18/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 65 став 5, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од законската одредба на член 65 став 5 од Изборниот законик, не бил во согласност со Уставот, од причина што од членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот произлегувало дека нивната содржина ја истакнувала вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, според подносителот на иницијативата, освен што било само едно од субјективните човекови права, туку истовремено претставувало и темелна вредност на демократското општество кое уживало универзална заштита. Токму и основната улога на државата, според наводите во иницијативата, била гаранција на заштитата на интегритетот и достоинството на начин со кој се обезбедувала заштита во случај кога овие вредности биле загрозени од друг, како и избегнување на поединецот да му се наметнуваат права и обврски, како во случајов, да даде писмена изјава заверена кај нотар, во согласност со закон дека не соработувал со органите на државната безбедност. Обврската за нивното соопштување од страна на кандидатите имало ефект врз однесувањето на поединецот-кандидат, што, според иницијативата, било проблематично од аспект на заштита на човековото достоинство.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот дел од законската одредба се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 5, член 11 став 1, член 22, член 25, член 51 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 65 став 5 од Изборниот законик.

3. Судот на седницата утврди дека според член 65 од Изборниот законик се предвидува:

„(1) Листата на кандидатот, односно кандидати се поднесува на пропишан образец од Државната изборна комисија.
(2) Кога подносителот на листа на кандидат, односно кандидати е политичка партија мора да приложи потврда за регистрација од надлежниот суд.
(3) Кога подносител на листа на кандидат, односно кандидати е коалиција мора да ја приложи изјавата од членот 60 став 3 на овој законик.
(4) Кога подносителот на листа на кандидат, односно кандидат е група избирачи, мора да се поднесе и потребниот број на потписи утврден во членот 61, односно членот 62 на овој законик.
(5) За секоја кандидатура е потребна писмена согласност (изјава) на кандидатот која е неотповиклива и писмена изјава заверена кај нотар во согласност со закон дека не соработувал со органите на државната безбедност.
(6) Редоследот на кандидатите во листата на кандидати го утврдува подносителот на листата во согласност со членот 64 на овој законик“.

4. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно член 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните, непосредните и демократски избори.

Со одредбата од членот 11 став 1 од Уставот која е содржана во Глава II од Уставот со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2).

Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Во членот 62 став 5 од Уставот, е утврдено дека начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Поаѓајќи од уставните норми произлегува дека власта се остварува преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување, кое е уставен принцип врз основа на кој е уредена и организацијата на државната власт.

Во правниот поредок на Република Македонија, спроведувањето на изборите е регулирано со Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 155/2008-исправка и 163/2008-исправка).

Според членот 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседтел на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје, за начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Во дел V од Изборниот законик, со наслов „Кандидирање“, во членот 57 е определено предлагањето на кандидати за избор на претседател на Републиката, кандидати за пратеници, кандидати за членови на совет и за градоначалник се врши со поднесување на листа на кандидат за претседател на Републиката, листа на кандидат за пратеници, листа на кандидати за членови на советот, односно листа на кандидат за градоначалник.

Оспорениот член 65 од Законот е поместен во точката 5, во делот V на Изборниот законик, со наслов „Постапка за поднесување на листата“. Оттука, со членот 65 од Изборниот законик се уредени прашањата во врска со постапката за поднесување на листата на кандидати за избор на претседател на Републиката, кандидати за пратеници итн. како и прашањето што треба приложено да содржи листата на кандидати, во зависност од тоа дали станува збор за подносител на листа – политичка партија, коалиција или група на избирачи.

Во оспорениот член 65 став 5 од Законот, се предвидува дека покрај писмената согласност (изјава) на кандидатот и за секоја кандидатура е задолжително кон листата на кандидати да се достави односно приложи и писмена изјава заверена кај нотар во согласност со закон дека предложениот кандидат не соработувал со органите на државната безбедност, што според Судот, претставува дополнителен услов кој треба кандидатите да го исполнуваат.

Од уставно-судската анализа на оспорената одредба од Изборниот законик, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, според Судот, произлегува дека со оспорениот дел на законската одредба на членот 65 од Изборниот законик не се повредуваат граѓанските слободи и права утврдени со Уставот, односно уставното начело на политички плурализам и слободните непосредни и демократски избори, определени во членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот. Предвидувањето на обврската за приложување на писмена изјава на кандидатот дека не соработувал со органите на државната безбедност, според Судот, е оправдано и истото е во согласност со уставните принципи содржани во членовите 11 став 1 и 25 од Уставот.

Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основ и смисла на гарантирањето на човековите права од една страна. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што е гарантирано во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот, во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски.

Правото на приватност го подразбира правото на секој човек на личен и семеен живот, како правото на достоинство и углед. Во согласност со тоа, Уставот на Република Македонија на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Во функција на тоа, Уставот ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци и содржи изречна забрана за нивна злоупотреба против личниот интегритет на човекот и неговото достоинство. Впрочем, утврдувањето на еден конзистентен систем на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот претставува ограничување на функциите на власта, вклучувајќи ги тука и избрани претставнички органи, па оттаму и двете суштествени гаранции изразени во Уставот. Првата е дека слободите и правата утврдени со Уставот се остваруваат врз основа на него и дека начинот на остварувањето на одделни слободи и права може да се пропише само со закон и тоа само кога тоа е предвидено со Уставот или кога тоа е неопходно за нивното остварување и второ дека слободите и правата не можат да се одделат или ограничат, односно може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според тоа, заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот врз основа на уставните гаранции не е обична уставна декларација, туку ефикасен, заштитен механизам за чие дејствување се одговорни сите општествени субјекти.

Меѓутоа, барањето, во оспорениот член од Изборниот законик, на писмена изјава заверена, кај нотар во согласност со закон дека кандидатот за избор на претседател на Република Македонија, пратеник, член на Совет, градоначалник, не соработувал со органите на државната безбедност, според Судот не се бара од аспект на наводите во иницијативата и истата не е со цел за повреда на човечкото достоинство и моралниот интегритет на личноста. Ова од причини што, изјавата во конкретниов случај се бара и е неопходна како лична потврда од лицето дека преку соработка со тајните служби не прекршил или ограничил права на граѓаните поради политички или лични интереси, како гаранција дека може да му биде доверено вршење на функцијата за која истиот се кандидирал на парламентарни, односно локални избори, а која всушност е во функција на зајакнување на демократијата и сигурноста на заштитата на човековите слободи и права.

Според Судот, во конкретниов случај станува збор за посебен вид на изјава чија содржина е утврдена со закон и која е единствена за сите лица на кои се однесува и обврската за нејзиното доставување е временски ограничена. Оттука, доставувањето на оваа писмена изјава, треба да се сфати како посебна изјава која претставува личен однос на поединецот во однос на процесот на обезбедување и зацврстување на демократијата во државата и која значи јавно искажување на лицето за неговиот интегритет, компетентност, соодветност и лојалност, непристапност и правичност кон заштита на човековите права, како елементи од кои зависи успешното завршување на јавната функција во демократски услови.

Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на законската одредба на член 65 став 5 од Изборниот законик со член 8 став 1 алинеи 3 и 5, член 11 став 1 и член 25 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.18/2009
14 април 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски