа, односно чесноста на проценувачот. Притоа, поимот: „углед“ не бил спомнат ниту во основните начела на Законот. Оттаму, законодавецот вовел поими или начела кои со ништо не биле објаснети, а во правец какво значење би имале во примената. Тоа преставувало повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според тоа, оспорените делови немале основа во Уставот и како такви не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 51 од Уставот.

Истите причини и образложение се однесувале и на оспорените делови на членот 6 став 6 алинеја 3 од Правилникот.

Освен тоа, членот 29 од Правилникот, според кој, Правилникот влегува во сила со денот на донесувањето, не бил во согласност со член 52 ставови 1 и 2 од Уставот и членот 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“. Поради наведеното се доведувала во прашање целината на оспорениот правилник и истиот не можел да има правно дејство се додека не се објавел во наведеното службено гласило.

Понатаму во иницијативата се цитира членот 1 од Правилникот, според кој со Правилникот за дисциплинска одговорност и постапка се уредуваат дисциплинската одговорност, дисциплинските мерки, дисциплинските органи, дисциплинската постапка, застареност на гонењето, извршувањето на дисциплинските одлуки, како и други прашања во врска со работењето на овластениот проценувач. Меѓутоа, дисциплинските мерки, дисциплинските органи, застареноста на постапката, извршувањето на дисциплинските одлуки, како и други прашања во врска со работењето на овластените проценувачи можеле да се уредуваат само со закон и со колективен договор, согласно членот 32 став 5 од Уставот, а не со оспорениот Правилник.

Според наведеното оспорениот правилник во целина не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, со членот 49 став 3 од Законот за процена и со член 3 став 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето да се има предвид и членот 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија превземени врз основа на оспорените акти, заради отстранување на тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 3 алинеја 3 од Законот, при вршењето на процената овластените проценувачи се должни да се придржуваат кон следниве начела: законитост,стручност, чесност (алинеја 3), непристрасност, професионалност, независност, самостојност, економичност, одговорност, совесност и
ефикасност.

Според членот 43 став 4 алинеја 4 од Законот, дисциплинската мерка одземање на лиценцата за овластен проценувач ќе му се изрече на овластениот проценувач, ако остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или се занимава со трговија и посреднички дејности, што не е во согласност со угледот, честа или независноста на проценувачот, или ако склучува договори во свое име за други лица или под туѓо име за себе.

Одредбата се оспорува во деловите: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност“ и „угледот, честа или“.

Собранието на Комората на проценувачи, согласно член 49 став 3 од Законот за процена, на основачкото собрание, донело Правилник за дисциплинска одговорност и постапка.

Според оспорениот член 1 од Правилникот, со Правилникот за дисциплинскат одговорност и постапка се уредуваат дисциплинската одговорност, дисциплинските мерки, дисциплинските органи, дисциплинската постапка, застареност на гонењето, извршувањето на дисциплинските одлуки, како и други прашања во врска со работењето на овластениот проценувач.

Во оспорениот член 6 став 6 алинеја 3 од Правилникот е предвидено дека, дисциплинската мерка одземање на лиценцата за овластен проценувач, се изрекува на овластен проценувач ако остравува приход со вршење некоја друга постојана дејност, се занимава со трговија и посреднички дејности кои што не се во согласност со угледот, честа или независноста на проценувачот, или ако склучува договори во свое име за други лица или под туѓо име за себе.

Одредбата се оспорува во деловите: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или“ и „угледот, честа или“.

Според оспорениот член 29 од Правилникот, овој акт влегува во сила со денот на донесувањето.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со Законот за процена, се уредуваат вршењето на процена, областите, условите и начинот на вршење на процена, субјектите што вршат процена, условите и постапката за полагање на стручен испит заради издавање или одземање на лиценца за процена, награда и надоместок на трошоците за извршената процена, надлежноста, организацијата и работењето на Комората на проценувачи на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на процената.

Во членот 2 став 1 точка 3 од Законот е определено дека под изразот: „овластен проценувач“ се подразбира трговец поединец или трговско друштво кое поседува лиценца за процена за определена област издадена од надлежен министер.

Членот 21 од Законот ги уредува прашањата за добивање и одземање на лиценцата за процена.

Во членот 27 е уреден конфликтот на интереси. Според ставот 1 од овој член од Законот, проценувачот е независен и самостоен во вршењето на работата на процената во рамките на овластувањата утврдени со овој закон, а во согласност со Кодексот на етика за проценувачи.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, процена не може да врши:

1) друштво за процена, односно трговец поединец кој е основач на субјектот кај кој се врши процената;
2) друштво за процена кај правно лице кое е основач на субјектот кај кој се врши процена;
3) друштво за процена, односно трговец поединец чиј основач на субјектот истовремено е и основач на субјектот кај кој се врши процената;
4) проценувач кој во субјектот кај кого се врши процената бил во последните три години законски застапник, член на управниот, односно надзорниот одбор на тој субјект;
5) проценувач кој е во брачна врска, сродство по крв во права и странична линија заклучно до четврти степен, посвоител и посвоеник, роднини по сватовство до втор степен со законскиот застапник, член на управниот или надзорниот одбор на субјектот кај кој се врши процената;
6) проценувач кој е содружник, акционер или вработен кај субјектот кај кој се врши процената и
7) проценувач или овластен проценувач кој има директна или индиректна деловна врска или финансиски интерес со субјектот кај кој се врши процената.

Во членот 43 од Законот се определени видовите на дисциплински мерки, заедно со околностите од кои зависи видот на мерката што може да му биде изречена на проценувачот.

По однос на најстрогата дисциплинска мерка, одземање на лиценцата на овластен проценувач, во членот 43 став 4 е предвидено дека, таа мерка ќе му се изрече на проценувачот, ако:

– нестручно или несовесно ја врши процената спротивно на правилата на науката и струката, етичките норми, професионални стандарди и конфликт на интереси,

– со својата работа сериозно ја загрози довербата во неговата непристрасност и ако преземе дејствие кое според овој или друг закон не смеел да го преземе,

– не постапува според одлуки, наредби и заклучоци на надлежен суд или орган и

– остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или се занимава со трговија и посреднички дејности, што не е во согласност со угледот, честа или независноста на проценувачот, или ако склучува договори во свое име за други лица или под туѓо име за себе.

Тргнувајќи од анализата на цитираните одредби од Уставот и од Законот, наспроти аспектите од иницијативата, произлегува дека Уставот не уредува под кои околности може да се добие или одземе одреден вид на лиценца, туку остава законодавецот, во зависност од спецификата на областа со соодветен закон да ги уреди посебните услови.

Тоа што законодавецот предвидел одземање на лиценцата на овластен проценувач во случаите кога тој остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност, не може да се сфати како општа забрана за вршење на некоја друга дејност, туку преставува уредување на околност поради која би дошло до одземање на лиценцата, и тоа само ако таа друга постојана дејност, заедно со дејноста на проценувач, не би била во согласност со угледот, честа или независноста на проценувачот. Ова од причина што, првиот оспорениот дел од одредбата не може да се оценува самостојно, туку како целина со остатокот од одредбата, од каде јасно произлегува дека станува збор само за оние постојани дејности кои би можеле да ја доведат во прашање професионалноста на проценувачот. Треба да се има предвид и тоа што при вршењето професионални работи поврзани со процена на капиталот, кредитите, стечајни маси и друго проценувачот доаѓа до низа доверливи, специфични податоци кои се неспојливи со друга слична дејност. Но, и во таква ситуација тоа не би било доволно за одземање на лиценцата, туку неговото постапување треба уште да биде спротивно на угледот и честа на проценувачот или неговата независност.

Појаснувањето, пак, на поимите углед, односно чест, на проценувач, не е уставна проблематика. Честа и угледот се најчесто етички категории, кои, за потребите на конкретната професија, поблиску се определуваат според одредбите на кодексите на одделните професии. Но, начелото на чеснот е присутно и во Законот за облигационите односи, во членот 4 од Законот за спречување на судир на интереси, според кој, во извршувањето на јавните овластувања, службеното лице е должно да почитува повеќе начелата, меѓу кои, и начелото на чесност и други закони.

Од друга страна, покренатото прашањето во иницијативата зошто едно регистрирано друштво за процена да не може да врши и процена и вештачење содржи во себе барање за креирање на норма, што согласно членот 110 од Уставот, не е надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот член 3 алинеја 3 и член 43 став 4 алинеја 4 во деловите: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или“ и „угледот, честа или“ од Законот за процена се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот.

6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во иницијативата посебен предмет на оспорување е Правилникот за дисциплинска одговорност и постапка како целина и посебно член 1, член 6 став 6 алинеја 3 во деловите: „остварува приходи со вршење некоја друга постојана дејност или“ и „угледот, честа или“ и член 29 од истиот правилник, донесени од Собранието на Комората на проценувачи на 29.12.2012 година.

Оспорениот правилник е донесен согласно член 49 став 3 од Законот за процена, според која одредба, на основачкото собрание се усвојува, меѓу другото и Правилникот за дисциплинска одговорност. Овој Правилникот ја разработува главата VI-Дисциплинска постапка (членови 41-46) од Законот, која се води и спроведува на точно определен круг на субјекти, односно само по однос на проценувачите.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба. Имено, имајќи ја предвид содржината на оспорениот акт произлегува дека истиот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на субјекти во правото на општ начин и не се однесува на неопределен број на субјекти во правото, туку како интерен акт се однесува исклучиво на дисциплинската постапка која се спроведува спрема проценувачите.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник е интерен акт, истиот не подлежи на објавување во смисла на член 52 ставови 1 и 2 од Уставот од каде во иницијативата неосновано се укажува на повреда на оваа уставна одредба, како и на повреда на член 3 став 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Судот, врз основа на наведеното оцени дека по однос на барањето во иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Правилникот, како целина и посебно оспорените членови не е надлежен да постапува од што произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.18/2014
17 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева